
Информирање на јавноста за справувањето со загадувањето од ОХИС во Скопје
На две локации во кругот на фабриката ОХИС во Скопје неправилно се депонирани големи количества опасни нуспродукти од процесот на производство на линданот во периодот од 1964 до 1977.
Оваа година ќе се започне со процесот на отстранување на линданот од една од локациите од кругот на фабриката ОХИС и со третман на контаминираната почва.
Целосното отстранување на линданот од сите локации каде што е присутен како и соодветно третирање на почвата и подземните води е долгогодишен процес кој бара активно вклучување на повеќе чинители со цел подобра координација, информирање и отстранување на оваа еколошка жешка точка.
Видеото е изработено во рамки на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО (United Nations Industrial Development Organization).
Кампањата за подигнување на јавната свест за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина се спроведува од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД) во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).