Автори: Веи Хуанг (Wei Huang) и Лидија Моравска (Lidia Morawska)
Преземено од: https://www.nature.com/articles/d41586-019-02938-1

Луѓето можат да добијат погрешно чувство на сигурност поради маските за лице и да поминуваат многу долго време на отворено и на во токсичен воздух, тврдат Веи Хуанг и Лидија Моравска.

Низ цела Азија, и сè повеќе во многу други земји од светот, на улица се забележуваат луѓе кои носат маски на лицето за медицинска употреба. Младите и возрасните ги ставаат на себе овие „квадратести“ маски со газа, на носот и на устата, кога излегуваат надвор.

Maskite za lice bi mozele da gi zgolemat rizicite od zagaduvanje

Во Кина, оваа навика започна во 2003 година, кога здравствените власти препорачуваа носење на медицински маски за да се забави ширењето на значителниот акутен респираторен синдром (SARS). Денес, голем број на кинески граѓани редовно носат маски, направени од повеќе разни ткаенини и стилови, за да го намалат ризикот од зараза или пренесување на настинки или грип - и ние, исто така, ги носиме со таа цел.

Но, маските сè повеќе се носат од друга причина - загадување на воздухот. Иако ткаенината од која е изработена маската е во можност да филтрира големи честички прав, полен и песок, таа не ги блокира пофините честички кои достигнуваат до белите дробови, артериите и вените. Тука се мисли на честички кои имаат големина помала од 2,5 микрометри (PM2.5) и ултрафини честички (помали од 0,1 µm), како и токсични испарувања што ги испуштаат автомобилите и индустријата. PM2.5 има поврзаност со повеќе од 4 милиони смртни случаи секоја година во целиот свет.

Луѓето сакаат начини да се заштитат себеси. Тие се свесни за здравствените ризици кои ги носи загадениот воздух а социјалните медиуми се полни со слики на луѓе кои носат маски во денови кога има смог. Сепак, институциите за јавно здравје како што се Светската здравствена организација (СЗО), Американското здружение за срцето (American Heart Association) и Европското здружение на кардиологија немаат препораки за употребата на маски или за преносни прочистувачи на загадувањето во воздухот.

Речиси и да не постојат клинички студии кои тестирале колку се ефикасни маските за медицинска употреба против загадувањето на воздухот, или како луѓето ги користат овие маски. Тешко е да се предвидат индивидуални ризици затоа што изложеноста и здравствената состојба на луѓето значително варираат. Ние сме загрижени дека носењето маски дури може и да го влоши проблемот. Тие имаат потенцијал да ги залажат луѓето во лажно чувство на сигурност и да ги поттикнуваат да поминуваат повеќе време надвор на загаден воздух.

Спротивно на ова, постојат јасни стандарди за специјализираните респиратори кои мора да ги користат лицата кои работат во загадени средини, вклучувајќи ги тука оние кои работат на градежни објекти, на тротоари или улици како и сообраќајната полиција. Овие се сертифицирани за конкретни ситуации и тука се мисли на гас маски и на други уреди што го ограничуваат вдишувањето на прашината. Ниту една од нив не е соодветна за секојдневно носење на улица.

Државите и научниците треба да ги едуцираат јавноста и здравствените работници за тоа како точно треба да се избегнуваат ризиците од загаден воздух. Истражувачите треба да утврдат кои заштити можат да бидат корисни во одредени околности. Сепак, единственото долгорочно решение е да се чисти воздухот. Дотогаш, пораката останува иста: останете во затворено колку што е можно повеќе, кога нивото на загадување е на високо ниво.

Лажно чувство на безбедност

Медицинскиот персонал и пациентите носат маски за еднократна употреба ткаенина за да ја намалат веројатноста од заразување или пренесување на инфекции што најчесто се случува преку телесните капки. Од истата причина, некои членови на јавноста носат маски за да го спречат ширењето на вируси кога киваат или кашлаат.

Маските за медицинска употреба најчесто се изработуваат од три слоја на густ памук или слични материјали кои ги „фаќаат“големите капки кои се пренесувачи на бактерии и вируси и кои се појавуваат со издишувањето на луѓето. Овие капки се типично со големина на зрна од полен или прашина (од неколку до околу 100 μm). Но, кога станува збор за малите честички во воздухот и за токсичните гасови (како што се азотен диоксид, озон и испарливи органски соединенија), маските за медицинска употреба, дури и маските изработени од најдобра ткаенина, не нудат заштита.

Добрите маски имаат и плетки или набори за да можат целосно да ги покријат носот и брадата. Тие подобро „налегнуваат“ на некои облици на лице отколку на други облици; но не можат цврсто да „налегнат“ на брадата, на пример. Лекарите се обучени да ги стават правилно а другите луѓе не се. Воздухот и загадувачите можат да поминат низ празнините помеѓу маската и лицето за да стигнат до носот и устата.

Однесувањето на населението е исто така важно прашење на кое треба да посветиме внимание при давањето совети на населението. Маските за лице од било каков вид е непријатно да се носат долго време. Во неа тешко да се дише, особено кога времето е жешко. Можно е да дојде до натрупување на јаглерод диоксид и да доведе до поспаност а маската мора да се вади и повторно да се става кога разговараме, јадеме и пиеме. Филтерот може да се навлажни со што се менуваат неговите перформанси. Луѓето понекогаш ја носат истата маска повеќе пати за да заштедат пари; еднаш откако ќе се затнат, маските стануваат полоши и бескорисни.

Работниците на отворено се советуваат и обучуваат како да користат специјализирана опрема. Таа е во согласност со стандардите изработени од Националниот институт на САД за безбедност и здравје при работа. Едноставните памучни маски ги блокираат прашината и азбестот на градилиштата и во местата каде се изведуваат работите. Други, пак, содржат активни материјали за апсорпција кои темелно ги филтрираат хемикалиите и гасовите. Некои респиратори имаат заштитници за лице од прскање и сопствени резерви на воздухот. Со други зборови, тие се нешто сосема поразлично од мало парче ткаенина.

Недоволно докази

Медицинските маски се добро истражени во клиничките услови, и се докажани дека имаат добра функција против ширењето на инфекциите. Малку се знае за тоа колку овие маски се ефикасни против загадениот воздух. функционирањето на која било маска за лице е тешко да се измери. Треба да се земат предвид многу фактори, вклучувајќи ги големините и изворите на честички, видот на маската, обликот на лицето и однесувањето на носителот.

Направени се некои лабораториски студии за филтрационите својства на маските. Но има само малку студии кои опфаќаат луѓе и кои ја имаат испитано ефикасноста од носењето маска за лице во реални услови. Повеќето од овие студии беа направени во Пекинг и Шангај во Кина, како и во САД. Тие обично ги следеа луѓето само неколку часа и најмногу се фокусираа на ефектите врз срцето. Неколку студии ги испитаа влијанијата врз респираторниот систем.

Забележани се неколку трендови но ниту еден од нив не беше статистички значаен. На пример, една студија утврди дека луѓето кои редовно носат маски во загадени средини имаат понизок крвен притисок и поредовни отчукувања на срцето од оние што не носат. Здравите возрасни лица може да имаат поголема корист во споредба со луѓето кои веќе имаат срцеви заболувања. Но, студиите честопати не се согласуваат за сè – од насоката и големината, до времето и видовите на одговор.

Брзите промени во нивото на загадување исто така го отежнуваат проценувањето на влијанијата врз здравјето. На пример, концентрациите на гасови и ултрафини честички можат да бидат 100 пати поголеми на прометни раскрсници или во патен тунел отколку, на пример, во задните улици. Возраста, полот, здравствената состојба на луѓето, земањето лекови и шемите на вежбање и активности дополнително ги комплицираат работите. На пример, активните и фит луѓе честопати поминуваат повеќе време на вежбање на отворено и со тоа ја зголемуваат својата изложеност. Мажите обично се повеќе изложени на загадувањето на отворено; жените на загадувачи во затворен простор. Не постојат ригорозни студии со кои би се утврдило како луѓето го менуваат своето однесување кога носат маски за лице.

Следни чекори

Луѓето треба да знаат кога, зошто и како се носи маска.

Експертите и властите треба да обезбедат докази за да можат да дадат совети за тековните состојби во кои краткорочното носење на маска може да биде од корист, како на пример за време на песочни бури, или во одредени градови во Африка каде пустинската прашина е голема компонента во загадувањето на воздухот. Истражувачите треба исто така да обезбедат докази за тоа колку е ефикасна употребата на маска против загадувањето на воздухот. Клиничките испитувања треба да користат поголеми примероци и да ги следат долгорочните влијанија кај популациите со висок ризик.

СЗО и другите тела за јавно здравје треба да ја едуцираат јавноста за тоа кои се најдобрите начини да се заштитат себеси. Додека не добиеме подобри докази, тие ќе треба да препорачуваат носење на соодветна маска само за спречување на инфекции, а не за заштита од загадување на воздухот.

Престојот во затворени простории кога нивото на загадување е високо е најбезбедно решение, сè додека се избегнуваат загадувачи во затворениот простор, како што е чадот од тутунот/ цигарите. На отворено, луѓето треба да се држат настрана од интензивниот сообраќај кога одат или вежбаат. Велосипедистите треба да најдат патеки кои се подалеку од патишта со интензивен сообраќај. Возачите треба да ги затвораат прозорците од автомобили. Кога загадувањето е големо, подобро е да не се вози велосипед, наместо да се вози велосипед и да се носи маска. Луѓето кои мора да работат надвор подолго време, како што се градежните работници, треба да добијат професионални респиратори и да поминат обука.

Како врвен приоритет, сепак, останува намалувањето на загадувањето на воздухот.