Автор: Ема Марис (Emma Marris)
Преземено од: https://www.nature.com/articles/d41586-019-02696-0

Како што движењето се подготвува за масовен глобален протест, истражувачите образложуваат зошто пораката на движењето зема сè поголем замав.

Од Џакарта до Њујорк, децата и тинејџерите ги напуштаат училишните часови и маршираат на улиците барајќи делување во однос на климатските промени. И светот ги забележува. Експертите за комуникации велат дека овие млади активисти за климатски промени го користат својот морален авторитет како деца, и нивното присуство на социјалните медиуми, за да влијаат на свеста кај возрасните.

Zosto mladite aktivisti za klimatski prasanja go privlekoa svetskoto vnimanie

Џејми Мерголин (Jamie Margolin) ја формираше групата за протести „Нулти час“ (Zero Hour) во Сиетл, Вашингтон, во 2017 година, кога имала само 15 години. Повеќе од половина свет подалеку, петнаесетгодишната Грета Тунберг започна да отсуствува од училиште во 2018 година за да протестира пред Парламентот на Шведска во Стокхолм, барајќи поголема ангажираност околу климатските промени. Ова движење многу брзо се прошири во меѓународни рамки. Околу 1,6 милиони деца од 125 држави излегоа на улица за време на протестите во средината на месец март, при што демонстрациите планирани за 20 септември се очекува да бидат најголеми досега.

Младите луѓе со децении зборуваат за климатските промени, но последната генерација демонстранти е многу погласна и покоординирана во однос на своите претходници, вели Дејна Фишер (Dana Fisher) социолог од Универзитетот во Мериленд, која го проучува активизмот. Видливоста на движењето на социјалните медиуми и во медиумите има формирано повратна спрега – „Младите сега добиваат многу поголемо внимание и тоа привлекува уште повеќе млади луѓе во движењето“, вели таа.

Грета Тунберг (16) доби инспирација да започне со климатските штрајкови секоја недела од учениците во Паркленд, Флорида, кои организираа национален марш во своето училиште во борбата за донесување построги закони за носење оружје, откако во нивното средно училиште во 2018 година се случи смртоносен настан со пукање во кој загинаа 17 лица. На почетокот од овој месец таа се појави на сите насловни страници во светот кога успеа да преплови до Њујорк во јахта која беше напојувана со соларна енергија, а со цел да присуствува на претстојниот климатски самит на Обединетите нации. „Се чини дека се наоѓаме на преломната точка“, изјави таа.

Тунберг и другите млади климатски активисти не се обични активисти – еколози кои гушкаат дрвја, вели Хериет Тју (Harriet Thew), научник кој ја проучува животната средина од Универзитетот во Лидс, Велика Британија. Многумина гледаат на справувањето со климатските промени како прашање на меѓународна правда – оваа рамка е многу поефективна, велу Тју, отколку чистата еколошка порака.

„Сè повеќе и повеќе, тие зборуваат за проблемите за луѓето и навистина ја препознаваат таа врска помеѓу луѓето и животната средина“, вели таа. „Тие не се само загрижени за поларните мечки“. Нивната порака не е за зачувување на дождовните шуми или за спас на китовите; станува збор за спасување на најранливите луѓе на Земјата.

Движењето влегува во својата зрелост

Оладосу Аденике, 25-годишна демонстрантка во Абуџа, Нигерија, вели дека веќе може да ги забележи ефектите од глобалното затоплување во нејзината земја. „Внатрешно раселени лица, судири помеѓу земјоделците и останатите, несигурност – сето тоа поради климатскитете промени“, вели таа. „Исто така, тука се и зголемувањето на цената на храната, поплавите кои го однесоа земјоделското земјиште, сушите што влијаат на приносите кај земјоделските култури и прекумерните врнежи од дожд“.

Потоа, тука е 22-годишната Ванеса Накате која 66 часа во неделата продава соларни батерии во продавницата на нејзиниот татко во Кампала, Уганда. Таа е загрижена за ефектите од климатските промени врз земјоделството кое зависи од дождот а кое е извор на живеачка за повеќето во Уганда. Иако Накит честопати протестира самостојно, социјалните медиуми ја поврзуваат со активисти ширум светот и ја засилуваат нивната заедничка порака. „Постарата генерација ги расипа работите“, вели таа. „Ние сме тие кое чистиме“.

Возрасните слушаат. Медиумите ширум светот известија за патувањето на Тунберг преку Атлантикот. Исто така, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги поддржа штрајковите во училиштата велејќи дека: „Мојата генерација не успеа да одговори правилно на драматичниот предизвик на климатските промени. Ова е длабоко почувствувано од страна на младите луѓе. Не е ни чудо што се лути“.

Кони Росер-Ренуф, истражувач за климатски комуникации на универзитетот „Џорџ Мејсон“ во Ферфекс, Вирџинија, вели дека податоците од истражувањето кај возрасни лица во САД кое се спроведува скоро секоја година, од 2008 година, откриваат публика која се повеќе станува приемчива на пораката на штрајкувачите . „Возрасната популација сè повеќе станува загрижена, а тоа е во тренд од 2015 година“, вели таа.

Дел од нивната загриженост е поврзана со природни непогоди за кои се смета дека се влошувани од климатските промени – такви се рекордните шумски пожари во западните делови на Соединетите Држави минатата година, и ураганот Марија, кој го зафати Порто Рико во месец септември 2017 година.

Но, Росер-Ренуф вели дека околу една четвртина од возрасните опфатени со истражувањето во 2018 година сметале дека најважната причина да се дејствува во врска со климатските промени е „да се обезбеди подобар живот за нашите деца и внуци“. Овој одговор сугерира дека младинските активисти ги потсетуваат возрасните зошто, пред сè, се грижат за животната средина, вели таа.

Грижа за генерациите кои доаѓаат

Истражувањето согледа слични тенденции и во други држави, вели Кристофер Шо (Christopher Shaw), специјалист по комуникации во „Climate Outreach“ во Оксфорд, Велика Британија. „Повторно и повторно согледуваме дека влијанието на децата и на внуците е нешто што претставува најголем загриженост“, вели тој.

Истражување од 2016 година кое опфати 1.860 луѓе во Велика Британија утврди дека 61% од нив се подготвени да платат до 20 фунти (25 долари) месечно за да се спречат смртните случаи поврзани со климатските промени во 2050, 2080 и 2115 година. Исто така, лица кои беа опфатени со студијата спроведена во Лисабон и во Аделајд (Австралија) во 2017 година, беа подготвени да платат исто толку пари колку што е потребно да се заштитат себеси, за заштита на идните генерации.

Но, возрасните не ги гледаат тинејџерите и младите само како жртви кои треба да бидат заштитени од климатските промени. Истражувањето на Тју за улогата на младите (оние на возраст од 16 до 24 години) во преговорите за климатски промени во ООН утврди дека возрасните ги сметаат овие активисти како некои кои имаат поголем морален интегритет од другите што присуствуваат на разговорите - „затоа што не се платени да бидат таму“,рече таа.

Бидејќи младите демонстранти за климатски промени не застапуваат нечија агенда, нивната порака е впечатливо директна. „Тие можат да кажат многу работи што не можат да ги кажат постари активисти“, вели Метју Нисбет, кој студира комуникации во животната средина на Североисточниот универзитет во Бостон, Масачусетс. „Тие сè уште немаат работна кариера. Тие ги немаат филтрите што можат да ги имаат возрасните“.

Тој укажува на видеа на Интернет на кои се гледаат тинејџери како протестираат за климатските промени и како тие се соочуваат со пратеници во американскиот Конгрес или на друг начин ги преземаат задачите на возрасните кои не се соочуваат со предвидувањата на климатските модели. „Можеби едноставно не сте доволно зрели за да го кажете како што е“, вели Тунберг пред Француското национално собрание во Париз, видео кое има 3.7 милиони прегледи на Фејсбук. „Дури и тој товар ни го оставате нам, на децата“.

„Тие се гледаат милиони пати и потоа стануваат дел од новинарските вести и извештаи “, вели Нисбет. „Тоа е драма, новина е, автентичност и истовремено е катастрофа“.

Она што сè уште треба да се види е дали учесниците на движењето ќе го одржуваат својот ентузијазам како што ќе стануваат постари и ќе си заминуваат од училиште. Барањата за наоѓање работа и за градење стабилен живот во една тешка глобална економија може да остават помалку време за активизам, вели Шо. Децата и тинејџерите имаат поголема поддршка и повеќе време да протестираат. „Кога и да си заминете дома, таму на маса ќе ве чека вечерата“, вели тој.

Сепак, во денешно време кога младите лидери се пораснати, една нова генерација на активисти за климатските прашања можеби е веќе подготвена да го заземе нивното место. Некои од активистите на денешното време едвај да се на 11 годишна возраст.