fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
covekot ke stigne na mars dodeka skopje featured1

Човекот ќе стигне на Марс додека Скопје стане зелен град

Ќе стане ли Скопје зелен град е прашање чијшто одговор зависи од многу предизвици нотирани во Акцискиот план за зелен град изработен од претходната градска администрација во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), но и од политичката волја и подготвеноста на новата градска власт да продолжи со активностите дефинирани како стратешки во овој документ.

Лошиот јавен превоз и несоодветната сообраќајна инфраструктура со години негативно влијаат врз квалитетот на живеење во главниот град

Ако се тргне од фактот дека градоначалничката Данела Арсовска веднаш по преземањето на функцијата одлучи да го стопира воведувањето на БРТ концептот за јавниот превоз (Bus rapid transit) и ретерира во ветувањето за купување нови еколошки автобуси, станува јасно дека уште на почетокот е нарушен континуитетот во спроведувањето на политиките за градење одржлив град.

Во 21 век сè уште се бара решение за проблеми од минатиот век

Распореден во период од 15 години, Акцискиот план за зелен град ги идентификува главните предизвици во градот поврзани со неговиот развој и влијанието врз животната средина.

Во рамките на овие предизвици поставени се повеќе стратешки и оперативни цели. Дел од нив се современи мерки препознатливи за модерни градови на 21-от век, дел од нив, пак, опфаќаат и проблеми од минатиот век како покриеност на градот со канализациска мрежа, управување со отпад, намалување на губитоците на питка вода и слично. Областите во кои се предвидени проектите се означени со високо, средно и ниско ниво на приоритет.

Вкупните трошоци за инвестиции за периодот 2021- 2035 година, се проценети на 496 милиони евра, од кои 13,5 милиони евра за пред-инвестициски студии, и 482 милиони евра за капитални инвестиции.

Пречистителна станица сè уште е научна фантастика

План за кој немало јавна расправа за во него да бидат проектирани мерки коишто се потреба на граѓаните однапред е осуден дека нема целосно да одговори на нивните барања, сметаат советниците на Зелен хуман град и претставниците на граѓанските организации.

Тие укажуваат дека е недозволиво што наместо брза реализација на децениското ветување за изградба на пречистителна станица, таа сè уште се планира.

Ќе помине уште долго време пред да почне да се пречистува водата во Вардар

Тоа е одраз на недостатоткот на храброст и политичка волја од сите минати градски раководства, но и на несоодветно и неодговорно планирање како се трошат парите на граѓаните, вели Драгана Велковска, членка на Советот на Град Скопје од Зелен хуман град.

Според Акцискот план за изградба на пречистителната станица потребни ќе бидат 126 милиони евра, според други податоци 136 милиони евра. Се очекуваше нејзината реализација да започне оваа година и да заврши во 2026 година. Во 2019 година Министерството за финансии потпиша договори со ЕБОР и Европската инвестициска банка (ЕИБ). Од ЕБОР се обезбедени 58 милиони евра, од ЕИБ 68 милиони евра, а за реализација на овој крупен инфраструктурен зафат, државата добила и грант средства од ЕИБ во износ од 10 милиони евра.

Енергетската (не)ефикасност и загадувањето како квантна физика

Наместо развој кон енергетска независност и одржливост, планот предвидува приклучување на повеќе домаќинства на градската централна мрежа, мерка која ниту е дефинирана, ниту оправдана имајќи го предвид искуството со загревањето на скопјани оваа зима.

„Никаде во планот не се спомнува Градот Скопје да инвестира во своја фотоволтаична централа ниту дека капацитетите за компостирање на биоотпад би можело паралелно да се користат и како биогасни централи со што би обезбедиле интегриран систем за производство на електрична енергија од обновливи извори“, вели Драгана Велковска советничка во советот на Град Скопје од Зелен хуман град.

Нееколошкото затоплување и неадекватните градби придонесуваат кон загадување на воздухот и енегретска неефикасност

Слабостите на градската мрежа на кои сведочевме периодов покажуваат дека ваквата мерка треба да се ревидира, сметаат и од О2 Иницијативата.

„Потребни се точни податоци, нешто што Акцискиот план го нотира дека е генерален проблем, собирањето на податоци, за да имаме точни анализи и адекватни решенија. Потребно е да се движиме кон енергетска независност, а не зависност, што многу добро видовме зимава кои импликации ги има. Решенијата во однос на начинот на греење потребно е да бидат адаптирани за секој тип на домаќинство и да се применливи. Инаку, тешко дека ќе можеме да излеземе од кругот во кој се вртиме“, вели Татјана Чакулев од О2.

Проектите потребни, прашање е колку се соодветно испланирани

Според Давор Пехчевски од „Еко-свест“, пак, голем дел од планираните проекти и предвидени мерки во Акцискиот план се потребни на градот, но останува дилемата колку тие се соодветно испланирани. Тој информира дека дел од забелешките на нацрт-планот коишто граѓанските организации, вклучително и „Еко-свест“, ги доставиле до градот се вклучени во финалниот план. Сепак, смета дека има потреба од подобрување и појаснување на многу од мерките, како и редоследот за нивно спроведување.

„На пример, управувањето со отпад започнува наопаку, од набавка на контејнери и возила, наместо од воспоставување на инфраструктура за секундарна селекција и понатамошен третман. Токму заради ваквите примери, граѓанскиот сектор, а и граѓаните, имаат недоверба за очекуваните резултати за сите останати проекти“, вели Пехчевски.

Во Скопје сè уште има диви депонии на секој агол бидејќи нема соодветно управување со отпад

Велковска вели дека пример за неефикасност е третманот на отпадот. Според неа, недозволиво е што се‘ уште во Скопје нема „паметен“ третман на отпадот, односно одвојување на био-отпадот од вкупниот комунален отпад.

Администрацијата нема капацитет

Отворено е прашањето колку градската администрација е способна да спроведе ваков мултисекторски план.

„Кога ќе се погледне планот, јасно е дека мерките во првите години главно се фокусираат на подигнување на капацитетите на градската администрација и на изработка, подобрување на управувањето со податоците, анализа на законски недостатоци, детално мапирање на проблемите и слично. Ова се мерки што се хоризонтални и се секако неопходни, независно дали понатамошните решенија ќе останат исти или ќе се менуваат“, вели Пехчевски.

Градот мора да ги мобилизира сите ресурси, човечки и финансиски, и да го напушти досегашниот начин на водење на градот и јавниот интерес да го постави во центарот, а партискиот интерес да го остави на страна, вели Чакулев.

Кој од проектите ќе се спроведе, дали планот или мерките ќе претрпат измени, која е визијата на новата градска администрација за зелен град побаравме одговор од градоначалничката Данела Арсовска.

И покрај двонеделното инсистирање, телефонски повици, мелјови и СМС пораки со прашања и барање за изјава или брифинг, од нејзиниот кабинет не добивме никаков одговор.

Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, во чие време на раководење со градот беше изработен Акцискиот план, како и еден од главните проекти во него БРТ концептот за јавен превоз, не сакаше да го коментира третманот на Акцискиот план за зелен град од страна на новата градска администрација.

„Оставам мојата наследничка Данела Арсовска и скопјани да направат проценка што е потребно за Скопје и како тој да се развива“, изјави Шилегов.

ЕБОР: Има огромна сума достапна за Скопје

Од ЕБОР, пак, еден од главните финансиери на Акцискиот план, велат дека ќе продолжат да разговараат со градоначалничката Арсовска за програмата на банката за Зелени градови и нејзиното спроведување во Македонија.

Банката не дава одговор на тоа колку спроведувањето на планот е обврзувачко за градот. Во одговорот наведуваат дека средствата за програмата Зелени градови двојно се зголемeни, од 2 на 4 милијарди евра, што е показател дека справувањето со предизвиците на урбаната средина во градовите во повеќе земји е врвен приоритет за ЕБОР.

„Убедени сме дека програмата, која има 53 градови членки, има огромна сума на средства коишто може да им ги понуди на Скопје и на неговите жители. Очекуваме дека зголемената распределба на финансии ќе отвори нови можности во сите наши членки на ЕБОР Зелени градови. Тоа го подразбира и адресирањето на стратешките цели и приоритети идентификувани во Акцискиот план за Скопје од претставниците на градот“, велат во одговорот за Дома од ЕБОР.

Од таму повторуваат дека претставници на Банката ќе ги породолжат активностите заедно со градот за имплементација на приоритетите идентификувани во планот.

Планови за вистински развој, а не за политички поени

Скопје е првиот град во Македонија кој добил поддршка од ЕБОР за да стане зелен град. Но на листата на веб-страницата Зелени градови се наоѓа и Куманово кој исто така треба да развие Акциски план за систематско решавање на предизвиците на урбаното развивање и зачувување на животната средина.  Покрај Скопје, на листата Зелени градови се наоѓаат и Белград, Нови Сад, но и главните градови на Бугарија, Полска, градови од Хрватска, Пула и Сплит, како и на други земји.

Откако е дел од програмата на ЕБОР, Скопје го донесе Акцискиот план, со заем од  банката во висина од 10 милиони евра набави 35 автобуси со CNG технологија на компримиран гас и се подготвуваше за почеток на реализацијата на БРТ системот за кој беа одобрени 70 милиони евра заем од ЕБОР.

Покрај наведените проекти, во планот е предвидено и развој на велосипедската мрежа и интегриран алтернативен систем за превоз, субвенции за превоз, но и за загревање на домаќинствата како и мерки за поголема енергетска ефикасност на јавните и приватни објекти во градот. Понатаму, зголемена едукација и акција за намалување на губитоците на питка вода, како и заштита на изворите со вода за пиење. Планот предвидува мерки за градот подобро да биде поготвен да одговори на климатските промени, шумски пожари, поплави.

Во Скопје веќе има хроничен недостиг од зелени површини

Досегашната практика покажува дека акциски планови, стратегии, физибилити студии се само дел од документите коишто секоја власт ги подготвува во својот мандат, а кои од следната власт се гледаат како товар од претходните. Тие најчесто завршуваат во фиока или се заменуваат со нови документи за чијашто изработка повторно се трошат време и пари, а без конкретни резултати во функционирањето на градот и подобрување на животот на граѓаните.

Функционерите во локалната самоуправа, но и во централната власт најчесто размислуваат само до следните избори што доведува до поразителни резултати кога е во прашање подобрувањето на условите за живеење во главниот град.

 

Новинар: Марија Севриева
Снимател: Влатко Џикоски
Монтажа: Ристе Душковски
Фото: Дарко Андоновски

Сподели