
Ветуваат природен гас, а ни оставаат отровен воздух
- Скопје е на врвот на листата на најзагадени градови, а како главни извори на загадување се греењето на дрва, индустријата, јавните институции кои користат мазут и сообраќајот.
- Македонија е меѓу првите во Европа по број на смртни случаи поврзани со загаден воздух, со 4.000 годишни жртви, или 18% од вкупната смртност.
- Природниот гас се гледа како транзициско гориво (кон водород) за намалување на загадувањето, но Македонија доцни 50 години зад европските земји во развојот на гасоводни мрежи.
- Националната гасоводна инфраструктура започна да се гради во 2015 година, но нема дистрибутивна мрежа која би ја довела до домовите и индустријата.
- Регулаторната комисија за енергетика укажува на неуспешни тендери за изградба на мрежите, додека Владата разгледува опции за јавно-приватни партнерства.
Скопје е град со најзагаден воздух во светот – ова е насловот кој со години наназад се појавува на домашните и на странските медиуми во текот на зимските месеци, а пред извесно време повторно ги вознемири граѓаните откако главниот град изби на првото место на листата на најзагадени градови што ја прави популарната страница IQAir, на која во реално време се следат штетните материи во воздухот. Греењето на домаќинствата на дрва и цврсти горива, индустријата, загревањето на јавните институции на нафта и мазут и сообраќајот се главните фактори за аерозагадувањето, што е потврдено со повеќе студии, направени и во Скопје и во уште неколу градови низ земјава. Екологистите кои со години алармираат за опасностите од загадувањето и властите се согласни околу причините, но се разидуваат околу динамиката за спроведување на мерките и финансирањето на механизмите за решавање на овој проблем. Различни владејачки гарнитури во изминативе години ветуваа дека со гасификацијата на земјата ќе се намали загадувањето на воздухот, но нашето истражување покажа дека поради нивната неефикасност ќе помине долг период пред природниот гас да дојде до домовите на граѓаните на Скопје и другите општини.
Закочена гасификација
Македонија со децении наназад има пристап до природен гас преку гасоводот кој преку Бугарија носи гас од Русија, а изминуваат десет години откако почна изградбата на националниот гасоводен систем во 2015 година. Оттогаш наваму освен изградбата на гасоводите кон Штип, Неготино, Битола и кон Гостивар, не е почната изградба на ниту една дистрибутивна гасоводна мрежа во Скопје и останатите општини, што е предуслов за воведување природен гас за греење и други намени во домовите и индустриските капацитети и би требало да резултира со значително намалување на загадувањето на воздухот.
Она што следува и што е суштинско во процесот на гасификација на земјава е поврзувањето со гасоводот во Грција. Ова е значајно за земјава да добие втора линија за довод на гас и да не биде зависна од гасот од Русија. Гасот преку овој гасовод доаѓа од Азербејџан. На последниот тендер за изградба на интерконекторот, се пријавиле пет компании, од Владата објаснуваат дека процедурата за постигнување договор ќе биде завршена до крајот од месецов. Процесот се одвива преку државната НОМА гас.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски вели дека Македонија доцни со развојот на дистрибутивната мрежа.
„Од 2009 година кога беше изработена стратегија за развој на дистрибутивните мрежи, па натаму од 2012/13 се распишани повеќе тендери за да се најдат инвеститори коишто би ги развиле дистрибутивните мрежи. Порано се одеше на концепт, еден тендер се подели на пет региони, еден на три региони и сега цела Македонија е една дистрибутивна мрежа и досега нема ниту еден успешен тендер“, вели Бислимовски.
Тој објаснува дека природниот гас се смета за транзициско гориво и доколку развиваме дистрибутивни мрежи за природен гас, тие ќе треба да имаат можност да го користат и водородот.
Сличен став има и Виктор Андонов, енергетски експерт вклучен во неколку проекти на претходната влада. Тој вели дека во гасификацијата доцниме 50 години зад европските држави.
„Доколу гасификацијата оди генерално во насока на индустрија, комерцијален и услужен сектор мислам дека ќе биде добро, бидејќи следното користење енергија оди кон водородот. Водородот може да се произведува и од гас и од обновливи извори на енергија и генерално може да се користи низ постоечките системи кадешто поминува гасот така што тука нема многу да згрешиме. Дополнително што нам ни требаат објекти за производство на електрична енергија, можеме да одиме во поефикасен начин со изградба на когенеративни постројки кои ќе поизведуваат и електрична енергија и топлина и со развој на топлификациони системи и на тој начин и да го искористиме гасот и да го намалиме загадувањето. Овие централи генерално брзо се градат, за околу три години, треба да нарачате опрема, па таа да стигне, генералните проблеми повеќе се со проектирање, урбанизација. Прв град што ќе има топлификационен систем јас мислам дека е Битола, бидејќи таму е веќе изграден топловодот од РЕК Битола до градот. Таму треба од блоковите на РЕК Битола да се пренесува топлина до градот и во моментот се приклучуваат 35 објекти од јавен интерес на топлина и втората фаза ќе биде, таму каде што е можно, мислам во централното гратско подрачје, каде што имате згради, колективен тип на домување, да се приклучат прво тие и тоа е добро. Во Европа има и системи на соларно греење, ги користат истите системи меѓутоа изворот е друг, наместо гас, така што системите за топлификација секако се позитивен аспект и треба да се градат таму каде што може“, смета Андонов.
Допрва ќе се бара модел за развој на дистрибутивната мрежа
Од Владата, на нашите прашања за развојот на дитрибутивната мрежа не дадоа прецизен одговор и велат дека кога ќе ја избереле опицијата за развој на дитрибутивната мрежа ќе ја информирале јавноста.
„Визијата на Владата е еколошки, конкурентен и стабилен енергетски систем кој се темели на принципите на сигурност, ефикасност, одржливост и независност. Во тек е проектирање на околу 100 км дополнителна национална гасоводна мрежа. Исто така, како Влада сме посветени на отпочнување со изградбата на интерконекторот со Грција и проектирање на интерконекторот со Србија. Разбираме дека за целосен развој на гасификацијата, како и достапност на природниот гас до целокупната индустријата и домаќинствата, потребно е да ја развиеме и дистрибуцијата и затоа се обврзавме како Влада да пристапиме кон развој на дистрибутивни мрежи со што ќе овозможиме гасот да биде директно достапен до домаќинствата и индустриските и другите објекти“, велат од Владата.

Во Владата засега нема одлука за начинот на кој ќе се развива дистрибутивната мрежа
Оттаму додаваат дека сериозно се разгледуваат повеќе опции за развој на дистрибуцијата на природен гас, од кои би ги издвоиле јавното приватно партнерство, концесијата, како и стратешките инвестиции, имајќи ги во предвид настаните од минатото.
„Во Буџетот на државата планирани се околу 100.000.000 денари (Раздел 10101 Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини) за поддршка во реализацијата на проектите за гасификација на земјата, додека буџетот за главните инвестиции доаѓа од НОМАГАС АД Скопје, како оператор на системот за пренос на природен гас. Владата ќе постапува согласно законските прописи и што ќе се избере опција за развојот на дистрибуцијата во наредниот период ќе ја информираме јавноста“, велат од Владата во одговорите за „Само прашај“.
Потребен е развој на системите за дистрибуција на топлинска енергија
Бислимовски и Андонов се согласни дека освен развој на дистрибутивната гасоводна мрежа, онаму каде што е можно е потребно да се развиваат системите за дистрибуција на топлинска енергија и да се инсистира што повеќе објекти да имаат парно греење.
„Користењето на гасот кај домаќинствата треба да биде за греење и таму кадешто има можност да се изградат когенеративни постројки кои би произведувале и електрична и топлинска енергија. Тие ќе бидат изложени на цената на гасот, но ќе остваруваат соодветни приходи, а со тоа и профити од продажбите на електрична енергија. Така што при драстична промена на цената на гасот, нема да имаме драстично зголемување и на трошоците за греење на домаќинствата “, вели Бислимовски.
Зградата на регулаторите нема парно греење
Иронично, но токму објектот во кој е сместена инсутитцијата задолжена за регулирање на целата оваа проблематика – Регулаторната комисија за енергетика не е поврзан на топлинската мрежа во Скопје. Просториите се загреваат на струја иако објектот се наоѓа во центарот на Скопје.
„Главен проблем беше што оваа зграда првпат доби конечно одобрение за употреба некаде во август минатата година, од август имаме имотен лист и сега ќе ја разгледаме таа можност, јас сум приврзаник на тоа да се приклучиме на централниот систем за топлинска енергија во градот Скопје, но тоа ќе бара одредени дополнителни инвестиции поради тоа што ќе треба цевки да се пуштат, но верувам дека има сега посовремени начини тоа да го правиме со таканаречени хоризонтални системи“, вели Бислимовски.
Регулаторната комисија за енергетика за да спречи вакви и слични пропусти во иднина има предложено законски измени со кои кога се издава одобрение за градба треба прецизно да биде наведен начинот на греење.
„Државата го има неприкосновеното право да каже на кој начин ќе се греат и домаќинствата, но и комерцијалните објекти. Ние предложивме измена на Законот за градба пред неколку години кадешто јасно кажавме, кога ќе се издава одобрение за градба, да биде точно наведен и начинот на затоплување. Имавме случаи, во Скопје се градат нови згради, на 200/300 метри од Топлификација Запад или Топлификација Исток и инвеститорите не сакаат да се приклучат на системот за топлинска енергија во Скопје поради тоа што ним ќе им ги зголеми трошоците. Но, мислам дека со овие цени на становите сега што се во Скопје, час поскоро треба да се измени Законот за градба во оваа насока“, вели Бислимовски.
Тој додава дека не добиле фидбек од Министерството за транспорт и врски околу овој предлог. Од Владата пак велат дека има законско решение кое е приближно во оваа насока.
„Согласно со постоечката одредба од Законот за градење ве информираме дека во Член 11-а е предвидено дека градба која се наоѓа во граница на плански опфат на генерален урбанистички план треба да биде проектирана и изведена така што ќе има приклучок за гасоводна инфраструктура“, велат од Владата.
Политички памфлети или реални планови за чист воздух
Актуелната власт, слично како и минатата набрзо откако ги презеде институциите се соочи со ударот на енормното загадување и претстави Програма за почист воздух за периодот 2025 – 2030. Програмата е изработена во осум сегменти, и за секој од нив се предвидени и испланирани проекти за кои е зададен рок во кој ќе се почне реализацијата, период во кој таа треба да биде завршена, како и одговорни институции кои ќе бидат задолжени да се стигне до очекуваните резултати. Една од клучните мерки е изградба на когенеративни централи во Скопје и во Битола, а
се предвидува и обврската за Министерството за транспорт и општините во следните десетина години во урбанистичките планови да вметнат дозволен начин на затоплување во одредени градски четврти, со што би се влијаело на намалување на аерозагадувањето.
Граѓанските организации кои работат на проблемот со аерозагадувањето се согласуваат со мерките наведени во планот на Владата, но се сомневаат во реализацијата на оваа програма со оглед на премногу општите рокови кои се дадени, како и поради тоа што недостасува прецизен буџет за секоја мерка.
„Генералните забелешки на Планската програма за почист воздух, 2024-2030, е немање на детален акционен план за секоја година. Квантификацијата на мерките најчесто е изоставена, која сума се планира да се вложи, од година во година и колку субјекти се очекува да се таргетираат. Дополнително, наведени се цели институции како надлежни, но не и кој сектор, кој раководител е надлежен, зошто само така може да се има конкретна одговорност и може да се бара отчетност“, вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.
Таа додава дека во програмата нема наведени индикатори за концентрациите на PM2.5 и PM10, за колку проценти се очекува нивно намалување од секоја мерка.
„Ова е клучно за успешно спроведување на било каков план за почист воздух, зошто без конкретен рок, обем и одговорно лице нема да функционираат. Сметаме дека и оваа и претходните влади не посветуваат доволно внимание и финасии. Имало некакви обиди, почетоци кадешто ќе се покажело ентузијазам да се реши овој проблем меѓутоа набрзо тие запреле и повторно тапкаме некако во место. Оваа Влада исто излезе со некои неодредени, недефинирани мерки, што ќе направи, како ќе направи, без јасно дефинирани акции и конкретни средства одвоени од буџетот така што пристапот е прилично сличен“, вели Чакулев.
Зелен хуман град и Шанса за Центар веќе организираа протести на кои повикаа преземање краткорочи и долгорочни мерки за намалување на аерозагадувањето. Чакулев вели дека клучно е да се има прецизни крајни рокови во кои некој мерка треба да биде спроведена.

На граѓаните им е смачено од неефикасноста на властите (Извор фото: Шанса за Центар)
Умираме додека чекаме почист воздух
Идејата за изградба на когенеративна гасни централи во Скопје и Битола е во почетна фаза. Премиерот Христијан Мицкоски најави преговори со странски инвеститор, а концептот е државата да биде косопственик. Проектот треба да почне да се реализира годинава. Временската рамка за изградба е три години. Меѓутоа и претходната влада најавуваше конегеративна централа што требаше да ја гради грчки „Митилинеос“ кај скопска Железара. Во Собранието беа поднесени четири-предлог енергетски закони, според кои требаше да се градат енергетски централи и постројки со инвеститори од странство, а државата да им даде одредени бенефиции. Еден од овие предлог-закони се однесуваше на „Митеилинеос“ – грчката компанија требаше да добие државна помош од 50 милиони евра и откуп на струја и топлина без јавни набавки. Овие предлози во февруари минатата година беа ставени на дневен ред на собраниска седница, па повлечени по реакциите во јавноста дека државата ќе има голема финансиска штета. До крајот на мандатот на претходниот парламентарен состав не беа вратени на разгледување.

Македонија е на самиот врв во Европа по број на починати лица на 100 илјади жители во ризик како резултат на загадувањето
Додека ја чекаме реализацијата на овие планови кои треба долгорочно да го решат проблемот со аерозагадувањето, Македонија годишно губи неколку илјади жители поради последици од загадениот воздух. Алармантни бројки покажува последното истражување на Европската агенција за животна средина околу смртноста во земјава поврзана со аеризагадувањето.
„Според последниот извештај на Европската агенција за животна средина за 2022 година, Македонија е на самиот врв во Европа по број на починати лица на 100 илјади жители во ризик. Македонија има некаде околу 303 починати на 100 илјади жители во ризик, а второ место е Босна некаде со 256, така што ние сме неприкосновени на самиот врв“, вели Чакулев.
Според истражувањата на домашните експерти, во земјава годишно има околу 4.000 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста на штетните ПМ2.5 честички. Ова претстаува околу 18 проценти од вкупната смртност во државата.
Новина во земјава е што сега граѓаните можат да ја тужат државата и да бараат надомест на штета поради последиците од загадувањето откако Врховниот суд донесе начелно правно мислење со кое ја задолжи државата да обезбеди чист воздух, вода и здрава животна средина. Врховниот суд во начелниот став утврди дека граѓаните можат да ја тужат државата во управен спор пред Управниот суд и Вишиот управен суд. Со оглед на тоа што се покажа дека бројките за смртните случаи предизвикани од загадувањето не се доволен мотив надлежните поревносно да се справат со овој проблем, можеби еветуалните тужби ќе ги натераат посветено да работат на решение за аерозагадувањето.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Наке Батев
Фотографии: Томислав Георгиев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории:
Скопје – каде чистиот воздух е луксуз
Аерозагадувањето во Македонија одзема 5.000 животи годишно како да сме во војна
Нема кој да ги залечи раните од гасоводот на Водно
Зелената агенда „црвенее“ во Западен Балкан – плановите се само на хартија