fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Нови граници за управување со отпад

Махмуд Мохиелдин (Mahmoud Mohieldin), Самех Вахба (Sameh Wahba) и Силпа Каза (Silpa Kaza)

Секоја година, светот генерира 242 милиони тони пластика, која претставува дури 90 отсто од отпадот што се наоѓа во океаните. Со тоа се оштетува морскиот екосистем, а пластиката на крај повторно завршува во нашите тела.

Во светот постои сериозна криза на која јавноста не ѝ посветува доволно внимание. Секоја година луѓето создаваат околу две милијарди тони отпад од домаќинствата и многу поголема количина на индустриски, опасен, електронски, медицински и градежен отпад, а голем дел од тој отпад се отстранува несоодветно. И, како и обично, последиците како што се уништување на животната средина, нарушување на здравјето и попречување на развојот, влијаат многу повеќе врз сиромашните луѓе во светот отколку на останатите.

Според сегашната ситуација, најмалку една третина од целиот глобален отпад отворено се фрла или се пали. Земјите со ниски приходи можеби веќе трошат дури до 20 отсто од нивните општински буџети за управување со отпадот, а бројката може да достигне до високи 93 проценти.

Штетата по здравјето на луѓето и животната средина е веќе значајна. На пример, секоја година, светот генерира 242 милиони тони пластика, која претставува дури 90 отсто од отпадот што се наоѓа во океаните. Со тоа се оштетува морскиот екосистем, а пластиката на крај повторно завршува во нашите тела. Според „Оушн консерванси“ (Ocean Conservancy), пронајдена е пластика во секој вид морски желки и во повеќе од 25 проценти од рибите земени како примерок од пазарите за морска храна низ светот.

Се очекува проблемот да се влоши. Во неодамна објавениот извештај Каква штета 2.0 (What a Waste 2.0) предвидено е дека глобалното генерирање на отпад ќе се зголеми дури за 70 проценти до 2050 година, и покрај тоа што светското население ќе се зголеми за помалку од половина од таа бројка. Половина од зголемувањето ќе доаѓа од Супсахарска Африка, каде што генерирањето отпад ќе се зголеми за повеќе од трипати, и од Јужна Азија, каде што ќе се зголеми повеќе од двојно.

Соочувањето со растечката криза со отпадот ќе биде пресудно за постигнување на целите за одржлив развој (ЦОР) на Обединетите нации. Агендата за одржлив развој од 2030 година ги обврзува земјите да постигнат одржливи модели на производство и потрошувачка (ЦОР12). Исто така, се повикува на универзален пристап до чиста вода и канализација (ЦОР6) и создавање здрави и одржливи градови (ЦОР11). И ЦОР14, односно „зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој“ очигледно не може да се постигне без голем напредок во борбата против загадувањето на морињата.

За среќа, светот конечно се чини дека ја препознава сериозноста на кризата со отпадот. Фокусот на Конференција „Наш океан“ во октомври во Бали, Индонезија, беше на создавање обврски и формулирање мерки за задржување на одржливоста на океанот, а еден од начините е намалување на загадувањето на морињата. Забележителни беа зголемените забрани или даноци што се наметнуваат на одредени видови пластика или пластични производи.

Сепак, за да се реши проблемот со потрошувачка на пластика потребни се значителни промени во однесувањето. Во исто време, пластичниот отпад што се произведува треба да се управува подобро, за отпадот да не заврши во водите. Имајќи предвид дека поголемите земји најмногу придонесуваат кон загадувањето со пластика, подобрување на управувањето со отпад во тие земји ќе има големо влијание. Онаму каде што регулативите за спречување депонирање не се доволни, тие треба да се зајакнат и да се спроведуваат.

Веќе постојат бројни успешни модели на управување со отпад и отстранување на отпад кои можат да бидат добра почетна точка за таквите промени. Размислување за последиците при планирање на активностите, исто така, ќе биде клучно во земјите кои очекуваат брз економски напредок и раст на населението, како што се Демократската Република Конго, Индија, Нигерија и Пакистан.

Се разбира, таквите промени се скапи, а пари никогаш нема доволно. Во просек, локалните власти плаќаат 50 проценти од трошоците на земјите за управување со цврст отпад. Иако земјите со понизок приход трошат помалку за управување со отпад во апсолутна смисла (околу 35 долари по тон), тие имаат повеќе проблеми да ги повратат трошоците.

Со оглед на ова, меѓународните институции треба да им помогнат на земјите, особено на земјите со пониски приходи, да планираат и да развијат најсовремени системи за управување со отпад, вклучувајќи и обезбедување на потребното финансирање. Владата во Мароко, со помош на меѓународни заеми, спровела програма со која се трансформира управувањето со цврстиот отпад, воведувајќи значително зголемување на учеството на приватниот сектор.

Меѓународните институции, исто така, треба да го поддржат воведувањето политики кои даваат поттик за намалување на отпадот од домаќинствата. И за ова постојат успешни модели што може да се следат. Во Нингбо, Кина, граѓаните добиваат финансиски поттик за одделување на органскиот отпад и за рециклирање, со што се намалуваат вкупните трошоци на собирање на отпад на градот.

За ефикасно намалување на отпадот потребно е да се дејствува на сите нивоа на власта и општеството. Тоа значи да се издејствуваат сеопфатни промени во однесувањето, усогласување на стимулациите, намалување на пречките за финансирање и промовирање на учеството на приватниот сектор. Истовремено, значи и обезбедување поддршка за земјите на кои им е најпотребна, како што се оние во Супсахарска Африка и Азија.

Почистата и поздрава иднина ни е на дофат. Не смееме да ја фрлиме во отпад.

Махмуд Мохиелдин е Виш заменик-претседател на групацијата на Светската банка за Развојната агенда за 2030 година, одговорен е за Односи и партнерства во Обединетите нации, и е поранешен министер за инвестиции во Египет.

Самех Вахба е глобален директор за Урбан и територијален развој, управување со ризици од катастрофи и отпорност во Светската банка. Силпа Каза е специјалист за урбан развој во Светската банка во секторот за глобални практики за социјални, урбани и рурални прашања и прашања на отпорност.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
Сподели