Текстот е преземен од The Guardian

Научниците за првпат покажаа дека биодиверзитетот е поголем во внатрешноста на заштитените подрачја во споредба со надворешните подрачја. Овие резултати произлегуваат од најновата анализа на биодиверзитетот во терестријалните заштитени подрачја на глобално ниво.

Студијата ја спроведе Универзитетот од Сасекс, Природонаучниот музеј и Програмата за животна средина на Обединетите нации преку Центарот за мониторинг за светското ниво на заштита. Анализирани беа примероци од биодиверзитетот земени од вкупно 1.939 места во внатрешноста и од 4.592 места надвор од заштитените подрачја.

„За првпат сме во можност да покажеме на кој начин заштитата има влијание врз илјадници видови на растенија, цицачи, птици и инсекти. Ова ни овозможи многу важен увид во овие подрачја – нешто што претходните студии не беа во можност да го обезбедат“, вели еден од главните автори на студијата, д-р. Клаудија Греј од Универзитетот од Сасекс.

Заштитените подрачја се сметаат од суштинска важност за зачувување на биодиверзитетот. Притоа, постои и одреден сомнеж околу тоа колку тие се успешни, при што проблемите се од типот на немање активно управување, зголемен притисок од луѓето и недоволна поддршка од државите.

Засега околу 15% од вкупната површина на земјиштето во светот и 3% од океаните се заштитени, додека Конвенцијата за биолошка разновидност содржи заложба дека ваквата заштита ќе се зголеми најмалку на 17% од земјиштето и на 10% од океанските подрачја до 2020 година.

Притоа, овие резултати покажуваат дека заштитените подрачја се корисни за многу видови, при што државите мора да продолжат да ги признаваат и да ги поддржуваат истите, вели д-р. Јорн Шарлеман од Универзитетот во Сасекс.

„Заштитените подрачја во моментов можеби не се поволни за сите видови, но со нашата студија покажавме дека тие имаат потенцијал да ни помогнат во зачувувањето на најголем дел од подрачјата со биодиверзитет на Земјата – и затоа нив им е потребна поголема меѓународна поддршка.”

Студијата користеше една релативно нова глобална база на податоци за биодиверзитет наречена Predicts (Projecting Responses of Ecological Diversity In Changing Terrestrial Systems), која содржи податоци обезбедени од терен од страна на илјадници научници, со кои се документира на кој начин локалниот терестријален биодиверзитет реагира на човековото влијание. Овој проект кој траеше четири години обезбедени досега невиден опфат во географска и таксономна смисла – повеќе од две и пол милиони евиденции за биодиверзитет на повеќе од 21.000 место, опфаќајќи повеќе од 38.000 видови. Притоа, овие податоци се однесуваат само на околу 1% од сите досега познати видови.

Претходните регионални или глобални студии на заштитени подрачја беа ограничени во смисла на тоа дека се потпираа на сателитски снимки за истражување на промените во шумската покривка.

Професорот Ендрју Пурвис од Природонаучниот музеј, инаку еден од авторите на студијата, изјави: „Оваа студија покажува на кој начин важните прашања во однос на конзервациската биологија можат да бидат опфатени со заеднички напори. Станува збор за илјадници научници од многу држави во светот кои несебично ги споделија со нас податоците до кои тие дојдоа. Секој од тие податочни сетови е како парче од сложувалка: крајната слика ќе стане јасна само откако ќе ги имаме сите парчиња и откако ќе ги составиме.”

Студијата, инаку објавена во билтенот Nature Communications, исто така покажа дека заштитата е најефикасна кога се сведува на минимум користењето на земјиштето за земјоделски цели, што упатува на тоа дека подобреното менаџирање со постојните заштитени подрачја би можело да ја удвои (и повеќе) нивната ефективност. Глобалната мрежа на заштитени подрачја се покажа поефикасна за 41% повеќе во задржувањето на бројноста на и богатството на видовите.

Д-р. Саманта Хил од Програмата за животна средина на Обединетите нации преку Центарот за мониторинг за светското ниво на заштита, изјави: „Човештвото се соочува со тешки одлуки во однос на тоа како најдобро да го заштити биодиверзитетот, истовремено обидувајќи се да излезе во пресрет на потребите на сѐ побројното население. Оваа студија дава нов увид во биодиверзитетот кој се наоѓа на крстосницата помеѓу заштитените подрачја и користењето на земјиштето за цели на населението.”