fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
plovnite objekti i ponatamu ke gi trujat zastitenite vodni povrsini 1

Пловните објекти и понатаму ќе ги „трујат“ заштитените водни површини

Крајот на летната сезона во Охрид го означи и прекинот на брмчењето на моторите од скутерите, глисерите, чамците и другите пловни објекти, кои ја параа мирната шир на Охридското Езеро. За разлика од капачите, кои ќе му се вратат на езерото дури наредната сезона, дел од бродовите и чамците за туристичко возење низ езерото ќе бидат присутни и во текот на зимата задоволувајќи ги апетитите на љубопитните туристи кои сакаат и од вода да уживаат во убавините на нашето најголемо богатство.

И додека властите и хотелиерите ги прават пресметките како поминала летната сезона, ние прашавме кој го штити ова заштитено подрачје, како и другите водни површини во земјава, од прекумерната употреба на мотори кои сè уште возат на бензин или други енергенси штетни за природата.

Според Законот за водите, заради заштитата на флората и на фауната, водните екосистеми и екосистемите зависни од вода, како и заради чување и одгледување на растителните и животинските видови, пловидбата со пловни објекти и инсталации кои се придвижуваат со мотори со внатрешно согорување е забранета во заштитните зони и подрачја утврдени со овој и со друг закон. Но каква е реалната слика на терен?

Plovnite objekti i ponatamu ke gi trujat zastitenite vodni povrsini 1

Колкава е македонската пловна „флота“?

Според Регистарот на бродови, кој го води Капетанијата на пристаништата, во земјава има 4 патнички бродови, сите во Охридското Езеро. Во фаза на потврда за пловна состојба се уште два половни бродови увезени од Европската Унија, велат од Капетанијата.

„Способноста за пловидба на четирите патнички бродови е утврдена од страна на признатото Здружение за класификација ‘БВ’ (Биро веритас), кое е на листата на признати здруженија за класификација. Бродовите се запишани во БВ-регистарот и имаат добиено класа на БВ и сертификат кој одговара на усогласеност со директивата ЕУ 2006/87 ЕЦ“, појаснува капетанот на Капетанијата, Горан Устинијаноски.

За разлика од бродовите кои се присутни само на Охридското Езеро, чамци и друг вид на пловни објекти има речиси на сите други природни езера или вештачки акумулации. Условите за пловидба, регистрацијата на пловните објекти, надзорот се регулирани во Законот за внатрешна пловидба.

Активни пловни објекти се вкупно 1.872.

Година Пловни објекти
чамци пасара
Пловни објекти
гума пластика
Пловни објекти
понтони
Пловни објекти
јахти
Пловни
објекти едрилици
Пловни објекти
глисери
Пловни објекти
скутери
Вкупно
2009-2019 902 35 52 4 54 676 149 1.872

Извор: Министерство за транспорт и врски, орган Капетанија на пристаништата

Во 2019 година ниту еден пловител не е казнет за загадување на животната средина

Според Законот за внатрешна пловидба, контрола врши Инспекторатот за безбедност во внатрешната пловидба, кој покрај за безбедноста е задолжен и за заштита на животната средина. Но досега инспекторатот нема издадено решение за прекршок поради загадување на животната средина.

„Да, Законот предвидува моторите на пловните објекти да исполнуваат одредени еколошки стандарди, но за жал ние немаме техничка можност и процедура во која би утврдиле дека одреден мотор е загадувач“, појаснува инспекторот Панде Рилков.

Во првите два квартали од оваа година Инспекторатот извршил контрола само во Охридското Езеро, каде што и има најголема пловидба. Пречките за покривање на целата територија се технички.

„Располагаме само со еден пловен објект, со кој ја вршиме контролата и немаме технички можности да го пренесуваме на другите езера“, вели Рилков. Тој додава дека при внатрешната ревизија од Министерството за транспорт и врски им ги посочиле овие проблеми кои, како што вели, се провлекуваат со години.

Заштитените подрачја незаштитени докрај

Проблем со загадувањето на Охридско Езеро е и немањето на бензинска пумпа преку која сите сопственици на пловни објекти ќе вршат соодветно полнење на гориво, со што ќе се намали загадувањето поради невнимание, претурање и слично, како што се случува сега.

Но, Охридското Езеро не е единственото заштитено подрачје во кое треба да се врши контрола над употребата на мотори со внатрешно согорување.

Во студиите за ревалоризација на заштитените подрачја од различни категории како Преспанското Езеро, Тиквешкото Езеро, Кањонот Матка, изработени пред шест, односно девет години, е наведено дека, од една страна, моторните чамци предизвикуваат бучава и со тоа ги вознемируваат животинските видови, а од друга страна со отпадните масла од чамците кои се испуштаат во езерата се загадува и водата.

СТУДИЈА ЗА РЕВАЛОРИЗАЦИЈА НА ПРИРOДНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ СТРОГ ПРИРОДЕН РЕЗЕРВАТ „ТИКВЕШ”

Појавата на бучава од моторите на чамците влијае негативно на орнитофауната, а отпадните масла од чамците ја загрозуваат водната фауна пред сè ихтиофауната. На Тиквешкото Езеро пловат околу 400 чамци, со кои се превезуваат околу 1.000 лица, главно заради развој на туризмот. Чамците се сопственост на месното население, кое преку оваа активност обезбедува приходи.

СТУДИЈА ЗА РЕВАЛОРИЗАЦИЈА НА ПРИРOДНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА „КАЊОН МАТКА”

Она што претставува закана за заштитеното подрачје е користењето чамци на моторен погон, така што тие предизвикуваат бучава и со тоа ги вознемируваат животинските видови. Од друга страна, отпадните масла од чамците често пати се испуштаат во самото езеро и со тоа се загадува водата во езерото.

ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО – СТУДИЈА ЗА РЕВАЛОРИЗАЦИЈА И ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО

Одредување на носивоста на оваа област, особено на водните екосистеми, и начинот на регулирање на бројот на посетители (издавање на дозволи за спортски и рекреативни активности, контрола на кориснички лиценци, регулирање на начини за пристап доводните екосистеми, како на пример со ограничување на бројот и видот на пловни објекти).

Plovnite objekti i ponatamu ke gi trujat zastitenite vodni povrsini 2

Обвинителството проверува дали е законско возењето моторни чамци во Кањонот Матка

Користење на мотори со батериско напојување, соларни бродови се само дел од решенијата кои се предлагаат, но засега нема конкретни резултати или напори за спроведување на овие еколошки стандарди.

Пловидбата на најстарото вештачко езеро – Езерото Матка како заштитено подрачје е регулирана во согласност со одлука на Град Скопје, додека кај изворот на Реката Дрим – Св. Наум е дозволена пловидба на чамци на весла, во согласност со одлука на Владата на барање на Националниот парк „Галичица“ како давател на услуга за туристички прошетки, појаснуваат од Капетанијата.

Прашања упативме и до Министерството за животна средина и просторно планирање, Сектор води, во врска со тоа како да се зајакнат контролите и дали постои план или стратегија за замена на моторите со електрични или соларни напојувања, кои ќе имаат помало влијание врз загадување на животната средина? Оттаму добивме само насока прашањата да ѝ ги поставивме на Капетанијата.

Одлуката за изворите на Св. Наум се почитува, вели инспекторката Лидија Зафировска од Државниот инспекторат за животна средина. Но за Кањонот Матка таа има издадено решение за забрана за управување на чамците со моторен погон.

„Овој проблем се провлекува од 2015 година. Досега неколку пати имам издадено решение за забрана за управување со моторни чамци во заштитеното подрачје. Правниот субјект се жали до Второстепената комисија, која повторно ни го враќа предметот наместо да донесе свое решение“, вели инспекторката, која решението за прекршување на Законот го доставила и до Јавното обвинителство.

Од Обвинителството потврдуваат дека добиле известување од државниот инспекторат и дека постапуваат по него.

„Известувањето од Државниот инспекторат за животна средина е доставено до Основното јавно обвинителство Скопје. Надлежен јавен обвинител издаде повеќе барања за прибирање податоци со цел да ги провери наводите“, се вели во одговорот од Обвинителството.

Построги критериуми за регистрација

Во Правилникот за техничките правила за утврдување способност за пловидба на чамец и баждарење, начинот на водење на регистарот на чамци, образецот и содржината на пловидбената дозвола и регистарската ознака утврдени се и стандардите на моторите на пловните објекти кои треба да спречат загадување на животната средина. Според овој Правилник, како што уверуваат од Капетанијата, се раководат и тие при регистрацијата на пловните објекти.

Токму во таа фаза, регистрацијата, односно првиот филтер на одобрување дали одредено пловило ги исполнува еколошките стандарди, треба да се вложат најмногу средства и внимание, смета поранешниот министер за животна средина Тони Поповски.

„Најважно, според мене, е почитувањето на еколошките стандарди при регистрацијата на пловите објекти. Мерката што се предлагаше за издавање на еколошки налепници за моторни возила кои не ги исполнуваат еколошките стандарди треба да се примени и за пловните објекти. Тоа е само еден од начините. За тоа ќе треба малку посилна волја и соодветна промена, но и примена на подзаконските акти доколку навистина сакаме да ги зачуваме водните екосистеми“, вели Поповски. Тоа е наједноставно и најпрактично решение, додава тој.

Една од најголемите природи атракции во Хрватска, Плитвичките Езера, се прогласени за Национален парк во 1949 година, а 30 години подоцна се ставени и на листата на УНЕСКО за светско природно наследство. Иако тие се достапни за туристите, речиси по еден милион ги посетуваат годишно, сепак посетата во нив се одвива по строго утврдени тури. А поради заштита на водната флора, возењето по езерата се одвива со електрични бродови, кои ги задоволуваат и туристичките апетити, но и ја заштитуваат животната средина.

Автор: Марија Севриева

Сподели