Damian Carrington, The Guardian. 2019

Рекордно топлиот бран кој ја погоди Франција и други држави во Европа во месец јуни 2019 година е најмалку пет пати (а веројатно сто пати) предизвикан токму од климатските промени, покажуваат пресметките на научниците.

Ваквите топлотни бранови се околу четири степени потопли отколку што беа пред еден век, велат научниците. Исто така, топлотните бранови кои ја погодуваат Европа се позачестени и посериозни во споредба со прогнозите утврдени со климатските модели.

Klimatskite promeni se pricina za pet pati pogolema verojatnost od pojava na toplotniot bran vo Evropa

Последниот месец беше најтоплиот јуни од 1880 година, како во европски така и во светски рамки, согласно посебните податоци објавени неодамна од страна на Службата на ЕУ за климатски промени „Коперникус“. Само во Европа, температурата беше за три степени повисока од просекот на месец јуни од пред еден век, додека во глобални рамки таа беше повисока за повеќе од еден степен.

Топлотниот бран во Европа ги надмина температурните рекорди на многу места во Франција, Швајцарија, Австрија, Германија и Шпанија. Во Франција овој рекорд беше пробиен за повеќе од 1,5 степен на 28 јуни 2019 година, со 45,9 степени евидентирано во близина на градот Ним (Nîmes).

Големите жештини доведоа до шумски пожари во Шпанија и Германија и до значително попречување на редовните услуги на целиот континент. Неизбежен е и фактот дека топлотниот бран ќе доведе до голем број на смртни случаи, особено затоа што се случи вон вообичаените месеци за одење на одмор, кога луѓето се повеќе во можност да се засолнат. Сепак, сите овие бројки бараат време за да бидат обезбедени. Топлотниот бран во 2003 година доведе до повеќе од 70.000 смртни случаи низ цела Европа.

Д-р. Фредерике Ото од Универзитетот во Оксфорд, инаку еден од научниците кои ја правеа оваа нова анализа, изјави дека: „Ова е уште едно силно потсетување дека климатските промени се случуваат сега и тука. Ова повеќе не е проблем со кој исклучиво ќе се занимаваат нашите деца.”

Уште еден член на тимот научници, Герт Јан Ван Олденборг од Холандскиот кралски метеоролошки институт, изјави: „Ако продолжи набљудуваниот тренд на топлотни бранови, (дури и) целта од 2 степени за затоплување според Парискиот договор, за топлотен бран од ваков вид, ќе стане норма за месец јуни. Конкретните опсервации и модели покажуваат силни трендови кон поинтензивни топлотни бранови. Сепак, набљудуваниот тренд е посилен во споредба со оној кој е изведен со моделирање, и сѐ уште не знаеме зошто е тоа така.”

Глобалното загревање предизвикано од јаглеродните емисии кои потекнуваат од согорувањето на фосилни горива и други активности на човекот значи дека топлотните бранови стануваат сѐ поверојатни и пожестоки, што е клучен дел од климатската криза. „Атрибуциските“ студии, како што е новата анализа, прават проценка колку истите се поверојатни и колку би биле жестоки. Незапамтената топлина и шумските пожари низ целата северна хемисфера во 2018 година „немало да се случат ако не дошло до климатските промени предизвикани од човекот“ – ова е констатацијата содржана во посебна студија објавена во месец јуни.

Последните анализи го зедоа предвид најтоплиот тридневен период од топлотниот бран во Франција кој се случи од 26 до 28 јуни 2019 година. Научниците ги користеа просечните дневни температури затоа што истите се подобар индикатор за влијанијата врз здравјето отколку максималните или минимални температури. Просекот во тие три дена и ноќи изнесуваше 27,5 степени.

Истражувачите (од кои повеќето присуствуваат на конференцијата за екстремни настани и климатски промени во Тулуз, Франција) потоа ги користеа евиденциите за температурите од 1901 година наваму, за да ја проценат веројатноста од топлотен бран минатиот месец и во минатото. Тие исто така ги истражуваа и моделите за климатски промени за да го проценат влијанието на глобалното загревање.

Глобалното загревање предизвикано од активноста на човекот направи топлотниот бран во Франција да биде пет пати поверојатно да се случи, вели Ото, врз основа на комбинација од набљудувања и климатски модели. Анализата само на набљудувањата посочи дека топлотниот бран денес е десет пати поверојатно да се случи отколку пред еден век, и потенцијално 100 пати поверојатно.

Притоа, овие зголемувања на веројатноста би можеле делумно да доведат до измена во употребата на почвата, поинаква влага во почвата и наводнувањето, до пораст на градовите и до загадување на воздухот – сите овие фактори можат да влијаат на температурата.

До денес изготвени се повеќе од 230 атрибуциски студии низ целиот свет кои имаат утврдено дека 95% од топлотните бранови станале полоши или поверојатно дека ќе се случат поради климатските промени. Во однос на сушите, 65% беа дефинитивно засегнати од климатските промени додека оваа бројка кај поплавите оваа бројка е 57%. Анализата за Франција сѐ уште не била предмет на проценка од колеги (peer review) но истата е изготвена со користење на слични методологии.

„Ние знаевме дека јуни беше топол месец во Европа, но (податоците од Коперникус за месец јуни) се покажа дека температурниот рекорд не само што е надминат – туку е интензивно пробиен“, изјави професорот Хана Клоук од Универзитетот во Ридинг. „Станува збор за најтоплиот месец јуни досега евидентиран во Европа. Како што топлотните бранови ќе стануваат сѐ позачестени, ќе мораме да го промениме нашиот начин на живот за да се справиме со нив.“

Ник Вотс, извршен директор на Лансет Каундаун за здравство и за климатски промени, изјави дека топлотните бранови најмногу ги засегаат повозрасните луѓе и оние со одредени предиспозиции.

„Влијанијата ќе се почувствуваат во вид на поголем број на случаи со срцеви болести и болести поврзани со топлотните бранови, нагло зголемување на бројот на пациенти во болниците и предвремени смртни случаи, како и зголемен притисок врз здравствените служби“, изјави тој. „Јасно е дека здравствените институции и локалните власти ќе имаат потреба од поголемо финансирање ако сакаме да бидат во можност да се справат со растечката закана врз здравствената состојба предизвикана од климатските промени“.