Извор и автор: Huw Lewis-Jones, Nature- International journal of science

Хју Луис Џонс (Huw Lewis-Jones) прави осврт на тоа како повторното градење на концептот „природа“ (nature) го промени нашиот однос со неа.

Дали на следната генерација ѝ ги негираме можностите да ужива во оваа планета? Дали може да најдеме начин економиите да растат без тоа истовремено да значи и осиромашување на животната средина? Пред само педесетина години ваквите провокативни прашања ни изгледаа незамисливи. Ова не од причина што луѓето беа свесни за штетите кои веќе ги прават туку, како што е наведено во една интересна книга, никој целосно не успеа да ја доведе во врска нашата меѓусебна поврзаност со природата. Без постоењето на оваа рамка, човештвото не беше во можност да го опише обемот со кој влијае на планетата Земја, па така од една бескрајно комплексна работа се појави еден едноставен поим: животна средина.

Во делото: The Environment: A History of the Idea, авторите Paul Warde, Libby Robin и Sverker Sörlin го следат појавувањето на овој концепт и неговиот развој од 1948 година до денес. Тројцата историчари на животна средина покажуваат дека во периодот по Втората светска војна кај човештвото растеше свеста за неговите капацитети за катаклизмичка деструкција. Стравувањето за иднината ја покрена желбата да се подобрат дефинициите на системите на планетата Земја. Животната средина како концепт беше негуван по наредните децении и изразуван преку политички демонстрации, конференции и во постапките за изготвување на законските решенија. Оваа приказна исто така е една од новите алатки за мерење и за интердисциплинарно размислување, збир на научните резултати и променливите надлежности, кои подоцна ќе се катализираат со дигиталната револуција.

Речникот еволуираше на начин да ги стави во една рамка влијанијата врз планетата Земја предизвикани од човекот а кои се случуваа во периодот на поствоената обнова – станува збор за период во кој се создаваа меѓународните институции и филозофии. Во 1948 година беше формирана една од првите глобални организации за животна средина во градот Фонтенбло (Fontainebleau) во Франција, а тоа е Меѓународната унија за заштита на природата (IUPN), подоцна позната како Меѓународна организација за зачувување на природата. Нејзината мисија беше “заштита на целокупната биотичка заедница на светот“ со идеја да се стават апсолутни граници кон основните ресурси а од која подоцна произлегоа изрази како што е „максимално количество на нафта“ (peak oil) и сл. Истата година беше покренат и Големиот план за трансформација на природата на советскиот лидер Јосиф Сталин. Како одговор на половината милион смртни случаи предизвикани од сушите и гладот во 1947-1948 година, Сталин нареди програма за изградба на брани и системи за наводнување со цел заштита на земјоделството во степските подрачја. Тоа доведе до „нов хаос, вклучувајќи го и пресушувањето на Аралското море“.

„Thinking Globally“ долго ѝ претходеше на IUPN. На пример, математичарот од 19-от век, Александер Вон Хамболт, гледаше на природата како на „жива целина“ и ги предвиде климатските промени. Советскиот научник Владимир Вернадски ја воспостави идејата за зона која го поддржува животот на планетата Земја во својата книга Биосфера објавена во 1926 година. Сепак, во периодот до 1950-тите години дојде и до напредок на експертизата и инфраструктурата за да го поддржат глобалниот пристап.

Повикани беа нови кадри на експерти со цел подобро да ја информираат јавноста. Тука беа вклучени биологот Рејчел Карсон кој во периодот од 1941 година натаму објавуваше популарни книги за морската биологија. Да го споменеме и екологот Вилијам Вогт, автор на книгата Road to Survival од 1948 година. Во 1954 година се појави и геохемичарот Харисон Браун со своето дело за планетарни ресурси и човековата популација, насловено како The Challenge of Man’s Future. Во 1970 година беше организиран и првиот Ден на планетата Земја при што научникот за системи Џеј Форестер изготви модел на глобална динамика кој се базираше на 120 линии компјутерски код. Ова ги постави основите на значително влијателниот извештај The Limits of Growth објавен во 1972 од страна на Club of Rome.

Животната средина, како идеја и концепт, „доби живот во една футуристичка супа“, како што вели авторите. Таа исто така беше придвижувана од научници – пионери кои се стремеа кон тоа да најдат решенија за деградацијата чии сведоци беа. Амбициозниот меѓународен симпозиум организиран во 1955 година насловен како Улогата на човекот во менувањето на ликот на Земјата и свикан од Wenner-Gren фондацијата за антрополошки истражувања, започна да го менува фокусот кон самото човештво. На овој настан беа присутни луѓе како што е географот Карл Сауер, зоологот Марстон бејтс и теоретичарот за урбанистичко планирање Луис Мамфорд. За жал, имаше само една жена и тоа генетичарката за растенија Јанаки Амал, во тоа време раководител на Заводот за ботаника на Индија.

Една деценија потоа, настанот Future Environments of North America, организиран од Конзерваторската фондација на Соединетите Држави со седиште во Варентон, Вирџинија, и во кој беа вклучени повеќето од луѓето наведени претходно, имаше за цел ги прошири овие идеи на повеќе дисциплини – од конзервација до геологија, економија и социологија. „Јавната политика“ и „менаџментот“ станаа дел од етаблираниот дискурс. Визијата на екологот од Канада, Пјер Дансеро, беше широко прифатена: „Валидна имагинарна реконструкција на нашиот свет е најголемата задача пред нас. Тоа дури може да биде и предуслов за нашиот опстанок“.

Пет децении потоа, ова предупредување е уште поважно отколку тогаш. Огромен е бројот на докази со кои се потврдува како се менуваат процесите на планетата Земја, од хидрологијата до биологијата, предизвикано од активностите на луѓето. Концептот на антропоцен (повеќе како метафора отколку формален поим) кој како епоха го дефинира човековото влијание на Земјата, го најде своето место во главните мејнстрим текови. Корисно е да се навратиме назад и да размислиме на кој начин дискусиите кои се во полза на оваа тематика за првпат го најдоа својот глас и да ги разгледаме предизвиците со кои се соочува ваквото радикално размислување. Голем број на сега познати поими во современата конзервација и екологија (ресурси, биодиверзитет, загадување и климатски промени) имаат културолошка историја. Животната средина многу добро ја мапира таа територија.

Додека го читав специјалниот Извештај на меѓудржавниот панел за климатски промени од 2018 година, инаку промовиран во Јужна Кореја (види go.nature.com/2yztjrf), согледувам дека ограничувањето на глобалното затоплување на 1.5 °C, што е еднакво на прединдустриските нивоа, наместо на 2 °C, (како што беше ветено во Париз во 2015 година) ќе бара „брза и далекусежна“ транзиција во употребата на земјиштето, енергијата, индустријата, објектите, транспортот и градовите. Одбивањето ова да се направи ќе доведе до огромни последници во вид на редоследни влијание на секое можно ниво. Најмалку двојно повеќе клучни инсекти – полинатори и растенија – е веројатно дека би изгубиле половина од нивните живеалишта. Коралите би исчезнале до степен од 99%. Има уште илјадници други депресивни сценарија во однос на разни видови и предели и поради тоа императив е организирањето на концентрирано и итно делување од страна на државите, исто како и „интегрирана експертиза“ – концепт кој се поставува под знак прашање од страна на лидерите на некои од најсилните светски економии. Поединечните активности и понатаму имаат суштинска важност но можеби нема да бидат доволни ако не бидат поткрепени со политики кои политички гледаат подолгорочно.

Во 1987 година, научникот Валас Брокер го забележа следново: „Ние си играме руски рулет со климата, во надеж дека иднината нема да ни приреди непријатни изненадувања“ (W. S. Broecker Nature 328, 123–126; 1987). Наративот на еколошки колапс конечно ја пронајде својата публика. Вард, Робин и Сорлин покажуваат дека сме напреднале со оглед на фактот дека зборот животна средина го пронајде своето место во јавната свест, но сепак некои и понатаму одбиваат да слушаат. Како може да очекуваме еден така централен концепт да бара ургентност и да има влијание во една деконтекстуализирана интернет војна на зборови, вистини, лаги, експертиза и нејзиното одбивање со подемот на популизмот?

Како што може да се види и од историјатот на еколошките движења, потребни ни се имагинација, точност, долгорочна политичка волја и надеж. „Животната средина исто така има врска и со луѓето“, вели авторот „и со тоа како тие реагираат на нејзините промени и предизвици“. Нашиот однос со природата е многу повеќе отколку обични ресурси, погодности или научни идеи. Како што покажува и самиот концепт на животна средина, станува збор за етички сложености за како ја искористуваме и злоупотребуваме планетата Земја.