Имајќи ја предвид сè поголемата загриженост за зголемените емисии во воздухот, расте бројот на родители кои го земаат предвид чистиот воздух како главен фактор во изборот на училиште.

Според студијата, идентификувани беа деца чиј „белодоробен капацитет се намалил за околу 5%“ поради загадувањето со издувни гасови од дизел горивата во градовите. Фотографија: Tony Margiocchi/Barcroft Media

Сè поголем е бројот на родители кои ги отпишуваат своите деца од училиштата поради квалитетот на воздухот, додека други размислуваат целосно да се преселат од градовите поради загриженоста за последиците врз здравјето предизвикани од загаденоста на воздухот.

Една пообемна студија која беше објавена минатата недела во Lancet утврди дека загадувањето од дизел возилата го спречува нормалниот раст на белите дробови на децата, и ги оштетува неповратно и доживотно.

Ова истражување опфати повеќе од 2.000 деца од училишна возраст во Лондон, и е прва студија во еден град во кој загадувањето од дизел возилата претставува значителен фактор.

„Се утврди дека децата загубиле околу 5% од нивниот белодробен капацитет“, изјави Сара МекФејден, раководител за јавни работи и политики во Британската фондација за бели дробови (British Lung Foundation). Заедно со групацијата за право со кое се регулира животната средина, Client Earth, оваа Фондација ја формираше Родителската мрежа за чист воздух (Clean Air Parents’ Network). Станува збор за групација која ги повикува политичарите да го подобра квалитетот на воздухот во градовите. „Тоа е нешто што никогаш повеќе нема да може да се поправи“, изјави таа. „Тоа исто така е нешто што постојано во текот на нивниот живот ќе ги изложува на ризик од инфекции и проблеми со дишењето – сето тоа поради воздухот кој го дишеле додека оделе и се враќале од училиште, во парк, или едноставно кога излегувале надвор со семејството“.

Голем број на податоци, вклучувајќи ги тука и дискусиите на интернет форумите, анкети кај родителите и конкретни докази од граѓанските организации кои се занимаваат со здравствени прашања, упатуваат на тоа дека загриженоста кај родителите сè повеќе се зголемува и дека голем број од родителите го земаат предвид загадувањето како главен фактор кога избираат училиште за своето дете. Истовремено, помал број (но оваа бројка постојано е во пораст) размислува целосно да си замине од градските средини.

„Неверојатно е дека во дваесет и првиот век родителите во Британија треба да размислуваат за тоа да го преселат целото семејство поради загадениот воздух кој штетно влијае на нивните деца.“, вели Андреа Ли, вклучена во кампањата на Client Earth. „Ова е тоа што се случува кога државата не е подготвена да одвои ресурси како и да посвети политичка волја на решавање на она што се претвори во криза на јавното здравје.“

Бен Пол, архитект кој со сопругата живее во Блумсери (централен дел од Лондон) изјави дека тој почна да изразува загриженост за загадувањето на воздухот откако им се роди синот, пред девет години. „Ги чистевме ѕидовите и тие повторно стануваа црни“.

Пол се приклучи на групациите кои водат кампањи за чист воздух, вклучувајќи ги и CAPN, и започна да го следи квалитетот на воздухот. „Речиси и да немаше дел во нашава област каде концентрациите беа помали од максималните граници зацртани од ЕУ“, изјави тој.

Согледувајќи ги неуспехот во тоа државата и локалните власти да обезбедат дека Лондон ги задоволува целите против загадувањето, тој почна да размислува за иднина надвор од градот. „Сега сме во фаза во која сериозно размислуваме каде да го запишеме детето на училиште. Дали сакаме да останеме да живееме тука, каде не се забележува сериозно намалување на загадувањето на воздухот во изминативе пет години? Градоначалникот почна да воведува некои мерки кои малку ќе ја подобрат ситуацијата но јас и понатаму сум скептичен.“

Во текот на 2018 година, граѓанската организација Living Streets изготви и достави до министерот за транспорт, Џеси Норман, извештај во кој се бара итно делување за да се подобри патувањето до училиштето. Оваа организација тврди дека повеќе од 2.000 основни училишта се жешки точки во однос на загадување, и ги објави податоците од анкетите заедно со Observer, според кои загадувањето на воздухот е еден од главните фактори за 10% од родителите кога тие избираат училиште т.е. е фактор кај речиси секое четврто семејство.

Уште едно истражување организирано од Mumsnet идентификуваше родителите кои беа толку многу загрижени што сериозно размислуваат да се преселат поради тоа. Речиси четири од десет родители во поширокиот дел од Лондон размислуваат да си заминат, во споредба со 28% од останатите во урбаните области. На пример, една од мајките објасни дека таа и сопругот сакаат да го запишат детето во едно од двете приватни училиште во југозападниот дел од Лондон, при што за да се пристигне до едното потребни се 12 минути со автобус но за да се пристигне до другото потребни се 45 минути. Таа објасни дека сакаат да го изберат училиштето кое им е поблиску, но се премислија кога видоа колкава е загаденоста на воздухот таму.

МекФејден изјави дека сè поголем е бројот на родители во градските подрачја кои се сериозно загрижени за овој проблем и кои сакаат да се иселат. „За оваа работа се разговара помеѓу луѓето и јасно е дека тие сè повеќе се загрижени во врска со тоа“, вели таа. „Овој тренд веројатно сè повеќе ќе биде присутен во иднина“.

„Големиот број на правни спорови против државата за нејзиниот неуспех да се справи со загадувањето на воздухот го искачи ова прашање високо во свеста на луѓето“, вели Мекфејден.

Скандалите од типот на оние во кои е инволвиран и производителот на возила „Фолксваген“ исто така влијаеше на свеста и на употребата на технологија: родителите сега користат апликации за да видат кои градски улици се најзагадени за да не се движат по нив кога одат накај училиште.

„Загадувањето на воздухот е област која е навистина богата со информации“, вели МекФејден. „Сега со сигурност знаеме дека загадувањето на воздухот е причина за рак на белите дробови кај луѓето кои имаат проблеми со белите дробови. Загадувањето ги изложува овие луѓе на поголем ризик. Се појавуваат и нови истражувања кои загадувањето на воздухот го поврзуваат со разните типови на рак, со дијабетес, Алцхајмерова болест и дебелината“.

Jamie Doward, The Guardian