Антикорупционерите чекаат одговори од Сарај за дивите платформи на Матка
Претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата вчера биле во општина Сарај за да добијат одговори од градоначалникот Блерим Беџети зошто не се постапува по дивопоставените платформи на кањонот Матка и да испитаат дали има незаконско работење и елементи на корупција.
„Од она што го разбравме од посетата на Општината, станува збор за обемен предмет и за повеќе објекти и платформи. Побаравме бројна документација која општината треба да ни ја достави следниве денови. Многу е рано да се изнесат какви било заклучоци бидејќи потребен е одговор и од други институции. Комисијата ќе продолжи и понатаму да го истражува овој случај“, вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Информации во врска со платформите антикорупционерите побарале и од Министерството за транспорт и врски и од Министерството за животна средина.
Во меѓувреме, од општина Сарај за СамоПрашај.мк изјавија дека стручните служби се уште не ги разгледале барањата за легализација на платформите. Пред 20 дена, градоначалникот Беџети рече дека овие платформи нема ниту да ги легализира, но ниту пак ќе ги урива. “Нашиот инспектор констатирал дека имало процес на менување на штици на две платформи. Без разлика што лично сметам дека не ги исполнуваат условите за легализација, засегнатите лица имаат елаборат и побарале легализација и ние ќе одговориме”, рече тогаш Беџети, кој најави дека е можно е да одолговлечи целата процедура доколку подносителите го искористат правото на жалба до второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски.
Од одговорот на стручните служби во општината, зависи дали и како ќе постапат уште десетина институции кои се надлежни да се грижат за кањонот Матка кое е заштитеното подрачје. За потсетување, Министерството за транспорт и врски го повика Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да излезе на терен, но наместо тоа тие побараа одговор од општината. Во одговорот кој го добија од 5 март оваа година беше наведено дека службено лице од општината Сарај излегло на терен и констатирало дека за трите платформи била побарана легализација, а за едната веќе има и решение со кое е одбиено барањето.
Записник за констатација бр.22-04 од 05.03.2019год. во кој е утврдено дека на Кп 971, Кп 1069, Кп 1070/1, Кп 1087, Кп1088 Ко Матка е изведена платформа со површина од 190 м2, за која платформа од страна на градителот согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти е поведена постапка во општина Сарај под бр.2105-9805 од 24.12.2018год.
Записник за констатација бр.22-05 од 05.03.2019год. во кој е утврдено дека на Кп 1088 Ко Матка е изведено плато со помошни објекти со површина од околу 120 м2, за кое плато од страна на градителот согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти е поведена постапка во општина Сарај под бр.2105-9316 од 08.02.2018год.
Записник за констатација бр.22-06 од 05.03.2019год. во кој е утврдено дека на Кп 1088 Ко Матка е изведена платформа за која од страна на општина Сарај е донесено решение бр.2105-8026 од 06.10.2017год. согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
Извор: Државен инспекторат за градежништво и урбанизам
Министерството за животна средина и просторно планирање иницираше нов закон со кој Матка повторно ќе се прогласи за заштитено подрачје и ќе содржи утврдат јасни насоки и орган кој ќе управува со Кањонот. Законот се очекува да се најде на владина седница во текот на летниот период.
Види повеќе за истата тема:
Беџети: Платформите на Матка нема да ги легализираме, но засега нема ни да ги урнеме
На „мала врата“ сакаат да протнат легализација на дивите платформи на Матка
Матка ја откри неспособноста на институциите
Општина Сарај го игнорира Шилегов и не ја руши дивоградбата на Матка
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка и фото: Марија Севриева