fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Фотографија на која се гледа багер, цевки и планина

Никој не ги мери штетите од малите хидроелектрани

Дебатата со аргументи про и контра за изградбата на мали хидроелектрани не се води само во земјава, туку и во целиот свет – дали се тие од приватен или од јавен интерес, колку поединци и фирми профитираат, кои се тие, дали се блиски до власта и конечно, зошто локалното население често се бунтува против изградбата на малите хидроелектрани? Со овие прашања се занимаваат речиси сите медиуми од регионов – српските медиуми пишуваа дека фирми поврзани со кумот на претседателот Александар Вучиќ најмногу профитираат од малите хидроелектрани, а во Црна Гора се поврзуваат со лица блиски до Мило Џукановиќ. Во Босна и Херцеговина се водат полемики околу нивната оправданост, а Република Српска раскина 22 договори за концесии, од кои најголем дел за мали хидроелектрани, затоа што концесионерите не се држеле до договорите.

Во земјава, ситуацијата е слична, односно проблемите се речиси исти.

Производителите на струја од обновливи извори на енергија коишто користат повластени тарифи (ветерните електрани, фотонапонските системи – сончеви електрани, мали хидроелектрани и биогасни електрани) учествуваат со само 6,17 проценти во вкупното производство на струја во земјава. Само 3,82 проценти се од малите хидроелектрани, покажуваат податоците од Регулаторната комисија за енергетика.

Фотографија од мала хидроелектрана

Малите хидроелектрани имаат незначителен удел во производството на струја, но фирмите-сопственички остваруваат значителни приходи, пари коишто доаѓаат од сметките на граѓаните

Податоците што ги чекавме речиси половина година, пак, покажаа дека од 2010 година, до годинава до март, приходите на десет фирми – мали хидроелектрани коишто користат повластени тарифи изнесуваат речиси 80 милиони евра. Дел од нив имаат странски сопственици, а кај голем дел како сопственици се јавуваат поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и неговиот брат Тодор или пак фирми поврзани со нив.

Поврат на инвестициите во рок од 8 до 11 години, плаќаат граѓаните

Инвеститорите кои ги градат малите хидроелектрани добиваат статус на повластени производители на електрична енергија, а профитираат на тој начин што државата ја откупува струјата што ја произведуваат, по однапред одредена цена. Парите што државата ги користи за откуп, доаѓаат од граѓаните, односно од нивните сметки за струја.

Колку вложуваат, а колку добиваат инвеститорите со изградбата на една мала хидроцентрала? Од каде потекнува интересот за изградба на мала хидроцентрала? Колку чини истата да се изгради? Тодор Анѓушев е претседател на Групацијата на обновливи извори на енергија при македонската енергетска асоцијација (МЕА), која што е еден вид форма на организирање на стопански субјекти кои се занимаваат со производство на енергија од обновливи извори. Тој вели дека изградбата на една мала хидроелектрана во просек чини околу 1,5 до 2 милиони евра, нешто што претставува бенефит за градежниот сектор во земјава.

Фотографија од Тодор АнѓушевЦената за изградба на една мала хидроелектрана во најголема мера зависи од цената на градежниот дел, приклучокот, концесискиот надомест, имотно правните работи и опремата, така што не може прецизно да се одговори, особено земајќи предвид дека секоја електрана претставува засебен проект и цената е различна. Илустративно, просечна цена за изградба на една мала хидроелектрана од 1 MW е помеѓу 1,5 и 2 милиони евра“, вели Анѓушев.

Тој додава дека исклучително важно е да се напомене дека 80-90% од тие средства потребни за изградба на малите хидроелектрани остануваат во нашата држава, со што претставуваат голем економски бенефит за македонската економија, пред сè во градежниот сектор.

„Оттука, наша проценка е дека ако се изградат 200 мали хидроелектрани, а колку за илустрација во Словенија има 588, во градежништвото во Македонија ќе се уплатат повеќе од 250 милиони евра. За сите други електрани кои работат на обновливи извори, повеќе од 80% од средствата се уплаќаат за увоз на опрема, од што македонската економија нема бенифит, вели Анѓушев.

Според него, изградбата на малите хидроцентрали не е мал проект, па така и повратот на парите не може да се очекува на краток рок.

„Повратот на средства се движи помеѓу 8 до 11 години, што во голема мера зависи и од хидрологијата. Во ова пресметка не се земени предвид средствата за вработените и одржувањето. Исто така треба да се напомене дека 1% од вкупниот приход го уплаќаме во Министерство за животна средина и 2% од вкупниот приход го улпаќаме во буџетот на Република Северна Македонија, додека другите електрани на обновливи извори на енергија ги немаат овие давачки“, објаснува тој.

Изумирањето на рибниот фонд наспроти регулативите за градба

Најмногу реакции постојат во делот на последиците што ги оставаат малите хидроелектрани по животната средина, за што често алармира населението што живее во близина на овие енергетски капацитети. Истовремено, екологистите укажуваат дека на реките каде што во низа се прават мали хидроелектрани поради загубата на кислородот водата добива „барски“ квалитет, што доведува до промена на растителниот свет кој егзистира во близина на реката. Освен тоа, домашните животни што ги чуваат локалните жители, не сакаат да пијат од водата која макар и еднаш поминала низ цевка.

Фотографија на која се гледа цевка во природа, над бетонска конструкција за хидроцентрала

Водата од реките преку цевки се носи до турбините што е сериозна закана за живиот свет

„Необезбедувањето на таканаречените „рибни патеки“ коишто треба да обезбедат непречена циркулација на живиот свет по должината на текот на реката, доведува до изумирање на некои видови риби, а се смета дека со масовноста на изградба на мали хидроелектрани само на Балканскиот полустров ќе изумрат 19 видови риби. Освен тоа, со загадувањето на големите реки, во Македонија чиста вода останува само во високопланинските водотекови, која во голема мера се флашира и се користи како вода за пиење. Со градењето на малите хидроелектрани, количините на квалитетна вода за пиење во голема мера ќе се намалат. Онаму пак, каде се зафаќа цела рекичка и се внесува во цевка, доаѓа до промена на растителните видови кои егзистираат во оклината на реката, и тука почнуваат да егзистираат „суви“ растенија кои се подложни на шумски пожари“, вели Јосиф Јордановски, експерт за обновливи извори на енергија.

Наспроти ова, Анѓушев вели дека при изградбата на малите хидроелектрани, се работи според највисоки стандарди за заштита на животната средина, „иако не може да се исклучи дека секоја човечка активност има влијание на природната околина“.

„Меѓутоа, историјата на изградба на хидроелектраните, независно дали се мали или големи, е поголема од 100 години и за тој период се развиле добри градежни практики за справување со таквите ефекти. Со почитување на овие добри градежни практики и регулатива, влијанието на природната околина при изградбата на малите хидроелектрани може да се сведе на минимум, а со оглед на тоа што интервенцијата е еднократна, само при градба, најчесто за 5 години природата самостојно се враќа во првобитната состојба“, вели тој.

Анѓушев појаснува дека сите мали хидроелектрани во Македонија се изградени преку тендерски постапки, а пак за да се објави самиот тендер, сите надлежни институции мора да ја дадат својата согласност, а и во сите понатамошни фази неопходно е почитување на голем број регулативи.

„Во фазата на проектирањето на малите хидроелектрани и вадењето на одобрение за градба, неопходно е да се добијат сите согласности од надлежните органи, меѓу кои и од Министерството за животна средина и просторно планирање, Македонски шуми и Национални паркови. Понатаму, за време на градењето, неопходно е самата градба, како и сите изведувачи да бидат пријавени и согласно законските нормативи, има и постојан надзор од овластена компанијата за надзор, како и од сите државни институции и државни инспекторати. Конечно, и за време на самото работење на малите хидроелектрани има најавени или ненајавени посети од државните инспектори од Инспекторатот за животна средина“, вели Анѓушев.

Немаме студија за генералното влијание на изградбата на малите хидроелектрани врз животната средина

Од Министерството за животна средина велат дека во однос на оцена на влијанието на животната средина за сите мали хидроелектрани за кои се склучени договори за концесии спроведени се засебни постапки за оцена на влијанието на животната средина.

„Студија за генералното влијание на изградбата на малите централи врз животната средина не е направена“, велат од Министерството.

Еден од клучните проблеми со овој бизнис е што државата дозволуваше изградба на мали хидроелектрани и во заштитени подрачја. Концесиии се доделени и за реки на Шар Планина којашто во меѓувреме беше прогласена за национален парк. Шар Планина е под привремена заштита, со цел да се спречи донесување нови концесии на територијата на подрачјето, но тоа не значи дека нема да бидат изградени планираните мали хидроелектрани.

Профилна фотографија од Насер Нуредини„Во однос на одлуките за градење мали хидроелектрани кои се веќе поминати, дадовме рок од една година надлежните министри да преговараат со инвеститорите со цел тие да се повлечат од градење, но истовремено да не биде финансиски оштетена државата. Нови концесии нема да има, тоа е впрочем и идејата, да се спречи давањето нови концесии“, изјави во март годинава министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги до сега има издадено вкупно 118 лиценци за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани. Од нив 97 се повластени производители, кои ја продаваат произведената електрична енергија по повластени тарифи, додека останатите електроцентрали ја продаваат произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија.

За тоа што ќе се случува по истекот на концесискиот период, кој со Договорите за концесија е определен во траење од 23 години, од Министерството велат дека концедентот ќе формира комисија за пренос на објектите и земјиштето на државата, а со посебна одлука, во зависнот на законските прописи кои ќе важат во тоа време ќе се одлучува кој ќе стопанисува со истите.

„Сегашниот закон  за концесии не содржи одредба за евентуално продолжување на концесијата за дополнителен концесиски период“, велат од Министерството.

Потребни се остри казни за непочитување на мерките за заштита на околината

Дел од енергетската заедница во светот тврди дека и покрај негативните последици од градбата на мали хидроелектрани, тие се сепак неопходни поради тоа што и покрај малите капацитети успешно го ублажуваат проблемот со призводството на електрична енергија. Се тврди дека постоењето на малите хидроелектрани е неизбежно за да се намали загадувањето што се предизвикува од производство на струја од фосилните горива. Како главен услов за нивното работење се наведува строго почитување на мерките за заштита на околината и воведување остри казни во случај на нивно прекршување.

Меѓутоа, Државниот инспекторат за животна средина во Македонија многу долго време кубури со кадар и работи на границите на можностите со само 50 отсто од бројот на вработени кои навистина му требаат. Еден цел регион во земјава, североисточниот, нема ниту еден инспектор, а општините и сите еколошки ризици кои ги демнат граѓаните кои живеат во овој регион ги покриваат инспектор од Пробиштип и инспектор од Скопје.

Во вакви услови јасно е дека недостига контрола и мерење на штетите предизвикани од работата на малите хидроелектрани. Тие можат да бидат непроценливи ако се земе предвид дека овие енергетски капацитети претставуваат закана за исчезнување на ендемични видови. Затоа, недопустливо е опстојувањето на одредени животни и растенија и воопшто на реките да биде оставено на совеста на инвеститорите, чијшто главен интерес е со помали трошоци да дојдат до поголем профит.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Мери Јордановска

Сподели