Автор: Навин Кумар Арора

Преземено од: https://link.springer.com/article/10.1007/s42398-018-0013-3

Одржливоста на животната средина е еден од најголемите проблеми со кои човештвото се соочува во последно време. Зголемувањето на населението, во комбинација со големата ескалација на човекови активности покрена неколку прашања во врска со одржливоста на природните ресурси на нашата планета. Ниту еден дел од Земјата не е недопрен од влијанието на човековите активности или загадувањето. Постојаното зголемување на населението и зголемувањето на потрошувачката по глава на жител им наметнува огромни проблеми на природните ресурси. Покрај ова, урбанизацијата, индустријализацијата и современите земјоделски практики ги загадуваат водните ресурси, воздухот и почвата, и тоа е тренд во целиот свет. На тој начин, природните ресурси не само што премногу се искористуваат туку и се загадени со токсични хемикалии што го отежнуваат опстанокот на идните генерации.

Odrzlivost na zivotnata sredina kako neophodnost za prezivuvanje

Сè поголемите емисии на стакленички гасови имаат далекосежно влијание врз Земјата. Според проценките на разни агенции, како што се Американската агенција за развој (USDA) и Организација за економска соработка и развој (OECD), ова ќе резултира со пораст на температурата за 02°C до 2050 година. Ова веќе го промени лицето на земјата и тоа и понатаму ќе се случува. Поради влијанието на глобалното затоплување, глечерите и поларниот мраз се топат со брзина која е 2-3 пати поголема во однос на минатиот век. Според проценките, Земјата во моментов поминува низ една од најголемите фази на губење на биолошката разновидност, чие влијание е непредвидливо. Според извештајот на Обединетите нации, стапката на истребување предизвикана од човекот на разни видови растенија и животни, во моментов е стотици пати поголема отколку што била природната стапка во минатото и, како што се чини, таа е можно да биде илјадници пати поголема во блиска иднина Како пример, се посочува дека, според сегашната стапка на намалување на коралните гребени, тие целосно ќе исчезнат во многу блиска иднина, а заедно со нив ќе исчезнат и други видови.

Поради краткорочни придобивки, луѓето со забрзано темпо ги уништуваат природните системи, при што е тешко да се процени влијанието на човекот врз екологијата, во смисла на економија, па дури и стапката на преживување на разни форми на живот на Земјата. Иако технологијата исто така напредува со голем брзина, сè уште имаме гладни луѓе кои не добиваат доволно калории за да можат да растат нормално па дури и да преживеат. Тука и е проблемот со достапноста на вода за пиење, чист воздух за дишење и сè поголемиот проблем на деградација на земјиштето. Солените почви ќе се зголемуваат за 50% до 2050 година а деградацијата на земјиштето е нешто што ја засега речиси секоја земја во светот. Човештвото ќе создава 27 милијарди тони цврст комунален отпад до 2050 година, што ќе бара поголем придонес на технологијата за справување со овој проблем, додека улогата на микроорганизмите ќе биде огромна. Количеството на отпад кој не може да се разградува се зголемува секоја минута а некои од опасните материи се акумулираат во синџирите на исхрана и се причина за загадување на природните ресурси и истребувањето на видовите, освен тоа што предизвикуваат штета врз луѓето. Како што беше објавено во еден неодамнешен научен извештај, масата од пластичен отпад која се нарекува „Големата толпа ѓубре во Пацификот“ достигна големина од околу 1,6 милиони квадратни километри и таа плута на површината на Пацификот. Пластиката исто така се насобира во земјата и во водните тела со многу големо темпо и затоа е неопходно да најдеме брза алтернатива за овие штетни производи кои ги создал човекот.

Многу е важно редовно да се проценува влијанието на човековите активности врз локалните екосистеми и врз планетата како целина. Употребата на најновите технологии и алатки помага во проценка на ситуацијата, но треба да се најдат и зелени решенија. Биотехнолошките пристапи и зелените технологии ги даваат решенијата за овие проблеми. Научниците се во постапка на развој на зелени горива и на нови извори на енергија што би можеле да ги заменат производите од нафта и да обезбедат зелена енергија за да ја намалат емисијата на стакленички гасови. Слично на тоа, управувањето со загадувачките материи, органскиот отпад и биоразградувањето на контаминираните места се постигнува со помош на биотехнолошки алатки. Биоремедијацијата е исто така многу важна задача што е насочена кон обновување на загадените живеалишта со користење на микроорганизми и техники на фиторемедијација. Безбедноста на храната е голем проблем со кој се соочува човештвото. Одржливото земјоделство сè уште не е постигнато, бидејќи опасните и штетни земјоделски хемикалии се оние кои доминираат на пазарите низ целиот свет и кои нанесоа голема штета на екосистемите на глобално ниво. Сè уште е предизвик да се ​​постигне безбедност на храната на одржлив начин, преку одржување на плодноста и на микробиолошката разновидност во почвата. Одржливото земјоделство и органското земјоделство се најголемите цели за научниците во иднина и веќе се забележуваат значителни резултати - хемикалиите се заменуваат со биостимуланти и биопестициди. Управувањето со стресот кај земјоделските култури и зајакнувањето на продуктивноста на маргиналните, кревки и екстремни живеалишта е исто така цел за иднината што треба да се постигне со употреба на биолошки пристапи. Ова не само што ќе доведе до безбедност на храната, туку и до одржливост на земјоделските екосистеми.

Според тоа, оидржливоста на животната средина е еден од најголемите предизвици и најважните цели во денешно време. Таа е област на која најмногу внимание ѝ посветуваат истражувачите, академиците, научниците, државите и невладините организации, и ова вклучува поединци, заедници, земји, континенти и светот во целина. Одржливоста на животната средина е клучна стратегија во однос на растот на населението и широката експлоатација на животната средина од страна на луѓето. Основната загриженост на современото општество е дека, додека денес луѓето уживаат во придобивките на економскиот развој, идните генерации ќе бидат на работ на исцрпување на оскудните природни ресурси и ќе се соочуваат со загадено опкружување. Затоа, наша најголем одговорност е да ја оставиме планетата да биде самоодржлив систем кој обезбедува еднакви можности за опстанок не само за нашите идни генерации, туку и за сите други видови кои живеат заедно со нас.