Политичките партии кои во изминативе децении наизменично ја држат  власта во Македонија треба да одговаарат за неспроведување на стратегиите и акциските планови од областа на заштитата на животната средина, за попусто потрошени пари на странски донатори кои редовно ги покриваат трошоците за изработка на овие научни документи и за непочитување на законските обврски за заштита на природата. Доколку работеа на спроведување на зацртаните цели во овие стратегии досега нашата земја требаше да има многу повеќе национални паркови, воспоставен мониторинг и заштита на загрозени видови животни и растенија, голем број заштитени геолошки локалитети, почисти реки, воспоставени механизми за намалување на загадувањето...

Поинаков заклучок е неизбежен доколку се разгледаат неколку стратешките документи од минатото кои поради негрижата на владејачките структури, слабиот капацитет на администрацијата и недостигот од свест за нивната важност никогаш не биле спроведени или се спроведувале само одредени делови.

Македонската Влада на седница одржана на 19-ти јануари, 2004 година ја усвои „Националната стратегија и акциониот план за заштита на биолошката разновидност на Република Македонија“. Станува збор за издржан научен документ придружен со план и рокови за активности кои треба да ја подобрат состојбата во однос на заштитата на бидиверзитетот во земјава. Изработката на овој документ и неговото печатење е финансирано од Светска банка во рамки на Глобалниот еколошки фонд. Во него е опишана богатата биолошка разновидност во земјава, главните закани по опстојувањето на загрозените видови и се анализираат проблемите кои се кочница за подобрување на состојбите.

Во акциониот план кој е дел од овој документ, меѓудругото, било предвидено Шар Планина да се прогласи за национален парк најдоцна до 2006 година, како и во континуитет да се работи на прогласување на планините Ниџе-Кожуф, Јабланица и Беласица за национални паркови. Петнаесетина години подоцна ниту една од овие зацртани активности не е реализирана. Спротивно на тоа, македонската јавност секојдневно е бомбардирана со информации за отварање мали хидроелектрани, рудници и опустошување на природата во овие предели. 

Stranci uporno ni plakaat strategii nie uste pouporno ne gi sproveduvame 1Извор: „Националната стратегија и акциониот план за заштита на биолошката разновидност на Република Македонија 2004 г.“

Игнорирањето на потребата за прогласување на овие подрачја за национални паркови е само еден од примерите за низата неспроведени, а планирани активности во однос на заштита на билолошката разновидност иако за тоа обврска имале тогашната и сите следни владејачки структури во земјава.

Владата на 7 април 2009 година ја усвои Националната стратегија за инвестиции во животната средина 2009-2013 година финансирана од Австриската агенција за развој. Во неа се дефинирани мерки за поинтензивно инвестирање од страна на Владата, како и за институционално зајакнување, надградба на човечки ресурси (посебно на локално ниво), како и подготвување проекти и студии.

Во стратегијата е прецизно наведено дека за капиталните трошоци за реализација на проекти за третман на отпад и усогласување со европските директиви од овој сектор се утврдени на 360 милиони евра од кои околу 65 милиони евра би требале да бидат алоцирани во периодот 2009-2013 година. Во овој период, било замислено да се воспостави интегрирано регионално управување со комуналниот цврст отпад, постепено преминувајќи од депонирање отпад на несанитарни комунални депонии и диви депонии во депонирање на инжинерско санитарни депонии кои ќе опслужуваат минимум 200.000 жители.

Stranci uporno ni plakaat strategii nie uste pouporno ne gi sproveduvame 2Извор: Националната стратегија за инвестиции во животната средина 2009-2013

Во стратегијата е предвидено и формирање национален систем за управување со опасен отпад и специјални видови отпад. Сепак, и покрај ваквите планови денес во нашата земја депонијата „Дрисла“ е единствената која ги исполнува европските стандарди, а се смета дека во земјава има околу 1.000 диви депонии.

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 12.01.2010 година ја усвои Националната стратегија за одржлив развој 2009-2030 финансирана од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА).

Во неа, во областа на животната средина е прецизирана потребата за зајакнување на административниот капацитет и капацитетот за спроведување на законите.

Стратегијата дава консолидирани заклучоци за животната средина кои би требало да се спроведат:

  • Животната средина да биде идентификувана како меѓусекторски приоритет од страна на Владата.
  • Капацитетот на Министерството за животна средина и просторно планирање би требало да се зајакне, а како почетна точка е извештајот на проектот финансиран од страна на Европската агенција за реконструкција - Функционална анализа и план за инситуционален развој, јули 2004 година.
  • Подготовка на сет на индикатори за следење на одржливиот развој и воспоставување на сеопфатен просторно базиран мониторинг и информативен систем за животната средина.
  • Поддршка, поттикнување и имплементација на алтернативни системи за заштита и подобрување на нарушената животна средина.
  • Значително да се зголеми спроведувањето на донесените закони, да се поддржат централните и локалните власти да ги спроведуваат законите и да се зголеми ефикасноста на администрацијата.
  • Да се зголеми јавната свест за животната средина во однос на одржливиот развој и да се посочат економските и социјалните придобивки кои ги носи одговорното однесување кон животната средина во секојдневниот живот.
  • Да се интензивира фокусот на алтернативни извори на енергија, кои не се штетни за животната средина, развојот на екотуризмот и производството на здрава храна.

Од усвојувањето на оваа стратегија се изминати осум години, а во овој период животната средина е приоритет само на хартија, законите не се спроведуваат, капацитетите на институциите воопшто не се зајакнати или се вработуваат нестручни лица, а наместо производство на здрава храна многу често може да се чуе дека на македонските полиња се одгледуваат зеленчук и овошје збогатени со тешки метали.

Уште еден пример за игнорирање на опасностите по населението во нашата земја од страна на надлежните институции открива Студијата за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија 2016 година и другите компоненти на природата (биолошка и пределска разновидност), која е подготвена во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој е координиран од „Хелветас Свис Интеркооперејшн“ („Helvetas Swiss Intercooperation“) и од „Фармахем“.

Во неа, освен што прв пат систематизарно се презентирани сознанија за богатиот геодиверзитет и геонаследството во државата се укажува на опасностите што ги носат свлечиштата бидејќи се директна закана по човечките животи и материјалните добра.

Во стратегијата се потенцира негрижата кон досегашните истражувања за свлечиштата и се укажува дека е потребен многу внимателен пристап во општетството за намалување на негативните ефекти.

„Вкупниот број регистрирани свлечишта на територијата на Република Македонија, според податоци до 1990 г., е 150. Овие свлечишта се регистрирани за време на картирањето изведено за потребите на подготовка на Oсновната геолошка карта (ОГК) на Р. Македонија 1:100 000 во периодот 1950 −1980 година. За време на изработката на овие карти како придружна документација биле подготвувани соодветни толкувачи како и извештаи во кои, меѓу другото, се внесувале податоци и за свлечиштата. За жал денес тие податоци се недостапни (затурени, загубени или уништени). Оттука, за регистрираните свлечиштата се достапни само основни податоци од печатените геолошки карти (локација, регионални геолошки услови, сеизмотектонски услови) и физичко-географски услови (наклон на терен, ориентација на падините, надморска висина итн.). Од друга страна, за појавите на свлекување, кои се случиле во периодот од 1990 година до денес, документација постои, но таа е чувана во различни државни институции, приватни компании дури и кај индивидуалци“, пишува во студијата.

Врз основа на сите собрани податоци од неколку домашни стручњаци е формирана интерна банка на податоци со информации за преку 400 свлечишта, од кои за 255 е позната локацијата.

„Секоја година свлечиштата во Р. Македонија предизвикуваат загуби, кои се мерат во милиони евра. Најголем дел од овие средства вообичаено се трошат на рехабилитација и на чистење на патиштата и на железниците. Ова е потврдено со фактот што 60% од регистрираните свлечишта го имаат попречено или блокирано сообраќајот на: автопатиштата, регионалните и локалните патишта. При подолготрајни интензивни врнежи, цели или дел од населби морале да бидат преселени од зоните на свлекување (Јеловјане на Шар Планина и Рамина во Велешко). Во одреден број случаи се вршеле сеопфатни геотехнички истражувања, проектирање и изведба на санациски работи што исто така ги зголемува економските загуби. Статистиката покажува дека 10% од свлечиштата загрозиле цели населби, додека 30% оштетиле индивидуални градби во рурални или во урбани подрачја. Водоводни и канализациски мрежи, електродистрибутивни системи често страдале како резултат на појавата на свлечишта. Што се однесува до населението, голем дел е изложен на константен ризик од свлекување. Селата Велебрдо, Требиште, Ростуше, Битуше, Скудриње, Могорче, Јеловјане, Боговиње, делови од: Велес, Струмица и Прилеп со популација од преку 20 000 жители се директно или индиректно загрозени од свлечиштата. Според собраните податоци, во неколку одделни случаи во периодот од 1950 до денес, 15 луѓе ги загубиле животите, најчесто како резултат на одронување. Други 150 лица биле полесно или потешко повредени. Овде не е вклучена катастрофата во Луково Поле, каде што при изградбата на Мавровскиот хидроенергетски систем во 1956 год. загинале 56 луѓе поради свлекување на лавина од снег, карпи и дрвја. Исто така при свлекувањето по кое се формирало Моклишкото Езеро (свлечиште Градот) страдале 11 лица и добиток. На 3-ти август 2015 година, при интензивни врнежи се појавија свлечишта во Полошкиот Регион, а во с. Порој, тетовско животот го загубија 6 лица“, пишува во студијата.

Stranci uporno ni plakaat strategii nie uste pouporno ne gi sproveduvame 3Извор: Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија

Примерот со свлечиштата е само еден од стотиците кои укажуваат дека надлежните институции во нашата земја се однесуваат ноншалатно кон природата, дека не се вложува во истражувања и механизми кои би спречиле несакани последици, па дури и загуба на човечки животи.

Оправдан сомнеж за новите стратегии

Вообичаено, политичарите кога се на функција за неспроведувањето на ваквите активности како главна причина ги наведуваат недостигот од финансиски средства и слабите капацитети на државните институции. Сепак, ваквите образложенија „не држат вода“ посебно ако се земе предвид дека кај нас во буџетите се одвојуваат пари за реализација на различни популистички мерки, како и дека по правило за реализација на проектите од областа на животната средина пари се бараат и се добиваат од странски донатори односно преку грантови. Дополнително, македонскиот државен буџет е во континуиран пораст во изминативе години, што значи дека логично би било соодветно да зголемуваат и парите наменети за заштита на животната средина. Но прашање е какви се приоритетите на владејчките гарнитури.

Од вкупните расходи на буџетот кои во 2004 година изнесувале 56,6 милијарди денари или околу 920 милиони евра за Министерството за животна средина и просторно планирање биле издвоени 573 милиони денари односно околу 9 милиони евра, а  релизирани 305 милиони денари или околу 5 милиони евра.

Stranci uporno ni plakaat strategii nie uste pouporno ne gi sproveduvame 4Извор: Завршна сметка на буџет за 2004 година

Петнаесет години подоцна, расходната страна на државниот буџет на земјава за 2019 „тежи“ 228,5 милијарди денари или околу 3,7 милијарди евра. Од нив, вкупните расходи за Министерството за животна средина и просторно планирање за позиционирани на 690 милиони денари или 11,2 милиони евра, што е навистина смешна сума во однос на вкупните буџетски расходи. Тоа значи дека иако државниот буџет се зголемил за повеќе од три пати од 2004 до 2019 година, парите наменети за Министерството за животна средина се зголемени незначително или нешто повеќе од два милиони евра.

Stranci uporno ni plakaat strategii nie uste pouporno ne gi sproveduvame 5Извор: Државен буџет за 2019 година /бројките се во илјада денари

Затоа, оправдан е сомнежот околу спроведувањето на двете стратегии што неодамна ги промовира Владата - „Националната стратегија за биолошка разновидност со акцискиот план на Република Македонија 2018-2023 година“ и „Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027“.

Владата на својата 58-ма седница одржана на 13 март 2018 година ја усвои „Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план за периодот 2018 – 2023 година“. Таа е изработена во рамки на проектот „Поддршка на Република Македонија за ревизија на Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план (НСБРАП) и изработка на петтиот национален извештај кон Конвенцијата за биолошка разновидност“ финансиран од Глобалниот еколошки фонд.

На истата седница Владата ја усвои и „Националната стратегија за заштита на природата“, која е подготвена во рамките на „Програмата за зачувување на природата во Македонија“, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој е координиран од „Хелветас Свис Интеркооперејшн“ („Helvetas Swiss Intercooperation“) и „Фармахем“.

Забележително е дека двете стратегии повторно ги финансираат странски донатори. Иако станува збор за научно издржани документи во кои се посветува сериозно внимание на анализа на постојните состојби во однос на заштита на биодиверзитетот и природата во земјава и се нудат конкретни планови за активности во насока на подобрување на состојбите, се наметнува дилемата колку актуелната Влада ќе даде приоритет на понудените решенија или пак повторно реализацијата на зацртаните активности ќе падне во втор план, како и досега.

При тоа, треба да се земе предвид дека првично поставените рокови за некои од активностите предвидени во овие стратегии како што се „Ревидирање на Листите за строго заштитени и заштитени диви видови 2018 - 2019“ и „Дополнување на законската регулатива со обврска за изработка на акциски планови за клучни видови и живеалишта, инвазивни видови и др.“ се веќе пробиени што сигнализира на лош епилог и за овие научни документи.

 

Новинар: Владимир Николовски
Фотографија: Томислав Георгиев