Зголеменото присуство на змии во Скопје – показател за зголемена градска нехигиена
Во последните денови, скопјани активно споделуваат видео снимки и фотографии од змии снимени во централното градско подрачје, низ скопските населби и во близина на Градскиот парк во Скопје. Појавата на змии во урбаните средини може директно да се поврзе со нехигиената во градот.
Според истражувањето на Ухрин и соработниците, во Македонија живеат 33 вида на влечуги од кои 17 се змии. Поради својата екологија, поголемиот број на видови на змии живеат низ неколку локалитети во државата- најчесто на високо планинските делови или на југот од државата. Но низ градските средини во Македонија се сретнуваат другите почести видови на змии поголемиот дел од фамилијата на смокови. Само 3 вида од херпето фауната во Македонија се смртно отровни и сите тие живеат на неколку ограничени локалитети.
Зголеменото присуство на змии во урбаните центри може да се должи на намалувањето на природните живеалишта на змиите или пак зголеменото присуство на храна во градовите. Во случајот за Скопје постои голема веројатност да се двете. Во Скопје веќе 10 години активно се уништуваат зелените јавни површини и се врши зголемена урбанизација на Водно и околните шуми со што се протеруваат популациите на змии подолу низ градот. Дополнително, во последните месеци се зголемуваат и жалбите на граѓаните за влошената состојба на градската хигиена. Се забележуваат преполнети контејнери, нечисти улици и отпадоци низ парковите. Сето ова претставува извор на храна за многу видови на глодари, кои пак претставуваат главен извор на храна за змиите. Во истражувањето објавено во Current zoology, јасно се прави поврзаноста помеѓу зголемениот број на глодари во градот со присуството на змии. Повеќе отпад значи повеќе глодари, а тоа носи до повеќе змии кои барајќи стабилно живеалиште доаѓаат во урбаните заедници.
Градските власти треба сериозно да се посветат во воспоставување на систем за активно одржување на градската хигиена со мерки кои надминуваат чистење на улиците со вода за пиење и метење на површините. Појавата на змии во градот треба да биде поттик за промени во работата на јавните претпријатија.