fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
troski od budzetot za aerozagaduvanjeto

„Трошки“ од буџетот за борба против аерозагадувањето

Во 2021 година Владата планира од буџетот на државата кој тежи четири милијарди и 25 милиони евра да одвои само 16,1 милиони евра за Министерството за животна средина, што е зголемување од 7,3 отсто во однос на годинава. Со тоа продолжува практиката на незначително зголемување на буџетските средства за справување со еколошките проблеми во земјава и покрај декларативните заложби на власта дека заштитата на животната средина е приоритет.

 Буџет на министерството за животна средина
година милиони евра разлика
2021 16,1 7,30%
2020 15 11,10%
2019 13,5 50%
2018 9 15,30%
2017 7,8 -13,30%
2016 9

 

Имено, математиката покажува дека од државниот буџет со години наназад се одвојува помалку од 0,5 отсто за екологија.

Учество на Министерството за животна средина во општиот буџет
година учество
2021 0,40%
2020 0,36%
2019 0,36%
2018 0,26%
2017 0,23%
2016 0,28%

 

Иако парите за некои мерки и проекти кои посредно треба да придонесат за заштита на животната средина се дел од буџетите на други министерства, тоа сепак е недоволно за радикални промени. Во времето кога беше опозиција, СДСМ најавуваше системски пристап за подобрување на состојбата со заштита на животната средина, со главен акцент на борба против аерозагадувањето. Се ветуваа формирање ургентен фонд, гасификација на градовите, поволни кредити за „еколошки  инвестиции“… Денес, сè уште нема реализација на поголем дел од ветувањата.

Постојано се кратат средства за заштита од аерозагадувањетo

Една буџетска програма на Министерството за животна средина, која е многу актуелна во овој момент поради енормната загаденост на воздухот, доживеа трансформација. Во буџетот за 2021 година ја нема „Програмата за мониторинг и заштита од аерозагадување“, а има нова програма „Квалитет на воздух“  која изнесува 1,26 милиони евра. Оваа сума е на нивото на планираните 1,2 милиони евра за мониторинг на аерозагадувањето предвидена со основниот буџет за 2020 година. Сепак, со вториот ребаланс на буџетот за годинава, сумата се сведе на 611.000 евра, или беше скратена за 49,8 отсто. Всушност, освен во 2019, секоја година, при ребаланс на буџетот се кратеа средства токму од оваа ставка.

Пари од буџетот за мониторинг и заштита од аерозагадување
основен буџет ребаланс разлика
2020 – 1.217.000 евра 2020 – 611.000 евра -49,80%
2019 – 565.000 евра 2019 – 810.000  евра 43,30%
2018 – 630.000 евра 2018 – 273.000 евра -56,70%
2017 – 397.000 евра 2017 – 301.000 евра -24.1%
2016 – 444.000 евра 2016 – 442.000 евра -0,45%

 

Од Министерството за животна средина велат дека по консултација со Министерство за финансии извршено е усогласување на програмите и потпрограмите во буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање, така што програмата „Мониторинг и заштита од аерозагадување“, е дел од потпрограма „Квалитет на воздух“, а која пак е составен дел на програмата 2 – Заштита на животната средина

Програма „Квалитет на воздух“

  • 423.000 евра се предвидени за набавка на делови и нови мерни инструменти за мониторинг станиците
  • 630.000 евра за Програма за фосилни горива

Пресметката покажува дека за мерење и заштита од аерозагадување до година се планира да се потрошат 30 отсто помалку пари од годинава, иако и оваа година, токму за оваа намена, се преполови буџетот. Тоа значи дека во 2021 година на секои потрошени 10.000 евра од страна на Владата, едно евро ќе биде за мониторинг и за заштита од аерозагадувањето. Годинава пак на потрошени 10.000 евра, 1,4 евро било за мониторинг, додека рекордна година е 2019 кога за оваа намена се трошеле 2,1 евро на секои потрошени 10.000 евра буџетски пари. Претходно во 2018 и во 2017 година, сумите изнесувале под едно евро.

Учество на мерката мерење и заштита од аерозагадување во однос на општиот буџет
година учество
2021 0.01%
2020 0.014%
2019 0.021%
2018 0.008%
2017 0.0091%
2016 0.014%

 

Бавно оди набавката на нови мерни станици

Во моментов, дополнително проблем околу мониторингот на аерозагадувањето е и тоа што дел од државните мерни станици не работат. Да биде уште полошо, до почетоков на декември, за набавка на нови инструменти за мерните станици потрошени се само 23,3 отсто од планираните пари за 2020 година.

Пари за набавка на нови инструменти за мерните станици
Буџет Реализација Остаток
2017 210.000 195.000       92,8% 15.000
2018 188.000 184.000 4.000
97,80%
2019 587.000 501.000 86.000
85,30%
2020 во тек 460.000 107.000 353.000
23.2%

 

„За остатокот од средствата е веќе потпишан договор за набавка на нови инструменти за мониторинг станиците и се чека испорака на инструментите со што средствата за 2020 година ќе бидат потрошени“, велат од Министерството за животна средина.

Сепак, ако не се потрошат до 31 декември 2020 година, овие 353.000 евра ќе пропаднат бидејќи нема да можат да се пренесат во наредната година.

Ако буџетот е слика за политичката и програмската определба на Владата изразена преку пари, станува јасно дека екологијата, а пред се борбата против аерозагадувањето се‘ уште не можат да се вбројат меѓу нејзините примарни цели.

Новинар: Горан Теменугов

Сподели