Извор и автор: Nature 559, 5-6 (2018)

Време е научниците да почнат да се справуваат со предизвиците на забрзаната и растечка урбанизација

Главниот град на Јужна Африка, Кејптаун, успеа да го избегне најкритичниот ден кога се очекуваше да остане без вода – наместо тоа, се случија сцени кои многу потсетуваа на филмови во кои е прикажана апокалипсата. Интензивните зимски врнежи во овој град во текот на оваа недела доведоа до огромни поплави. По долготрајната суша, канализацискиот систем на градот беше преоптоварен и многу патишта се претворија во реки. Граѓаните беа присилени да преминат од стравот од немање вода, кон справување со хаосот поради имање премногу вода.

На одреден начин искуството на овој град и неговите жители е парабола на нашето време и пример за тоа со какви проблеми се соочуваат градските власти низ целиот свет. Како да им овозможиме на урбаните центри да се справуваат со екстремни временски услови, вклучително и со оние кои се очекува да се случат поради глобалното затоплување? Дополнително, на кој начин планирањето за најлоши можни сценарија може да се усогласи со зголемената свест за потребата од тоа нашите градови да станат поодржливи?

Оваа потреба е голема. Документиран факт е дека луѓето сè повеќе стануваат урбани а помалку рурални, и дека овој тренд се очекува да продолжи. Во текот на педесеттите години од минатиот век помалку од една третина од населението живееше во градовите. Денес тоа е случај со повеќе од 50% од населението а оваа бројка се предвидува да достигне 70% до 2050 година. Секоја недела населението во градовите се зголемува за околу 1,5 милиони. До средината на овој век во градовите ќе живеат онолку луѓе колку што денес живеат на Земјата. Околу една третина од овој раст на урбаното население ќе потекнува од само три земји: Нигерија, Кина и Индија.

Сите овие жители на градовите имаат предвидливи барања: храна, вода и одлагање на отпадот. Реално е да се очекува дека голем број од градовите во светот ќе имаат проблеми да станат доволни сами за себе кога се работи за претходно наведените основни потребни на нивните граѓани. Домувањето кое се карактеризира со голема густина и инфраструктурата не оставаат многу простор за постоење на полиња и за депонии за отпад, така што идејата за целосно одржлив град можеби е малку чудна. Притоа, градовите да ги направиме поодржливи отколку што се сега е благородна цел, содржана во целите за одржлив развој на Обединетите нации (SDGs) кои беа прифатени во 2015 година.

Поконкретно, SDG 11 има за цел „да ги направи градовите и живеалиштата каде живеат луѓе инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи“. Напредокот кон оваа цел ќе биде предмет на дискусија на состанокот на Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој кој при крајот на овој месец ќе биде организиран во централната на Обединетите нации во Њујорк. Експертите од оваа област исто така ќе се сретнат во текот на следната недела за Springer Nature настанот кој ја разгледува науката поврзана со одржливите градови.

Во еден текст на World View објавен оваа недела, еден од говорниците на конференцијата предлага лидерите на градовите да усвојат тнр. пристап на „екосистем“ кон управувањето со урбаниот еколошки развој. Повеќето градови ги имаат експлоатирано околните екосистеми за да ги поддржат нивните потреби, но од суштинска важност се активностите овие активности да оставаат што е можно помала штета и да бидат поддржливи. Градовите исто така претставуваат екосистеми, и „експлозијата на урбаната наука“ да ги моделира и разбере овие системи (уште една од темите за која ќе се дискутира на состанокот во Сингапур) покажува еден важен начин на кој може да придонесе научното истражување.

Јасно е дека пристапите (вклучително и истражувањето) мора да бидат прилагодени на индивидуалните потреби на градовите и на регионите околу нив, без разлика каде се наоѓаат. Во секој случај, забрзаната урбанизација бара интегрирано и мултидисциплинарно размислување.

Делегатите на состанокот во Њујорк треба само да погледнат околу себе за да забележат еден растечки проблем со SDG 11 кој точно ја доловува поентата. Експертите се прашуваат дали зборовите „отпорен“ и „одржлив“ се комплементарни до степен кој изгледа на прв поглед, или наместо тоа тие доведуваат до конфликт. За да му се помогне на Големото Јаболко да биде поотпорно на растечкото ниво на морето беа воспоставени планови за огромна, самостојно-повлекувачка бариера во случај на интензивни невремиња која би биле инсталирана во пристаништето во Њујорк, и тоа по ужасите кои зад себе ги остави ураганот „Сенди“ во 2012 година. Притоа, други лица потенцираа дека еден ваков проект кој чини 20 милијарди американски долари би можел да ги оштети екосистемите, дека речиси никогаш и нема да се употреби и дека речиси и да не може да се класифицира како одржлив. Истата дебата се одвива и во Кејптаун. Иако многумина ги обвинуваат климатските промени за сушата која била предизвикана, експертите се на став дека главната причина за проблемот е многу подиректна: воздржаност кај креаторите на политики да инвестираат во нов систем на акумулации. Делумно гледано, овој неуспех во обидот градот да се направи поотпорен беше предизвикан од загриженостите дека браните неопходни за негова реализација не претставуваат одржливо решение за истиот.

Овие одлуки се многу тешки затоа што бараат на едно место да се разгледаат често спротивставени барања и приоритети. Науката може да помогне така што ќе ги прибере и анализира податоците за дефинирање на ризиците и бенефитите, и во таа смисла истражувачите можат да помогнат за справување со овие трнливи проблеми и да обезбедат дека градовите продолжуваат да им нудат дом на луѓето.