Дали Балканот ќе се претвори во депонијата на Европа?
Гласни случаи на незаконски увоз на отпад ги потресоа Бугарија и Македонија, а во незаконска трговија се вклучени и други земји од регионот.
Во последните неколку месеци, Бугарија и Македонија беа потресени од гласни скандали во врска со незаконскиот увоз и искористувањето на илјадници тони отпад. Случајот со 147 контејнери увезени од Италија со лажна пријавена содржина за компанијата „Блацион“ – сосопственост на Бугари, Македонци и Италијанци, како да ослободи лавина од злоупотреби. На виделина во Бугарија излегуваат се повеќе и повеќе случаи на прекршоци во трговијата и искористувањето на отпад, од кои повеќето потекнуваат од Италија. Случајот „Блацион“ во Македонија доведе до оставки и експлицитна забрана за увозот на отпад наменет за согорување. Ова е само врв на ледениот брег – остатокот тоне под превезот на истражни тајни, внимателно сокриени службени информации и кодексот на честа на мафијата.
Бизнис за милијарди
Глобалниот бизнис за неутрализирање и искористување на отпад, во што се вртат милијарди, секогаш одел заедно со корупција и незаконските практики. Строгите еколошки барања за загадувачките производства во добро развиените земји придонесуваат за пребарувањето на евтини и честопати незаконски алтернативи во земји со слаб административен капацитет.
Ова е една од причините зошто извозот од ЕУ на отпад наменет за трајно отстранување е целосно забранет надвор од Унијата и земјите на ЕФТА (Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн). Забранет е и извозот надвор од ЕУ на опасен и друг ризичен отпад за искористување, кој инаку е дозволен во земјите-членки по известување и согласност од земјата домаќин. Земјите-членки исто така имаат право да наметнат свои сопствени ограничувања. Така, во Бугарија увозот на отпад за отстранување е целосно забранет, иако тоа е можно во рамките на Унијата.
Слични ограничувања постојат и во Базелската конвенција за контрола на прекуграничното движење на опасен отпад и неговото отстранување, што ја ратификуваше и Македонија. Конвенцијата забранува извоз во земји што не се членки на ЕУ и ОЕЦД на опасен отпад наменет како за отстранување така и за искористување Овој амандман на Конвенцијата, познат како Ban Amendment (Амандман на Бан), беше ратификуван од Бугарија уште во 2000 година и од Македонија во 2004 година, но стапи во сила дури на 5 декември 2019 година, поради потребата да се соберат доволно потписи.
И покрај сериозните ограничувања и многуте нивоа на контроли, апетитот на Бугарија за трговија со опасен и ризичен отпад видливо расте. Во последните неколку години, земјата го известува Секретаријатот на Базелската конвенција за нагло зголемување на увозот на опасен и друг ризичен отпад. Слична динамика се набљудува и во други земји во регионот како Грција и Кипар. И во сите три земји, растот е воден главно од нагло зголемениот увоз на RDF (Refuse Derived Fuel – цврсто гориво добиено од отпад) со потекло од Италија и Велика Британија.
Што покажуваат официјалните податоци?
За само една година – од 2016 до 2017 година, Бугарија известува за седумкратно зголемување на увозот на опасен и друг отпад што е предмет на известување. Од 20.665 тони во 2016 година, увозот во 2017 година скокна на 150.206 тони (види ги графиконите). Слична количина – малку повеќе од 152.000 тони, беше забележана и во 2018 година. Прегледот во националните извештаи на други земји од регионот исто така покажува значителен раст – Грција за 2017 година известува за увоз на опасен и друг отпад од 71.362 тони во споредба со 28.824 тони една година порано (2,5 пати повеќе), остра динамика има и во Кипар – од скоро 76.000 тони во 2016 година, увозот во 2018 година достигнува 163.231 тони.
Деталниот преглед според видот на отпад покажува дека главниот придонес во растот на количините пријавени од Бугарија го прави имено отпадот наменет за согорување – RDF (цврсто гориво добиено од отпад) и SRF (цврсто обновено гориво).
Во бугарските извештаи испратени на годишно ниво според Базелската конвенција, увозот на RDF и SRF до 2016 година воопшто не се појавува. Нашата земја започна да известува за увоз на овој отпад дури во 2017 и 2018 година, а количините се импресивни. За 2017 година, Бугарија известува за вкупен увоз на RDF од 46.600 тони (од Италија – 27.868 тони и Велика Британија – 18.732) и друг 15.023 тони SRF од Велика Британија. Во 2018 година, увозот на RDF е само од Италија – 42.616 тони, а од Велика Британија влегуваат 44.309 тони SRF. Судејќи според обвиненијата покренати како последица од обвинителството, малку е веројатно дека се исполнети сите законски услови при согорувањето на овој отпад. Бугарскиот закон за управување со отпад забранува согоруваните количини годишно да надминат половина од капацитетот на соодветната инсталација согласно нејзината комплексна дозвола и има голем број тешки технолошки барања.
Официјални податоци за увоз на опасен отпад во Бугарија (2012 – 2018)
Каде завршија тони ѓубре?
Многу интересна е споредбата на она што Бугарија го објавува за увозот од Италија со извештаите дадени од самите италијански власти според силата на конвенцијата. Судејќи според италијанските извештаи за остварениот извоз, во 2016 година некаде по трасата се изгубија илјадници тонови ѓубре. Количините се декларирани како извезени од Италија со крајна дестинација Бугарија, но не се појавуваат во бугарските извештаи за увозот.
Според бугарскиот извештај за увозот во 2016 година, во земјата нема увезен отпад со код 19 12 10 – отпад за согорување.. Во италијанскиот извештај за 2016 година, сепак, Бугарија се појавува со четири записи со код 19 12 10 – известен е извоз на соодветно 2.833, 2.491, 15.437 и 2.110 тони отпад за согорување. Ова прави вкупно 22.871 тони RDF, што отсуствува од бугарските статистики како добиен.
Ова ѓубре не се појавува на хартија во 2017 година, ако претпоставиме дека е испратено на крајот на 2016 година и пристигнало во 2017 година. За 2017 година Бугарија известува за увоз од Италија во износ од 27.868 тони, а Италија известува за извоз во Бугарија во износ од 28.492 – малку повеќе.
Ѓубрето од 2016 година не се појавува и во статистиката за 2018 година – Италија известува за три пати извоз во Бугарија на отпад со код 19 12 10 – на 5.310, 22.372 и 14.934 тони, а Бугарија известува за точно истиот увоз – на 14.934, 22.372 и 5.310 тони.
Во истата 2016 година, во извештајот на Бугарија за увоз на отпад нема други големи количини на отпад, деклариран како увезен од Италија, но со различен код – 19 12 12 (друг отпад, вклучително мешавини на материјали, од механички третман на отпад, различен од оној споменат во 19 12 11). Италија објавува за извоз на 14.400 тони и по втор пат – 9.995 тони. И овие количини не излегуваат една година подоцна, ако нивното испраќање било во декември.
Официјалното објаснување за овие разлики се недостатоци во известувањето. Бугарското Министерство за животна средина и води (МОСВ) тврди дека известувањето за увоз на RDF не е задолжително бидејќи овој отпад по дефиниција не е опасен. Објавувањето на количините започна во 2017 година заради зголемен јавен интерес. „Не е случајно што количините што ги објави Италија за Бугарија во 2016 година не се официјално потврдени, бидејќи на италијанскиот извештај недостасува посочен код за отпад“, велат од Министерството за животна средина и води.
Тврдењето дека ова ѓубре не е предмет на известување и не е опасно, е благо речено, чудно. Проверка во базата на податоци во Базелската конвенција – за Велика Британија во 2017 година на пример, покажува повеќе записи за извоз на RDF. Во колоната со кодови е посочен код Y46 – отпад собран од домаќинствата, а RDF во овие конкретни случаи очигледно е од нивната преработка. Базелската конвенција е категорична дека отпадот од домаќинствата со код Y46 задолжително подлежи на известување.
Министерството за животна средина не соопштува дали количините во 2016 година – потврдени или не, сепак биле увезени – како што се случило со непотврденото ѓубре од Италија во 2017 и 2018 година. Ова го поставува фундаменталното прашање – дали во годишните извештаи има толку многу неточности, до кој степен може да се верува и на општата статистика за увозот и извозот, подржувана од Базелската конвенција.
Љубопитно е, дека во 2018 година Италија известила за извоз на отпад со код 19 12 10 и за Македонија – во износ од 999 тони. И овие податоци не се потврдени. Македонија нема публикувани национални извештаи според Базелската конвенција и не постои начин да се проследи дали тие количини се реално примени. Доколку бил примен опасен и друг отпад што треба да се пријави, земјата требаше да достави национален извештај според Конвенцијата. Нема докази дека Италија извезувала RDF во Македонија во претходните години.
Случајот „Блацион“
Големиот скандал со запленетите во бугарските пристаништа во Бургас и Варна вкупно 147 контејнери со лажно декларирано ѓубре од Италија, наменето за бугарската компанија со македонско учество „Блацион“, се разгорува во почетокот на јануари. Прво, на 17 јануари беше соопштено дека се пронајдени 25 контејнери на пристаниште Варна, следниот ден дојде соопштение за уште 20 контејнери на пристаништето Бургас, а на 30 јануари се појави веста за уште 102 контејнери во Варна. Вкупно 147 контејнери кои содржат според документи пластичен и гумен отпад, испратен од италијанската компанија „Дентиче панталеоне“ со седиште во Авелино, Италија за регистрираната во Бугарија „Блацион“.
Од соопштенијата на обвинителството за овие проверки стана јасно дека ѓубрето било испорачано многу порано. Пратката за Бургас е испратена на 5 септември 2019 година, а првите контејнери за Варна – 25, пристигнуваат на 9 октомври. Останатите 102 контејнери пристигнуваат малку подоцна – на 21 октомври. Контејнерите се оставени во режим на привремено складирање за 90 дена и евидентно е дека овој рок истекол до датумот на објавување на проверките на обвинителството. Имено, истекот на рокот на складирање, ќе и даде повод на царината да го сигнализира обвинителството по недобиениот одговор од компанијата примател. Официјалното прекршување што го констатираат властите е присуството на непријавен отпад во пратката. Наместо пластика и гума, пратката содржи отпад од текстил, стакло и дрво.
Значи, едно од главните прашања што се појавуваат е зошто ѓубрето не е побарано со време.
Според еден од сопствениците – Горан Ангелов, не постои никаква мистерија во одговорот. Тој тврди дека отпадот бил наменет за термоелектраната „Бобов Дол“ и не бил транспортиран навреме затоа што била помината лиценцата на централата за согорување. Ова објаснување не звучи убедливо – никој нема да увезува илјадници тони ѓубре ако не е јасно каде ќе го транспортира, а истекот на дозволата за согорување не е вонреден настан што ќе го изненади примателот. Според Ангелов, нема прекршок и во присуството на непријавен отпад од дрво, текстил и стакло, затоа што тие не биле забранети.
Дали е таков случајот, допрва треба да се разјаснува со експертиза, но обвинителството веќе поднесе обвиненија против страната – примател – управителот на термоелектраната „Бобов Дол“ Емил Христов. Облаците околу „Блацеон“ исто така се згуснаа и поради неслучајните имиња вклучени во бизнисот.
„Блацион“ ДОО е регистрирана на 23 февруари 2016 година со предмет на активност собирање,преработка и трговија со домаќински отпад, при што сопственоста е поделена помеѓу 4 физички и едно правно лице – македонските државјани Блаже Игнатовски (40% удел) и Горан Ангелов (15% удел), Италијанците Ецио Боче и Винченцо Трасари – со по 15% и компанијата „Јупитер Секјурити“ ДООЕЛ со други 15%. Во Бугарија се појавија публикации дека компанијата е без деловна активност, но од регистрите е јасно дека компанијата работела со скромна добивка во 2016 и 2017 година во износ од 73.000 и 112.000. лева. Нема податоци за следните години, а компанијата има дозволи за трговец и брокер на отпад од септември 2018 година. Ецио Боче и Винченцо Трасари немаат други деловни потфати во Бугарија, а проверката на регистрите на имоти покажува дека Македонците Ангелов и Игнатовски, како и самата компанија, не работеле со паралелни зделки за стекнување на сопственост во земјата.
Љубопитен детаљ е дека денови пред откритијата за двајца од партнерите во компанијата – Блаже Игнатовски и „Јупитер секјурити“ има развој. Во септември, сопственоста на „Јупитер секјурити“ беше пренесена од „Јупитер Сектор“ со сопственик Софијка Антонова на лицето Георги Георгиев, дотогаш само управител во втората компанија. Самата Сафијка Антонова на 25 ноември 2019 година основа нова компанија – „Гријн сољушенс 2020“, пренесена денови подоцна – на 5 декември на Блаже Игнатовски. Името на Софијка Антонова не е случајно. Тоа се поврзува со осигурителната компанија „Јупитер“, која од друга страна се поврзува со една од криминалните групации во Бугарија – ВИС.
Рокот во кој втората компанија успева да добие зелено светло како брокер на отпад е импресивен. Компанијата се појавува во правниот промет на 21 ноември 2019 година, а на 3 декември веќе е вклучена во регистарот на Министерството за животна средина и води на трговците и брокерите на отпад. Можеме само да претпоставиме дали создавањето на втора компанија, единствена сопственост на Игнатовски, значи преструктуирање на бизнисот.
Големото согорување
Настаните по крајот на јануари и количините фатени во секторот отпад се развиваа со неверојатна брзина. Во февруари, обвинителството влезе во компанијата „Брикел“ поради пронајдените 147 контејнери во Бургас и Варна и како последица на тоа го обвини управителот на термоелектраната „Бобов Дол“ Емил Христов за незаконско управување со отпад. Во текот на истрагата беше утврдено дека дозволата за согорување е истечена и дека на лице место се чува отпад што не личи на RDF. Во март, дозволата за согорување на отпад во термоелектраната беше обновена, а во април повторно беше суспендирана поради констатирани прекршувања.
Како резултат на преземените проверки на обвинителството, заменик-министерот за животна средина Красимир Живков и 9 други лица, меѓу кои и бизнисмените Атанас и Пламен Бобокови, беа обвинети за случајот со 9000 тони отпад пронајден во Плевен, при што се обвинети 7 од лицата за учество во криминална група при увоз и преработка на опасен отпад и три – за сторени даночни и со документи кривични дела. Според државното обвинение, увозот и преработката на отпад фиктивно се вршел од компании без капацитет, финансирани од браќа Бобокови, а во својство на заменик министер Красимир Живков, за да го заштити нивниот бизнис извршил притисок врз неговите подредени со закани за разрешување.
Покрај откритијата во Бугарија, изгоре и македонскиот партнер во „Блацион“ Горан Ангелов, кој го комбинираше својот приватен бизнис со управување со депонијата за отпад „Дрисла“ во Скопје. Ангелов се колне дека никогаш не увезувал отпад во Македонија, каде тоа е забрането, а неговата активноста е развивана само во Бугарија. Во секој случај, македонскиот парламент експлицитно го забрани увозот на отпад од Бугарија наменет за согорување.
До каде ќе стигне сето ова останува да се види. Според експертите, клучно е земјите во регионот да ја зајакнат контролата и капацитетот за регулирање на трговијата со отпад, наместо да се оди во забрани и крајности. Засега, криминалниот сектор се ориентира побрзо од одговорните институции во земјите од регионот, категорични се експертите.
Интерпол не најде трговија во Македонија, но виде таква во Бугарија
Интерпол не најде случаи на незаконска трговија со отпад во Македонија за време на обемната глобална операција „30 дена“, спроведена во 43 земји низ целиот свет во периодот 1-30 јуни 2017 година. Сепак, Бугарија и Романија, како и други земји во регионот се појави на мапата на прекршителите како со кривични така и со административни злоупотреби.
Операцијата на Интерпол опфати широк спектар на незаконски активности – транспорт, незаконско отстранување, незаконски терени, незаконски операции за искористување. Во рамките на операцијата беа откриени 664 случаи на злоупотреба – 238 од нив поврзани со активност на незаконски терени, и 423 – незаконска трговија (3 од случаите се без категоризација). Во 30% од утврдените случаи, прекршоците се извршувани со опасен отпад.
За време на операцијата, Интерпол пронајде прекршоци во вкупно 84 земји, а Македонија, која се вклучи во акцијата, не беше меѓу прекршителите. Сепак, Бугарија и другите земји во регионот се појавија како дестинации за незаконски увоз, а некои од нив – како земји извозници. Незаконски увоз е констатиран во Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора. Во Грција и Кипар е регистриран незаконски извоз, во Хрватска – незаконски транзит, а во Романија – сите три вида на прекршоци.
Анализата на податоците покажува дека во центарот на незаконскиот транснационален бизнис со отпад се наоѓаат развиени земји, главно европски. Повеќето незаконски терени се пронајдени на територијата на Европа. Идентификувани се 134 европски рути на незаконска прекугранична трговија, при што повеќето од нив се меѓурегионални и се насочени како дестинации кон земјите во развој или земјите во транзиција. Незаконското отстранување на отпад е најраспространето во Јужна Европа, иако овој проблем е најсериозен во Италија – 101 случаи, Шпанија – 66 случаи и Кипар – 26. Од Интерпол сепак предупредуваат дека статистиката се искривува од фактот дека 50 од страните – учеснички во операцијата се европски, со добро законодавство и доволно силни тела за неговата примена.
Вкупниот обем на глобалниот бизнис со отпад, од собирањето до рециклирањето, се проценува на повеќе од 410 милијарди долари годишно, но постои голем сив сектор, посочуваат податоците на Интерпол.
Мапа на рути за прекугранично криумчарење на опасен отпад низ Европската Унија
Во групата на опасен отпад
Македонија извезува во Бугарија главно користени оловни акумулатори, укажуваат националните извештаи на Бугарија за увозот. Количините извезени во последниве години се релативно константни – околу 1000 тони годишно. Македонија извезувала во Бугарија и отпадни масла на минерална основа. Нема докази дека Бугарија извезувала опасен и ризичен отпад во Македонија, што е предмет на известување. Министерството за животна средина и води потврди за „Сега“ дека немало увоз или извоз на RDF меѓу двете држави, па забраната што ја наметна парламентот во Скопје за ваков вид трговија не се заснова на постојна практика. Во оваа смисла, не се очекуваат посебни последици од неа, коментираат експертите.
Новинар: Тања Петрова, СЕГА
Фотографии: архива СЕГА
Оваа содржина ја изработи весникот Сега во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлјан платформата ДОМА, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.