fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
drzavata zaborava deka ustavot ni garantira zdrava featured

Државата заборава дека Уставот нѝ гарантира здрава животна средина

Голем чекор напред во однос на напорите за заштита за животната средина се случи во октомври, минатата година откако Советот за човекови права при Обединетите нации донесе резолуција со којашто пристапот до здрава животна средина беше прогласен за основно човеково право. Од Обединетите нации побараа сите земји членки да ја имплементираат резолуцијата и да ги трансформираат економските, социјалните и еколошките политики во насока на заштита на природата.

Фотографија од згради во Скопје, кои се губат во смогот и нечистиот воздух.

Загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми во Македонија коишто директно го загрозуваат здравјето на населението

Во Македонија правото на здрава животна средина е дефинирано во Уставот, но за жал многу малку се прави за да тоа да се спроведе во практиката. Бизнис интересите и негрижата на државата придонесуваат континуирано да се уништува природата, а правосудниот систем често „подзаборава“ на уставното загарантираното право.

Имено, граѓаните коишто се директно погодени од уништувањето на природата тешко доаѓаат до правдата преку обвинителствата и судовите затоа што земјава има многу мала пракса на решавање на предмети поврзани со загрозување на правото на здрава животна средина.

Вакви процеси се водат пред сите судови – како кривични дела пред основните судови, во граѓанските одделенија кои постапуваат по тужби, во управните судови кои одлучуваат дали државните органи постапиле соодветно за заштита на животната средина и пред Уставниот суд каде што се оспоруваат актите кои се во спротивност со уставно загарантираното право или со законите коишто ја гарантираат здравата животна средина. Но, практиката покажува дека резултатите од борбата со еколошкиот криминал се поразителни.

Непрецизности и недоволна имплементација на законите

Македонија е потписничка на голем број на меѓународни конвенции и договори, кои ги дефинираат човековите права и преку кои се остварува и правото на здрава животна средина меѓу кои Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и Архуската конвенција.

horor sceni na deponijata rusino 4

Државата нема капацитет да се справи со дивите депонии

За обвинителствата и судовите да можат поефикасно и ефективно да ги гонат и казнуваат делата против животната средина потребно е законодавство коешто прецизно и јасно ќе ги гарантира овие права, а тоа кај нас отсуствува, вели Ана Василева, програмски кооридинатор во Центарот за правни истражувања и анализи.

Таа додава дека слабостите во спроведувањето на законодавството се многубројни и се однесуваат на речиси сите институции во ланецот за заштита на животната средина. Од анализата на легислативата, произлегува дека законските акти во најголем дел се донесени, но отсуствуваат административните капацитети на институциите и судовите за нивно спроведување.

Ограничени капацитети на МВР и ОЈО

Капацитетите не се доволни ниту на органите на прогонот Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

По кривичните дела коишто се однесуваат на загрозување на животната средина постапуваат инспектори коишто се од организациска единица за финансиски криминал, велат од Министерството за внатрешни работи. Тие постапуваат во координација со службени лица од Државниот инспекторат за животна средина и Царинската управа.

„Согласно стратешките приоритети на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, преку ИПА програмата на ЕУ е инициран проект за јакнење на институционалните капацитети за борба против криминалот поврзан со загрозување на животната средина. Проектот се очекува да започне во текот на 2022 година. Целите на проектот ќе бидат јакнење на стратешките и оперативните капацитети за превенција и спроведување на истраги поврзани со загрозување на животната средина, преку меѓуинституционална соработка и мултидисциплинарен пристап“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму не потенцираат дали во рамки на зајакнување на капацитетите е планирано формирање на еко-полиција како посебна единица.

Делата за загрозување на животната средина се водат пред Обвинителството за организиран криминал затоа што дел од нив имаат елементи и на корупција, и во основните обвинителства на територијата на која се случило кривичното дело, појаснува обвинителката Сузана Мирчевска Кузмановска. Во моментов во Обвинителството за организиран криминал отворени се неколку предистраги за предмети за управување со отпад, вели обвинителката, но поради тајноста на постапката не може да сподели повеќе детали.

Таа признава дека за жал како институција, но и како држава, не можеме да се пофалиме со успешна борба со еколошкиот криминал.

Фотографија од Сузана Мирчевска„Мора да се работи континуирано на подигнување на капацитетите на обвинителството, но и на сите институции. Знам дека ќе звучи многу генерално, но сите институции се одговорни за неспроведување на еколошката правда. На обвинителството му недостасуваат истражители, професионалци во областа на животната средина кои ќе бидат специјализирани за навремено, квалитетно и брзо прибирање и анализирање на доказите. Цената на развојот ја плаќаме сите, но не смееме и понатаму да дозволиме на сметка на развојот да се допушти уништување на животната средина, а во некои случаи и директно да се загрозува животот на граѓаните. Затоа сите мора ова прашање да го поставиме како приоритет“, вели обвинителката Мирчевска Кузмановска.

Загрозувачите на животната средина со условни казни

Според документот за јавни политики   „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда“ на ЦПИА, неповолната состојба со заштитата на животната средина и непочитувањето на уставно загарантираното право на граѓаните на здрава животна средина во Македонија е последица на деформираниот политички систем, кој е далеку под барањата за владеење на правото, „заробеноста“ на институциите од политичките партии, екстремната инструментализација на правото заради остварување на тесни партиски, економски и слични интереси.

praznite ezera svedocat za klimatskite promeni 5 mavrovo
Никој не одговара за катастрофата од лошото управување со вештачките акумулации

Се констатира дека во Македонија има капитализам кој во целиот триесетгодишен период на независност продуцира ниски стапки на економски раст и развој и на благосостојба за сите граѓани, со плаќање на огромна цена со безмилосна девастација на животната средина.

infografik presudi

Преглед на судската пракса за дела против животната средина и природата / Извор: Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)

Со троцифрена бројка се бројат тужбите коишто граѓанската организација Фронт 21/42 ги има поднесено пред Управниот суд, вели Ања Јованова. За нив како еколошко-правна организација поразителен е фактот дека тие се борат против законските прекршувања коишто ги прават институциите, кои треба да гарантираат спроведување на законите.

anja jovanovska 250x300 1„Од праксата може да издвоиме многу примери за посочените прекршувања, за кои имаме покренато постапки пред управните судови: Општина Охрид, на пример, има пракса да не ги објавува урбанистичките планови за кои спроведува постапка за проценка на влијанието врз животната средина – од јавноста се очекува да коментира документ кој проценува влијание на документ кој не и е достапен (ова е спротивно на Законот за животна средина); Министерството за транспорт упорно не ги почитува одредбите за учество на јавноста кога носи закони кои ја засегаат животната средина – за да се стигне до законски обврзната јавна расправа обично неопходно е покренување на случај пред инспекторат, управен суд и притисок преку медиумите; итн“, вели Јованова.

Кога потстапките ќе дојдат пред суд тие се одвиваат со години, додава Јованова. Управниот суд ретко носи мериторни одлуки и најчесто го враќа предметот на одлучување во пониските органи, а одлуките кои ги носи судот се нејасни и контрадикторни.

„Во целото наше работење, постоиме повеќе од 17 години, имаме само еден случај на пресуда која навистина навлегува во суштината на повредата на законот, тоа е пресудата која ја добивме за хидроцентралата во Националниот парк Маврово (Бошков Мост), а со која судот нареди поништување на одлуката за овој проект бидејќи е донесен без учество на јавноста. Беше и сè уште е, пресуда која ни влева надеж дека во земјава сепак има судии кои професионално и со знаење си ја вршат работата и при тоа не ја компромитираат правдата под политички и други притисоци“., велат од Фронт 21/42.

Тужби за аерозагадувањето

Македонското здружение на млади правници од 2019 година ги предизвкува судовите со случаи за загрозување на правото на здрава животна средина. До сега тие имаат поднесено три тужби против државата и нејзините надлежни органи, на централно и на локално ниво, бидејќи не ги заштиле граѓаните. Две од тужбите се против аерозагадувањето во Скопје и во Битола. Третата тужба се однесува на непреземање на мерки за спречување на загадувањето на животната средина од дивата депонија во Струга.

Тужбата во Скопје е отфрлена и од Основниот граѓански суд и од Апелациониот суд и во моментов се наоѓа на ревизија пред Врховниот суд. Предметот во Битола е во фаза на подготвително рочиште, додека единствен во тек е процесот за депонијата во Струга, вели Јасна Аранѓеловиќ Оровчанец, програмски координатор во МЗМП.

Делови од образложението на Судот со кое се отфрла тужбата на МЗМП – Решение на Основен граѓански суд Скопје XXV П4.бр.578/19

Таа додава дека судиите при носењето на судските пресуди и одлуки имаат право на слободно судиско уверување, и тоа е во ред.

„Но факт е дека помеѓу секој граѓанин и државата настанува правен однос. Правниот однос е правото на животна средина, кое граѓаните го немаат, нашето тврдење е дека го немаат и бараме утврдување на повреда на тоа право и на повеќе права со тужбата. Судот во моментот смета поинаку. Меѓутоа многу е важно да се обезбеди пристап за расправање на оваа тема, а не да бидеме доведени во ситуација тужбата да се отфрла од одредени формално-правни причини кои според нашите адвокати и според нас не се издржани и затоа баравме можност за ревизија поред Врховниот суд“, вели Оровчанец.

Предложени измени на Кривичниот законик за повисоки казни

ЦПИА во соработка со повеќе граѓански организации кои работат на заштита на животната средина, како и правни експерти, подготвија предлози за измена на Кривичниот законик во делот на одредбите коишто се однесуваат на заштитата на животната средина. Измените што ги предлага ЦПИА се однесуваат на зголемување на предвидените казни за 12 кривични дела.

„Воедно предложивме и главата 25 од Кривичниот законик, која се однесува на кривични дела против животната средина и природата, да биде дополнета и со три нови кривични дела и тоа: промена на воден режим, уништување на живеалиште и екоцид“, вели Василева.

Според најавите на Министерството за правда, новиот Кривичен законик се очекува да биде донесен до крајот на оваа година.

Уставниот суд мора да биде бомбардиран со иницијативи за член 43

Според академик Владо Камбовски, кој е дел од Платформата за еколошка правда, и покрај тоа што правото на здрава животна средина е загарантирано со македонскиот Устав тоа не е подетално дефинирано. Во однос на т.н. процедурални права  – да, уставно ми е гарантирано тоа право, но како јас да го остварам?, прашува Камбовски.

Тоа би значело во нашиот Устав да се додаде – право на граѓаните да бидат информирани за одлуки, право да учествуваат во донесувањето на одлуките на централно и локално ниво, смета академикот.

Владо Камбовски„Уставниот суд мора да биде бомбардиран со иницијативи за оценување на уставноста на законите кои се во допир со животната средина и природата токму со повикување на оваа уставна вредност. Можеби Уставниот суд ќе биде на тешка мака да образложува, но сигурно е дека поголемиот притисок ќе изврши влијание и врз општата свест, а на крај и во самиот Уставен суд да се подразмисли за тие прашања. А тоа е заштита на животната средина пред и над заштитата на индивидуалното право на здрава животна средина.“, вели Камбовски.

Од анализата на Елена Мујоска Трпеска, научен соработник во МАНУ, за уставно правните инструменти за заштита на животната средина, која опфаќа период од 2005 до 2021 година поднесени се само 27 иницијативи за оценување на уставноста на закони или прописи коишто се однесуваат на животната средина пред Уставниот суд. Најголемиот број на иницијативи се однесуваат на детални урбанистички планови коишто според подносителите биле донесени во спротивност со законите за урбанистичко планирање, животна средина, без спроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина и други прописи.

„Она што е интересно за периодот кој го анализирав е многу малиот број на иницијативи во 2006 и 2007 година, во 2008 немаме ниту една, во 2009 една, а понатаму се интензивираат поднесените иницијативи. Друго што е интересно е дека неколку иницијатори се јавуваат зад сите овие иницијативи. Најголем број од иницијаторите се од Скопје, на почетокот бил маж, а во последните години иницијативите коишто се однесуваат на деталните урбанистички планови се поднесени од една жена. Сите иницијативи се за Скопје, освен три иницијативи по една за Гостивар, Дојран и една за Охрид“, вели Мујоска Трпеска.

chumu novi ski centri popova sapka se unistuva 9

Нелегалното градење ја уништува природата и квалитетот на живеење на граѓаните

На дебата организирана од ЦПИА, претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, потврди дека граѓаните не може да поднесат барање доколку сметаат дека слободите и правата за здрава животна средина им се нарушени.

dobrila kacarska 250x300 1„Ова се коси со секоја заложба за унапредување на правата и зајакнување на демократските капацитети во една држава, затоа што развојот на технологијата носејќи ги со себе бенефитите и алатките за подобрување на животот на луѓето, носи и предизвици кои ако не успееме да ги совладаме, одат на сметка на животната средина, а следствено на тоа, на нашето здравје“, изјави Кацарска.

Според претседателката на Уставен, ваквата пречка може да биде отстранета преку воведувањето на уставна тужба за која таа се залага и со која ќе се прошират надлежностите на Уставниот суд во насока на заштита на човековите права.

До исполнување на сите предуслови за ефикасна и ефективна еколошка правда, експертската јавност и граѓанските организации најавуваат дека ќе продолжат и во иднина да вршат притисок врз институциите и судовите за законите доследно да се спроведуваат и јавниот интерес за здрава животна средина да се постави над приватниот коруптивен интерес. Попусто ќе биде новата резолуција од Обединетите Нации за прогласувањето на пристапот до здрава животна средина за човеково право доколку македонските институции не се освестат за потребата од нејзина импементација во пракса.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Марија Севриева
Снимател: Влатко Џикоски
Монтажа: Ристе Душковски

Сподели