fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Хорор сцени на депонијата Русино

Чад и неподнослива реа се шират од Русино, каде што веќе две децении се одлага отпадот од Гостивар и другите населени места во Полошкиот регион иако оваа депонија не ги исполнува основните еколошки стандарди. Граѓаните подолг период бараат дислокација на депонијата, а општините и државата си ја префрлаат одговорноста за овој проблем и го ставаат под тепих. Во меѓувреме, „сочни“ домати и други земјоделски производи одгледани во непосредна близина на депонијата завршуваат на трпезите на граѓаните.

Русино се наоѓа на оддалеченост од околу 8 километри јужно од Гостивар и на надморска височина од околу 800 метри на падините на планината Буковиќ.

Оваа локација се користи за депонирање на цврст комунален отпад од 2000-та година. Не постојат точни податоци за количините отпад одложени во Русино. Вкупната зафатена површина е околу 80.000 квадрати со висина на одложен отпад од 2 до 8 метри. Проценките се дека се одложени околу 350.000 – 650.000 кубни метри отпад.

Еден од главните проблеми со депонијата е што таа често се опожарува, а чадот ги труе граѓаните на Гостивар и околните населени места

Најзагрозени од штетните влијанија на депонијата се жителите на селата Горна и Долна Бањица, коишто се наоѓаат во непосредна близина на депонијата.

Некои од нив, што ги затекнавме како работат на нивите сведочат за неподнослива состојба поради постојаната смрдеа и стравуваат за нивното здравје.

horor sceni na deponijata rusino 11Орхан Насипи, 27-годишен жител на Горна Бањица вели дека смрдеата е најизразена рано наутро и дека голем проблем е што нивните ниви се наоѓаат под неа

Со оглед на тоа што депонијата е на поголема надморска височина од нивите на кои се се одгледуваат прехранбени земјоделски производи, постои сериозна опасност тие да се „наводнуваат“ со исцедок и отровни материи од отпадот складиран во Русино.

Освен земјоделски производи во околината на депонијата се одгледуваат овци, крави, па дури и ноеви

Жителите на овие села во изминативе години неколку пати го блокираа одлагањето отпад во депонијата бидејќи се свесни дека живеат до еколошка бомба и дека преку подземните води се загадува почвата. Тие немаат избор. Нивните домови биле таму долго време пред некому да му текне со дива депонија на оваа локација да се „решава“ проблем од регионален карактер.

Нема да има дислокација

Деновиве граѓаните на Гостивар повторно побараа да се најде соодветно решение за проблемот со Русино односно да се дислоцира депонијата. Но, според последниот план, таму се предвидува изградба на регионална депонија со сите заштитни мерки.

Од Владата велат дека веќе биле обезбедени средства за подготовка на Регионален план за управување со отпадот и Стратешка оценка на влијанието врз животната средина.

„Во согласност со планот, Министерството за животна средина и просторно планирање блиску соработува со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (SECO) за инвестирање на 8 милиони евра за изградба на централен објект за управување со отпад – регионална депонија за комунален отпад во Русино, на местото на постоечката нестандардна депонија што ќе ги опслужува граѓаните во сите општини во регионот и изградба на 2 трансфер станици со вкупно инвестициони трошоци од еден милион евра. До започнувањето на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е сè уште надлежност на општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар. Општина Гостивар, преку ЈКП Комуналец од Гостивар има обврска да наплаќа за секој тон депониран отпад кој се одлага на Русино и со тие средства да ја одржува локацијата, со технички услови за заштита на животната средина, спречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично“, соопшти Владата.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари најави дека засега проблемот ќе го „реши“ со блокада на камионите кои депонираат отпад од други општини и дека Русино ќе остане резервирана само за отпадот од Гостивар.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фоторепортер: Томислав Георгиев

Сподели