RESOURCE LIBRARY, NATIONAL GEOGRAPHICS

По дефиниција, инвазивните видови се организми кои не се домородни на одредено подрачје и кои предизвикуваат голема економска и еколошка штета во новото подрачје.

Не сите видови кои не се домородни се инвазивни. На пример, повеќето од културите кои се одгледуваат за храна во Соединетите Држави, што вклучува познати видови на жито, домати и ориз, не се домородни видови за тие региони.

За да бидат инвазивни, видовите мора да можат лесно да се прилагодуваат на новото подрачје. Тие мора да се способни за брза репродукција и мора да можат да нанесуваат штети на имотите, економијата или на домородните растенија и животни во регионот.

Голем број на инвазивни видови се воведуваат во некој нов регион сосема случајно.

Many invasive species are introduced into a new region accidentally. Зебрестата школка е домороден вид во Црното Море и Каспиското Море во Централна Азија. Оваа школка сосема случајно дошла до големите езера на Северна Америка – закачена на голем број кој патувал до тоа подрачје. Сега во Големите Езера има толку многу зебрести школки што тие претставуваат закана за домородните видови.

Интродуцирани видови

Некои видови се воведуваат во некое подрачје и со одредена цел. Најчесто тие видови се воведуваат за да се обезбеди контрола врз штетниците. Во други случаи, воведените видови се донесуваат како миленичиња или за декорација. Луѓето и бизнисите кои ги увезуваат овие видови не ги предвидуваат последиците од нивното воведување. Дури и научниците не се секогаш сигурно на кој начин одредени видови би се прилагодиле на нова средина.

Интродуцираните видови многу брзо се размножуваат и стануваат инвазивни. На пример, во 1949 година на островот Мерион (кој е дел од Јужноафриканската Република и се наоѓа во Јужниот Индиски Океан) беа донесени пет мачки со цел да ја контролираат популацијата на глувците. До 1977 година на овој остров веќе има околу 3.400 мачки кои се закана за локалната популација на птици.

Други инвазивни видови се наследници на миленичиња кои избегале или биле пуштени на слобода. Многумина, на пример, имаат пуштено бурмански питони во мочуришното подрачје на Еверглејдс во Јужна Флорида. Станува збор за големи змии кои можат да пораснат и до 6 метри. Питоните, инаку, се домороден вид во џунглите во Југоисточна Азија и имаат многу малку грабливци во Еверглејдс. Се хранат со многу локални видови, како што се белиот двата видови на птици: ибисот и гуараната.

Инвазивните видови и локалната средина

Многу инвазивни видови се размножуваат затоа што успеваат да ги надминат домородните видови во борбата за храна. Двата големи видови на риби се сивиот толстолобик и белиот толстолобик кои избегнале од рибниците во текот на деведесеттите години и сега се вообичаен вид кој живее во реката Мисури во Северна Америка. Овие риби се хранат со планктони, малечки организми кои ги има во водата. Голем број на домородни видови риби, како што се велосклунките, исто така се хранат со планктон. Циклусот на исхрана на велосклунката е побавен од оној на толстолобикот. Сега во долните делови на реката Мисури има толку многу толстолобик што велосклунката нема доволно храна.

Инвазивните видови понекогаш виреат и затоа што немаат грабливци кои би ги ловеле на новото место. Кафеавите змии беа случајно донесени на Гуам, инаку остров во јужнопацифичкиот регион, и тоа при крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите години. На Гуам не постои животно кои би ги ловело змиите а од друга страна овој остров изобилува со птици, глодари и други мали животни кои се предмет на лов од страна на змиите. Змиите брзо се намножија и тие се причината за истребување на девет од вкупно единаесет шумски видови на птици карактеристични за овој остров.

Многу инвазивни видови ги уништуваат живеалиштата и местата каде живеат другите животни и растенија. Нутријата е голем глодар кој е домороден жител на Јужна Америка. Ранчерите ги имаат донесено во Северна Америка на почетокот од дваесеттите век со цел да ги одгледуваат поради крзното. Некои од овие нутрии беа пуштени во дивина кога ранчерите не успеале во својата намера. Денес тие се главни штеточини во Чисапик Беј и во други делови од Соединетите Држави. Нутријата се храни со висока трева и слични растенија кои се суштински за мочуриштата кои ги има на тие подрачја. Тие овозможуваат храна, места за гнездење и засолниште за многу организми а исто така помагаат и во овозможувањето на седименти и почви и ја спречуваат ерозијата на земјиштето. Нутриите ги уништуваат синџирите на исхрана и живеалиштата така што се хранат со тревите кои се карактеристични за мочуриштата.

Некои инвазивни видови предизвикуваат голема штета на економијата. Водниот зумбул е растение кое е домородно во регионот на Јужна Америка а кое станало инвазивен вид во многу делови од светот. Луѓето најчесто го воведуваат ова растение, кое расте во вода, поради убавите цветови но тоа потоа се шири многу брзо и го задушува другиот домороден свет. Во езерото Викторија во Уганда, водниот зумбул растеше со толку голема дебелина што чамците не можеа да поминат низ него. Некои пристаништа мораа да бидат затворени. Водниот зумбул спречува сончевата светлина да продре под вода. Растенијата и алгите не можат да растат и поради тоа рибата не може да се храни и да се размножува. Рибарската индустрија на езерото Викторија се соочи со големи проблеми.

Инвазивните видови исто така го оштетуваат и имотот. Малите зебрести школки ги затнуваат системите за ладење во моторите на чамците, додека поголемите ги имаат оштетувано цевките за вода во хидроцентралите кои се наоѓаат во регионот на Големите Езера.

Искоренување на инвазивните видови

Властите имаат користено разни методи во обид да ги искоренат или барем да ги ограничат инвазивните видови. На пример, мачките на островот Мерион беа инфицирани со вирус.

Понекогаш се воведуваат и други видови за да помогнат во контролата на инвазивните видови. Во Австралија, на пример, имаше еден вид на кактус кој е домороден на американскиот континент и кој неконтролирано се размножуваше. Овој вид на кактус го уништуваше земјиштето наменето за одгледување на добиток. Државата донесе посебни видови на гасеници кои се хранат со кактусот и кои се негови природни грабливци.

Сепак, ваквото воведување на инсекти може да биде опасно. Понекогаш, на пример, инсектите исто така ги напаѓаат и другите видови растенија со што и самите тие стануваат инвазивни видови. Исто така се користеа и хемикалии за контролирање на инвазивните видови, но тие понекогаш можат да имаат негативно влијание на неинвазивните растенија и животни.

Државите работат и на едукација на јавноста во врска со инвазивните видови. На пример, во Соединетите Држави, меѓународните рибарски бродови секогаш се предупредени убаво да го измијат својот брод пред да се вратат дома. Со ова се спречува случајното пренесување на зебрестите школки или други видови од едно водно тело во друго.

Понекогаш, заедниците им пристапуваат на инвезивните видови како армија која врши инвазија. Нутријата во Чисапик Беј ги уништува природните живеалишта и создава трошоци за локалните власти и бизниси во милионски износи на долари секоја година. Постои загриженост кај групите за заштита на животната средина, бизнисите и официјалните претставници на властите за штетата што ја предизвикуваат овие инвазивни видови.

Официјалните лица на Националното прибежиште за животни во Блеквотер, во сојузната американска држава Мериленд, соработуваа заедно со ловците за да ги искоренат 8.500-те нутрии кои беа на слобода. Овие животни можеа да се најдат во одредени делови од блатото и тоа во одредени периоди на годината. Нутриите беа следени со користење на GPS опрема и беа поставени стапици. Ловците се движеа низ целото прибежиште на координиран начин, во правец од запад кон исток. Во зимскиот период, мразот кој се формира во Чисапик Беј ги спречува нутриите да отпливаат и ловците можат да ги застрелаат на лице место.

Оваа операција траеше две години но беше успешна во искоренувањето на нутриите од Националното прибежиште за животни во Блеквотер. Сега, ова подрачје постепено закрепнува.

Инвазивни видови: Што можам јас да направам
Листата на Nature Conservancy содржи шест едноставни начини како да се справуваме со инвазивните видови:

  • Да водиме сметка дека растенијата кои ги купуваме за дома или за дворот не се инвазивни. Можеме да стапиме во контакт со ботаничкото друштво на нашата држава за да добиеме листа на домородните растенија.
  • Кога возиме брод, добро истиот темелно да се исчисти пред да влеземе во друго водно тело.
  • Исчистете ги чизмите пред да се упатите кон ново подрачје.
  • Не носете дома животни растенија, школки, огревно дрво или храна од други екосистеми.
  • Никогаш не ги пуштајте миленичињата на слобода.
  • Бидете волонтер во паркот кој е најблиску до вас, или во засолниште/ прибежиште за животни или во други подрачја во кои има живи организми за да им помогнете во отстранување на инвазивните видови. Повеќето паркови исто така имаат и програми за реставрација на домородните видови.

Видовите како слепи патници
Голем број на инвазивни видови пристигнуваат во некое ново подрачје на огромни товарни бродови кои постојано сообраќаат по океаните. Бродовите земаат голем баласт вода од своето матично пристаниште и тежината на оваа вода ја одржува стабилноста на бродот за време на прекуокеанското патување. Кога бродот ќе пристигне на целта, го испушта баластот вода.

Тој баласт вода изобилува со живи организми кои биле тука уште од моментот на полнењето на водата. Научниците проценуваат дека во секој момент низ светот патуваат помеѓу 5.000 и 10.000 видови во таа баласт вода. Првите зебра школки веројатно пристигнале во Големите Езера токму преку баласт водата.