Меѓународната политика за конзервација мора да го спречи исчезнувањето на малубројните недопрени екосистеми на Земјата, предупредуваат Џејмс Е.М.Ватсон (James E. M. Watson), Џејмс Р.Ален (James R. Allan) и колегите.

Пред околу еден век, само 15% од површината на Земја се користела за одгледување на култури и добиток. Денес, повеќе од 77% од земјиштето (освен Антарктикот) и 87% од океаните се изменети како директна последица на човековите активности. Ова е прикажано на нашата глобална мапа на недопрени екосистеми (види подолу во текстот).

Во периодот од 1993 до 2009 година, дивина со површина поголема од Индија (3,3 милиони квадратни километри) е загубена поради човекови населба, земјоделска активност, рударење и други слични притисоци. Во океаните, подрачјето кое не е засегнати до индустриски риболов, загадување и бродови речиси целосно е сведено само на поларните региони.

Бројни студии досега имаат покажано дека дивината која преостанува на Земјата претставува сѐ поважен „бафер“ против влијанијата на климатските промени и другите влијанија на човекот, но досега придонесот на недопрените екосистеми не бил конкретно опфатен со ниту една меѓународна политичка рамка, како што е Стратешкиот план за биодиверзитет на Обединетите нации или Парискиот договор за климатски промени.

Ваквата состојба мора да се промени ако сакаме да спречиме недопрените екосистеми целосно да исчезнат од лицето на планетата Земја.

Последна шанса

Во 2016 година предводевме меѓународен тим од научници чија задача беше да направи мапирање на преостаната дивина на земјата во светски рамки. Оваа година изготвиме слична карта која ги прикажува недопрените океански екосистеми. Резултатите од овие активности покажуваат дека времето за зачувување на здравјето на Земјата, и истовремено на луѓето, е сè пократко.

Некои конзервационисти одредени делови во фрагментирани и веќе деградирани екосистеми се поважни во споредба со недопрените екосистеми. Фрагментираните подрачја можат да обезбедат мошне важни услуги, како што се приходи од туризам или бенефити за здравјето на луѓето, или да бидат богати со биодиверзитет кој инаку е загрозен. Притоа, бројни студии сè повеќе откриваат дека најнедопрените екосистеми на Земјата имаат најразлични функции кои сè повеќе добиваат на важност.

Дивата Земја

За да направиме мапирање на преостаната терестријална дивина на Земјата, ги користевме најдобрите достапни податоци за осум индикатори кои го изразуваат човечкиот притисокот на еден квадратен километар. Станува збор за следниве индикатори: средини во кои се гради, обработливо земјиште, пасишта, густина на население, вечерно осветување, железница, главни патишта и пловни водни патишта (податоците се обезбедени во текот на 2009 година). За потребите на нашата карта која е предвидено да ги прикажува недопрените екосистеми во океаните, користевме податоци од 2013 година кои се однесуваа на рибарството, индустриските испораки и измивањето на вештачките ѓубрива, кои се само некои од вкупно 16-те индикатори.

Направивме идентификација на земјишта со дивина или океански површини кои не се предмет на притисок од човекот, со гранично подрачје (земјиште) поголемо од 10.000 квадратни километри.

Дивините сега се единствените места кои содржат мешавина од видови кои се присутни речиси во изворно природно изобилие. Тие исто така се единствените места и подрачја кои ги поддржуваат оние еколошки процеси кои го одржуваат биолошкиот диверзитет во текот на еволуциските временски периоди. Во оваа смисла, тие се важни „резервоари“ на генетски информации и имаат функција на референтни подрачја во обидите повторно да се воспостават дивините кај деградираните земјишта и морски подрачја.

Анализите покажуваат дека подрачјата покриени со дивини претставуваат многу важно прибежиште за оние видови чиј број се намалува поради делувањето на луѓето. Морињата се последните региони кои сè уште се дом на значителни популации на грабливки, како што се туната, ајкулите и сл.

Зачувувањето на недопрените екосистеми исто така е од клучна важност за ублажување на влијанијата од климатските промени, што ја прави уште поважна функцијата на прибежиште кои ја имаат подрачјата со дивини. Една студија од 2009 година, на пример, покажа дека коралните гребени на Карибите кои имаат ниски нивоа на загаденост или се изложени на помал притисок од риболовни активности, се опоравија од деградацијата на коралите четири пати побрзо во споредба со оние гребени кај кои има позначителен степен на овие две активности. Дополнително, една меѓународна анализа од 2012 година утврди дека влијанието на климатските промени на еколошките заедници е уште позначително кај фрагментираните пејзажи.

Голем број на подрачја покриени со дивина се многу важни „депозитари“ на јаглеродниот диоксид од атмосферата. На пример, бореалните шуми кои можат да се најдат во најнедопрените екосистеми на Земјата складираат една третина од јаглеродот на Земјата. Понатаму, недопрените шумски екосистеми можат да складираат и задржат многу повеќе јаглерод во споредба со оние кои се деградирани. Во тропските подрачја, сечењето и горењето на шумите учествуваат со речиси 40% од вкупните емисии на јаглерод диоксид. Во океаните, морските треви кои се во деградирана состојба (и тоа поради загадување со седимент) се претвораат од „депозитари“ на јаглерод во големи извори на јаглерод.

Дополнително, моделите кои се базираат на географија, врнежи, степен на обезшумување и така натаму почнуваат да го откриваат степенот до кој дивините ја регулираат климата и водните циклуси, и тоа на локално, регионално и глобално ниво. Овие подрачја исто така се бафер заштита од екстремни временски и геолошки настани. На пример, симулациите на цунами бранови покажуваат дека здравите корални гребени им овозможуваат на крајбрежјата најмалку двојно поголема заштита во споредба со оние кои се значително деградирани.

Подрачјата со дивини се дом на некои од политички и економски најмаргинализираните домородни заедници на Земјата. Овие луѓе (чиј број изнесува стотици милиони) се зависни од недопрените морски и терестријални екосистеми за потребите на храна, вода и други материјали. Голем дел од нив имаат воспоставено биолошки и културни врски со своето непосредно опкружување, и тоа траело со милениуми. Зачувувањето на дивината е од суштинска важност за намалување на нивната сиромаштија и маргинализација – и за остварување на голем број на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, почнувајќи од намалување на нееднаквоста до подобрување на добросостојбата кај луѓето.

Глобални цели

Ние сметаме дека преостаната дивина на Земјата може да биде заштитено само ја препознаеме нејзината важност во меѓународни политички рамки.

Во моментов некои дивини се заштитени со закони донесени од државите, како на пример Законот за дивини од 1964 година на Соединетите Држави, со кој под заштита се ставаат 37.000 квадратни километри. Сепак, во повеќето земји, овие подрачја не се формално дефинирани, мапирани или заштитени, и притоа не постои ништо што би ги натерало на обврска државите, приватната индустрија, граѓанското општество или локалните заедници во однос на долгорочната конзервација на истите. Она што е потребно е воспоставување на глобални цели во рамките на постојните меѓународни мрежи, особено оние кои се насочени кон зачувување на биодиверзитетот, избегнување на опасни климатски промени и остварување одржлив развој.

Има неколку начини како може ова веднаш да се направи. Капацитетите на дивините за одвојување и складирање на јаглеродот би можеле формално да се евидентираат и документираат, и важност за нивно зачувување да стане дел од политичките препораки на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации (UNFCCC). Ваквиот чекор би им овозможил на државите да ја направат заштитата на дивините составен дел од нивната стратегија за намалување на емисиите.

Да земеме еден пример: во рамките на процесот на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации за намалување на емисиите предизвикани од обезшумување и деградирање на шумите (REDD+), на сопствениците на земјиштето може да им даде надомест ако тие се воздржат од расчистување на подрачјето покриено со тропски шуми и на кое планираат некои други активности. Притоа, се забележува дека не постојат стимуланси за државите, приватната индустрија или за заедниците да ги заштитат најважните „депозитари“ на јаглерод, дури и кога на тие подрачја не е предвидено реализирање на други активности. Ова значи дека не постои ништо што би ја сопрело бавната ерозија на овие подрачја предизвикана од не интензивни и често непланирани индустриски активности. Слични политики исто така се потребни за заштита на екосистемите богати со јаглерод, како што се ливадите од морски треви и умерените и бореални шуми, особено во развиените земји кои во моментов не добиваат финансиска помош согласно Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации.

Египет многу скоро ќе биде домаќин на четиринаесеттата по ред Конференција на страните потписнички на Конвенцијата за биолошки диверзитет (CBD). Земјите потписнички, меѓудржавните организации како што е Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), невладините организации и научната заедница ќе се состанат на едно место за да работат на изготвување на Стратешки план за заштита на биодиверзитетот по 2020 година. Ги повикуваме учесниците на оваа Конференција да вклучат и задолжителни цели за заштита на дивината. Според нас, смела а истовремено и остварлива цел е дефинирање и 100% зачувување на сите преостанати недопрени екосистеми.

Задолжителната глобална цел ќе им ја олесни работата на државите, невладините организации и телата како што се Глобалниот капацитет за животна средина (Global Environment Facility – мултинационална програма за финансирање која се справува со проблемите на животната средина и одржливоста) да можат да искористат финансиски средства и да го мобилизираат своето делување на лице место.

Тоа исто така ќе помогне во спроведувањето на активности во рамките на разни конвенции чија цел е заштита на биодиверзитетот. На пример, официјалното признавање на придонесот кој го има дивината кон „значителните универзални вредности“ на определени подрачја би можело да резултира со определување на нови места како Светско природно наследство.

Согласно Конвенцијата за светско наследство на Обединетите нации, местата прогласени за Светско природно наследство се избираат според нивната исклучителна природна убавина, или поради тоа што содржат единствен биодиверзитет или еколошки и геолошки карактеристики. Дивината е поврзана со сите овие критериуми, но нејзината важност допрва треба да биде препознаена.

Речиси две третини од живиот свет во дивината на океаните и морињата се наоѓа во меѓународните води, каде државите немаат директна контрола. Конвенцијата за поморско право на Обединетите нации во моментов преговара за правно обврзувачки договор кој би овозможил конзервација на овие пространства. Ставањето на преостанатата дивина во морињата и океаните надвор од дофатот на експлоатацијата би требало да претставува клучна компонента на овој нов Договор. Строгото ограничување на државните субвенции наменети за штетните пракси на риболов исто така ќе имаат суштинска важност – без нив, повеќе од половина од индустрискиот риболов ќе стане непрофитабилен.

На нашите карти не е опфатен Антарктикот затоа што овој континент е ставен надвор од опфатот на директно искористување на ресурсите (како што е рударењето), но притоа директните ефекти од човековите активности таму е потешко да се измерат. Во секој случај, станува збор за дивина која е од исклучителна важност и која итно има потреба од заштита. Изолираноста на Антарктикот и екстремните временски услови оневозможија степен на деградација кој се случува на други места, но инвазивните видови, загадувањето, зголемената човекова активност и, пред сè, климатските промени, претставуваат закана за уникатниот биодиверзитет и за способноста за регулирање на глобалната клима.

Комитетот за заштита на животната средина во рамките на системот од Договорот за Антарктикот во својот најнов петгодишен План ги има приоретизирано истражувањата и активностите насочени кон минимизирање на човековото влијание. Земјите потписнички сега мора да се посветат на имплементирање на мерки чија цел е намалување на човековото влијание, како што се строги процедури за биолошка безбедност со кои се намалуваа ризикот од тоа посетителите на Антарктикот да донесат со себе инвазивни видови.

Делување на локално ниво

На кој начин промените во политиката на глобално ниво се пренесуваат во конкретни активности на национално ниво?

Според она што ние досега го имаме измерено, 20 држави во светот имаат 94% од вкупната површина опфатена со дивина (освен морињата, океаните и Антарктикот). Повеќе од 70% од оваа површина се наоѓа во само пет држави: Русија, Канада, Австралија, Соединетите Држави и Бразил. Така што, чекорите кои ги преземаат овие држави (или кои не ги преземаат) за ограничување на ширењето на патиштата или на индустриското делување, и нивниот став кон развојни активности од поголем обем во рударството, шумарството, земјоделството, авикултурата и индустрискиот риболов, ќе бидат од суштинска важност.

Една очигледна интервенција на која овие држави можат да стават приоритет е дефинирањето на приоритетни подрачја на начини на кои ќе се забават влијанијата од индустриските активности врз пошироките терестријални или морски подрачја. Сепак, имајќи ја предвид големината на површината опфатена со дивина, едноставното проширување на строго заштитените подрачја нема да биде доволно само по себе.

Неколку студии покажуваат дека сопирањето на индустрискиот развој со цел заштита на начинот на живот на домородното население можат да ги заштити биодиверзитетот и екосистемите на ист начин како што тоа можат да го заштитат и строго заштитените подрачја. Во таа смисла, признавањето на правата на локалната заедница на сопственост на земјиштето и управување со тоа земјиште би бил клучниот начин за ограничување на влијанието на индустриската активност.

Од огромна важност ќе бидат механизмите со кои се овозможува приватниот сектор да ја штити дивината, а не да ѝ нанесува штета. Поконкретно, зачувувањето на недопрените екосистемите треба да биде дел од вообичаените стандарди на оние кои ги даваат инвестициите, особено кај организации како што се Светската банка, Меѓународната финансиска корпорација и банките за регионален развој. Потребно е проширување на иницијативите кои им овозможуваат својот синџир на добавување да биде поставен на основи кои „не придонеле кон обезшумување“ (како на пример производи кои користат палмино масло), со цел да се овозможи зачувување на недопрените екосистеми.

Во океаните, регионалните организации за управување со риболовот, формирани од државите со цел управување со заедничкиот риболовен интерес, ефективно имаат затворено големи подрачја од океаните. На пример, Североисточната комисија риболов во Атлантикот (формирана во 1980 година) има затворено повеќе од 350.000 квадратни километри од Атлантикот. Силата на овие регионални организации може да и да се зголеми со цел формирање на посеопфатни и поприлагодени договори за зачувување на океаните.

Дивините се соочуваат со истиот ризик од истребување како и другите видови. Слично на истребувањето на видовите, еродирањето на дивината практично е неповратен процес. Истражувањата покажале дека првите влијанија кои индустријата ги има врз дивината се оние кои предизвикуваат најголема штета. И откако ќе се направи ерозијата и штетата, можеби никогаш повеќе нема да биде можно повторно да се воспостави недопрен екосистем заедно со сите негови вредности.

Како што посочи и американскиот претседател Линдон Б. Џонсон при потпишувањето на Законот за дивина на Соединетите Држави во 1964 година, „Ако сакаме идните генерации да се сеќаваат на нас со благодарност... мора да им оставиме дел од светот каков што бил на почетокот“.

Досега загубивме многу. Мора да ја искористиме оваа можност и да ја зачуваме дивината пред истата да исчезне засекогаш.