Гевгеличани против фабрика за рециклирање пластика во градот
Во Општина Гевгелија на повидок е уште една „еколошка битка“ откако Министерството за животна средина и просторно планирање во ноември 2020 издало дозвола на компанијата „G&O Waste Solution“ ДООЕЛ Скопје за вршење на дејност складирање и третман на отпад во овој град. Станува збор за погон за рециклирање пластика сместен во просториите на поранешната фабрика „Керамика“. Од Општината Гевгелија сметаат дека дозволата е издадена спротивно на Законот за управување со отпад бидејќи станува збор за населено место и бараат поништување.
Конфликт меѓу Министерството за животна средина и Општина Гевгелија
Од Министерството за животна средина и просторно планирање уверуваат дека согласно урбанистичкиот план на Општина Гевгелија, локацијата се наоѓа во зона со намена каде се предвидени производство, рударство, енергетика и индустрија.
„Согласно Правилникот за минималните технички услови за вршење на дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад, за да се добие дозвола потребна е меѓу другото и потврда од единицата на локалната самоуправа (ЕЛС) дека:
– локацијата на која треба да се врши дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад се наоѓа надвор од населено место, или
-дека локацијата е во зона во која намената на земјиштето е определена во систем од класа на намена Г или Е во планскиот опфат на урбанистичкиот план или урбанистичко планската документација или
– во случај кога локацијата не се наоѓа во зона предвидена во систем на класа на намена Г или Е потврда со која ЕЛС се согласува на таа локација времено да се врши дејноста.
Дозвола за вршење на дејност на новата фабрика
Во конкретниот случај Општината Гевгелија има издадено Уверение број 11-736/2 од 15.09.2020 година дека локацијата се наоѓа во зона со намена Г2, Г3 и Г4. Согласно урбанистичкиот план на Општина Гевгелија станува збор за зона Г каде се предвидени производство, рударство, енергетика и индустрија и дека не станува збор за зона за домување, зеленило итн.”, велат од Министерството за животна средина.
Меѓутоа, по притисокот од локалното население и од невладините организации, Општина Гевгелија во март 2021 година на седница едногласно донесе одлука да бара поништување на оваа дозвола поради неправилности во постапката. Оттаму потенцираат дека не издале никаква дозвола за складирање и преработка на пластичен отпад, туку само уверение за извод од урбанистички план за локацијата кадешто е сместена фабриката.
„По Законот за управување со отпад, такви фабрики мора да се вон населено место а ова е во градот. Исто така Општината има донесено план за управување со отпад 2017-2022 каде е наведено кој и каде во Општината управува со отпад. Наш став е дека се добредојдени како инвеститори, ама не на таа локација туку надвор од населено место и бараме да се преиспита издадената дозвола од надлежните институции”, посочија од Општина Гевгелија.
Ќе се бара судска разрешница
Управителката на компанијата, Перизат Боромбаева неодамна информира дека со пробната работа во погонот во Гевгелија започнале во декември, минатата година, согласно добиената дозвола од Министерството за животна средина за складирање. Според неа, станува збор за инсталација согласно сите законски и европски стандарди.
„Нашата активност не ја загадува животната средина, нема противзаконски активности и воопшто не може да биде причинител за загрозување на здравјето на населението. Напротив ние работиме според европските и домашни стандарди, а процесот на рециклирање на пластика е применуван метод во сите држави“, истакна Боромбаева.
Активистот Ангел Наков од граѓанската иницијатива „Спас за нас“, вели дека конфликтната ситуација помеѓу Општината и Министерството за животна средина и просторно планирање најверојатно ќе мора да се решава преку суд.
„На седницата која ја свика Советот на општината беа донесени неколку заклучоци. Со најважните заклучоци ќе се покрене постапка пред Управен суд и пред Државниот инспекторат за животна средина за поништување на оваа дозвола поради неправилности во постапката”, додава Наков.
Заклучоци од Советот на општина Гевгелија
Според него, фабриката е веќе отворена, а опремата била донесена уште пред да биде добиена дозволата. Проблемот според Наков не е само во грубото кршење на законските норми, туку и на елементарно непочитување на интересите и здравјето на граѓаните на Гевгелија.
„Дали можете да замислите дека дозволата за отварање на фабрика за складирање и третман на отпад е на локација во самиот град Гевгелија, на 300 метри од станбени згради и индивидуални куќи каде живеат над 2.000 граѓани, на 25 метри од пекара, на 110 метри од винарија со капацитет од 16 милиони литри вино, на 200 метри од фабрика за преработка на земјоделски производи, на 200 метри од фабрика за производство на тестенини, на 100 метри од оранжерии за производство на раноградинарски производи. Овие компании вработуваат над 500 вработени и учествуваат со 14 отсто во БДП на Гевгелија. Фабриката за третман на отпад ќе вработува 30 работника и ќе учествува со 0,006 отсто во БДП на Гевгелија”, вели Наков.
Тој потенцира дека според нивниот елаборат за заштита на животната средина предвидениот максимален капацитет на оваа фабрика е 80.000 тона годишно, за чиј транспорт се потребни 22.000 камиони (шлепери) кои треба да поминат по булеварот Гевгелија каде живеат над 1.200 граѓани, има четири стоматолошки ординации, основно училиште. Станува збор за локација каде што се наоѓа единствениот и главен влез на Гевгелија. Само од овој аспект, вели Наков, е огромно нарушувањето на животната средина од аспект на бучава, згадување на воздухот од прашина и издувни гасови од овие возила.
Граѓаните едногласни – Гевгелија да остане еколошка оаза
Гевгелија пред само две години беше локациска мета за отворање на погон за производство на палети од увезен отпад. Имено, Советот на општина Гевгелија во ноември 2019 година даде негативно мислење по повторното барање од компанијата „ПиП Индустриас“ ДОО Скопје за складирање на РДФ и производство на палети од РДФ (Refuse Derived Fuel – пелет произведен од биолошкиот дел на цврст сепариран – процесиран комунален отпад и индустриски отпад).
Во јуни истата година Општината даде негативно мислење по истото барање, бидејќи во непосредно опкружување на наведената локација (поранешна фабрика „Керамика“) се наоѓаат капацитети во кои, главно, се произведуваат прехранбени производи.
Локација на новата фабрика
Невладините организации и претставници на локалната самоуправа беа едногласни дека производството и складирање на палети од РДФ гориво ќе има штетно влијание на воспоставените индустриски процеси и на урбанизираната средина. Тогаш гевгеличани едногласно им порачаа на сите загадувачи да не го губат времето со деструктивни проекти, затоа што како што кажаа, Гевгелија била и ќе остане еколошка оаза.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинарка: Ивана Рамаданова