Белград на почетокот на 2020 година беше прогласен за најзагаден град во светот, според веб-страницата „Аirvisual“, а сега е под закана да ги загуби „белите дробови на градот“ - шумата Кошутњак. Свесни дека нивната акција е единствената што може да застане на патот на инвеститорите, здружените граѓани и заинтересираните организации се наоѓаат во екот на борбата за здрава животна средина.

Unistuvanjeto na zeleniloto zaednicka maka za Belgrad Skopje i cel Balkan 1

Дали престолнината на Србија е на пат да стане сив град?

Деталниот план за регулација на комплексот „Авала филм“, кој предвидува изградба на приближно 420.000 м2 станбени објекти и 150.000 м2 комерцијален простор на подрачјето на градската шума Кошутњак во Белград, е изложен на јавен увид. Предвидено е дека со интензивната изградба, постојните 34,7 хектари на шумска површина ќе се намалат на дури десет пати помала површина, односно на 3,4 хектари. Поточно - се планира изградба на објекти што ќе зафаќаат осум и пол пати поголема површина од онаа што сега е изградена на таа локација.

Спроведувањето на Планот ќе предизвика непоправлива штета на животната средина во градот во кој воздухот честопати се оценува како многу загаден. Таквиот воздух може да предизвика сериозни здравствени проблеми и кај здрави луѓе. Затоа се препорачува да се избегнуваат сите физички активности во надворешната средина и да се скрати престојот на отворено, сè додека не се подобри квалитетот на воздухот.

Unistuvanjeto na zeleniloto zaednicka maka za Belgrad Skopje i cel Balkan 531.01.2020 - Белград со коефициент на загадување од 399 беше најзагадениот град во светот, пред Делхи (Индија) со коефициент од 195

Анализата на планската документација заклучува дека развојот на филмската индустрија не е главната цел на изградбата на комплексот, како што е посочено во воведот, туку изградбата на комерцијален и станбен простор. Исто така, со изградбата на објекти, површината под дрвјата ќе се намали за 17 хектари иако зелените површини на Белград моментално сочинуваат само 18,5% од вкупната територија на градот.

Анализирајќи ја моменталната состојба во Белград, се чини дека надлежните органи, заедно со инвеститорите, не разбираат дека целата зелена површина на територијата на градот не треба да ја гледаат само како терен за градење. Покрај тоа што дрвјата се „филтер“ на градскиот воздух, тие играат значајна улога во спречувањето на формирањето на топлински острови. Ова се градски површини што се загреваат и достигнуваат значително поголема температура во однос на околината, и сето ова е како резултат на сообраќајот и недостатокот од зеленило. Бетонските плочи, по загревањето, испуштаат топлина назад, додека дрвјата апсорбираат дел од топлината.Поплочувањето на зеленилото е белградски тренд, чијашто сегашна жртва е градската шума Кошутњак.

Unistuvanjeto na zeleniloto zaednicka maka za Belgrad Skopje i cel Balkan 5Поплочен плоштадот на ,,Републиката” во Белград

Еколошко – правна проблематика на Планот

Предметниот план не е во согласност со Стратегијата за пошумување на подрачјето на Белград, којашто се заснова на рационалното искористување на шумските ресурси, заштитата на биодиверзитетот и подигнувањето на квалитетот на животната средина, а предвидува и заштита на системот на зелените површини на градот и развој на шумарството на територијата во Белград. Имајќи предвид дека во периодот од 2011 до 2021 година е предвидено да се пошумат 50.000 хектари од градската територија, но со оглед на тоа дека до 2017 година ќе бидат пошумени само 730 хектари, јасно е дека планираната дефорестација на шумите е во спротивност со Стратегијата.

Во Уредбата за еколошка мрежа се наведува Кошутњак како еколошки значајна област на територијата на Белград, заштитено подрачје со цел зачувување на комплексите под шумска вегетација, како важно живеалиште за зачувување на разновидноста на фауната на цицачи, птици, влекачи, водоземци и инсекти, и поради тоа има смисла да се запрашаме дали правните акти што ја регулираат и уредуваат екологијата во Србија треба да се донесат само заради формалност, или е можно нивно спроведување.

Со извршувањето на планот исто така би се прекршиле одредбите на меѓународните конвенции што Србија ги ратификуваше, меѓу кои се: Рамковната конвенција на ООН за климатски промени, Конвенцијата за биолошка разновидност, Конвенцијата на ООН за борба против дезертификација. Покрај тоа, Србија е во процес на евроинтеграција, и соодветно на тоа, евентуалното спроведување на планот би било спротивно на политиките и регулативите на ЕУ, која важи за глобален лидер кога станува збор за борба против климатските промени, и би го забавила и оддолжила патот на Србија кон ЕУ.

Законот за стратегиска проценка на влијанието врз животната средина предвидува дека постапката за проценка на влијанието на одредени планови и програми врз животната средина се спроведува со цел да се обезбеди заштита на животната средина и да се промовира унапредувањето на одржлив развој. Документацијата приложена кон планот не содржи согласност со извештајот за стратегиска проценка, дадена од органот надлежен за заштита на животната средина, без која планот не може да се упати во понатамошната постапка за усвојување.

Граѓаните во борба за зеленилото на Белград

Граѓаните спонтано групирани во рамките на неформалното здружение „Битка за Кошутњак“ се собраа со заедничка желба да се зачува шумското зеленило, сфаќајќи дека Планот е спротивен на јавниот интерес. Најефективните активности во рамките на борбата досега се потпишувањето на иницијативата за одбрана на Кошутњак и собирањето на поплаки од граѓаните во процесот на јавен увид во планот. Од моментот кога постапката за јавен увид беше воведена во српското законодавство за многу краток временски период беа поднесени 10.000 приговори, што не се случило за ниту еден сличен план досега. Граѓаните се посветени на почитување на законот, изготвување извештаи за стратегиската проценка на животната средина со точни податоци за состојбата на животната средина, заштитените видови и нивните живеалишта. Петицијата ја потпишаа повеќе од 50.000 граѓани, а авторите на петицијата, иницијативата „Не давимо Београд“, имаат за цел симболична бројка од 100.000 илјади потписи, кои би ја означиле победата на интересот на граѓаните над интересите на инвеститорот.

Самоиницијативната организација на граѓаните во овој случај докажува дека барем една од целите на Програмата за заштита на животната средина на Град Белград е веќе достигната. Тоа е веќе развиена свест на граѓаните за важноста на зачувувањето и подобрувањето на животната средина со подготвеност самите да земат учество во тој процес.

Unistuvanjeto na zeleniloto zaednicka maka za Belgrad Skopje i cel Balkan 5

Западен Балкан: Природата го возвраќа ударот назад

Ситуацијата е слична во земјите од регионот.

Проектот за уредување на главниот плоштад во престолнината на Северна Македонија, „Скопје 2014“, му донесе класичен изглед на градот, но му одзеде дрвја стари над 50 години, што ја намали зелената површина на центарот на градот за 50%.

За да се изградат две нови згради во склоп на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, пресечени се околу 40 дрвја. Овие и слични примери го доведоа Скопје на врвот на светската табела на градови со најзагаден воздух. Тие, исто така, доведоа до потребата од усвојување на посебен протокол во Скопје, кој се активира во случаи на екстремно загадување на воздухот, и кој предвидува оправдани отсуства од работа за бремени жени, за лица над 60 години, астматичари и лица кои преживеале срцев удар или мозочен удар. Во такви случаи, се препорачува настаните да не се одржуваат на отворено, а лицата со задолженија надвор да работат на отворено само од 11 часот претпладне до 17 часот попладне.

Unistuvanjeto na zeleniloto zaednicka maka za Belgrad Skopje i cel Balkan 5Дел од проектот „Скопје 2014“

Откако беше прогласена за најзелена престолнина на Европа во 2017 година, во 2019 година, според истражувањето на Програмата за заштита на животната средина на Обединетите нации, беше утврдено дека загадувањето на воздухот во Сараево е директно одговорно за една од петте предвремени смртни случаи. На почетокот на 2020 година, Сараево беше прогласен за град со најзагаден воздух во светот, со коефициент на загадување од 455.

За крај, имајќи предвид дека ЕУ планира да усвои Зелена агенда специјално наменета за Западен Балкан по Зелениот европски договор, се надеваме дека системот на мерки и цели во агендата ќе го вклучи и регулира прашањето за урбаното зеленило и со тоа ќе ги охрабри земјите во регионот да тргнат напред, чекорејќи по зелениот пат.

 

Јелена Jеремиќ – биолог