fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
annotation 6

Среќна Нова година градоначалници!

Граѓаните на Скопје, Тетово, Велес, Куманово, Струмица и Битола делат иста судбина –  речиси секојдневно дишат отровен воздух и се жртви на лажните предизборни пароли на актуелните градоначалници кои без исклучок ветуваа чист воздух и здрава животна средина.

Екипата на Институтот за комуникациски студии реши со снимање на загадувањето со дрон во последните денови од декември да им докаже на градоначалниците, но и да ги потсети гласачите дека повеќе од една година од локалните избори ништо конкретно не е направено да се смени катастрофалната состојба.

Заедничко за сите градоначалници е што доаѓаат од владејачките СДСМ и ДУИ, што само дополнително ја зголемува одговорноста на двете партии кои од позиција на власт на локално и на централно ниво не покажуваат способност да се справат со загадувањето на воздухот.

Тие сега креваат раменици и тврдат дека станува збор за проблем кој не може да се реши преку ноќ, но сосем различна беше приказната што им ја продаваа на граѓаните во предизборната кампања.

„Обезбедуваме чиста и здрава вода за пиење и чист воздух, зашто тие се клучни за здравје и за живот. За нас ништо не е поважно од здравјето на луѓето. Граѓаните се јасни и сериозни во своите барања, а ние одговорно го слушаме и го разбираме крикот за чиста животна средина“.

Овие три реченици ги има во изборните програми „Живот за сите“ на сите градоначалници од редовите на СДСМ: Петре Шилегов (Скопје), Максим Димитриевски (Куманово), Аце Коцевски (Велес), Коста Јаневски  (Струмица)  и Наташа Петровска (Битола).

За вистински да го чујат крикот и плачот на граѓаните можеби треба да се најде механизам градоначалниците почесто да ги посетуваат болниците кои секој ден стануваат се пополни со деца и возрасни заболени од респираторни и малигни заболувања, но и гробиштата со оглед на тоа што веќе е докажано дека илјадници граѓани секоја година умираат како директна последица на загадувањето.

Посебна приказна е градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која доаѓа од редовите на ДУИ и тера веќе втор мандат што само ја зголемува нејзината одговорност за фактот дека Тетово веќе со години се наоѓа високо на листите на најзагадени градови во Европа.

Таа ветуваше средување на сообраќајниот хаос, подземни гаражи и што уште не, но од тоа ништо не се реализира, а за време на нејзиниот мандат Тетово стана град препознатлив по тоа што од загадувањето умираат двојно повеќе луѓе споредено со просекот во Македонија.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски пред неколку дена изјави дека Општина Куманово прави се за да се намали загаденоста.

-Во Куманово се засадени 150 садници од бреза во населбите  Карпош и во населбата Диво насеље со цел да се намали загадувањето на воздухот. Градот има поднесено 27 пријави и ќе бидат казнувани сите кои несовесно се однесуваат. Во градот веќе се врши прскање со аеросоли во вечерните часови на местата каде загадувањњто на воздухот е најголемо – изјави Димитриевски.

Сепак, очигледно е дека станува збор за паушални мерки, со оглед на тоа што снимката открива дека Куманово е заробено од отровни облаци.

Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски пред изборите исто така најави поставување зелени ѕидови покрај пешачки зони и покрај индустриски зони кои се блиску до урбани средини. Тој најави и зелени кровови како алтернативно решение за озеленување.

Дронот открива дека повеќето кровови во Струмица се уште се од ќерамиди, како и дека токму од оџаците доаѓа загадувањето и покрај тоа што локалната власт подолг период се фали дека оваа општина е гасифицирана.

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска пред изборите најави дека доведувањето на природен гас до секој дом, институција и претпријатие ќе биде нејзин приоритет бидеќи затоплувањето на дрва и нафта е главен причинител за загадувањето.

Таа тогаш констатира дека јавниот општински патнички превоз во општина Битола е неефикасен, некоординиран и со застарени возила, при што за жителите на приградските и руралните населби претставува вистинска авантура обидот да пристигнат во друг дел на нашата општина користејќи го јавниот автобуски превоз.

„Застарениот и несоодветен возен парк е еден од клучните чинители за енормното аерозагадување во нашиот град. Токму затоа, локалната самоуправа ќе обезбеди т.н. еколошки возила“.

Засега од гасификацијата на Битола нема ништо, а единствени „еколошки возила“ се оние старудии што на Битола и ги додели град Скопје, по што Петровска се заблагодари и ги врати назад.

Велешани се можеби најтруените граѓани во Македонија ако се земе предвид дека денес се уште дишат олово и цинк од отпадот од некогашната топилнициа. Не треба да се заборави и загадувањето од фабриката за вар и каменолом која, според тврдењата на граѓаните продолжува да работи без дозвола.

Се наметнува дилемата како градоначалникот на Велес, Аце Коцевски планира да направи од Велес здрава средина, како што ветуваше пред изборите кога една година му е малку време да реши два клучни проблеми во овој град.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во изборната кампања меѓу другото вети дека на постојаното намалување на зелените површини во градот, ќе одговори со градење зелени ѕидови.

„По примерот на современите метрополи, ќе ги покриеме безличните ѕидови со природно зеленило. Заедно со граѓаните ќе ги одбереме зградите на кои ќе се постави зеленилото. Ќе се стремиме и објектите под надлежност на државата да добијат зелен лик“, пишува во неговата предизборна програма.

Спротивно на тоа, во Скопје како никогаш досега не се сечело зеленило за да се градат станбени и деловни објекти чии ѕидови високи по неколку десетици метри дополнително го спречуваат струењето на воздухот.

„Целосно се посветуваме на решавање на проблемот со високата концентрација на ПМ-честитките во воздухот, во Скопје. Го симнуваме од второто место на непопуларната листа на најзагадени градови во Европа. Во градот ги носиме најреволуционерните патенти за прочистување на воздухот на денешнината, применети во најзагадените градови во светот, каков што е, на пример, градот Пекинг. Прочистувачите функционираат по принципот на заробувањето на честичките во воздухот и со вградените технологии го прочистуваат воздухот во нивната непосредна близина“, пишува во програмата на Шилегов.

Иако борбата против загадувањето треба да биде приоритет број еден, од револуционерните прочистувачи засега нема ништо.

Содржините ги изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Владимир Николовски

Сподели