Поштенските марки како една од националните одлики на една држава од секогаш на себе ги претставувале и природните реткости и убавина на државите од каде се издаваат. Денес едни од најретките или најбараните поштенски марки меѓу колекционерите на поштенски марки, се токму оние со природни мотиви.

Македонија, како земја која од својата независност во контиунитет издава национални поштенски марки ги следи светските правила на филателијата, па дел од македонските поштенски марки се посветени токму на националниот биодиверзитет, како и ретките или значајни подрачја.

Во Македонија се издаваат три вида поштенски марки: пригодни, редовни и доплатни. Пригодните се јубилејни поштенски марки и се издаваат според програма одобрена од Владата на Република Македонија. Редовните марки циркулираат во секојдневниот поштенски сообраќај и имаат различна тематика - архитектура, етнологија итн. Доплатните марки се печатат со одлука на Собранието на Македонија, а доплатата на услугата е наменета за хуманитарни цели.

Поштенските марки се изработуваат под надзор на Бирото за филателија при Македонска пошта, кое годишно издава од 27.000 до 30.000 поштенски марки, на 18 различни теми.

Програмата поштенски марки овозможува да се направат тематски збирки со мотиви флора, фауна, природно наследство и заштита на животната средина.

Поштенските марки со природни мотиви од Македонија, може да се поделат во неколку категории:

  • Поштенски марки посветени на националниот биодиверзитет, со приказ на локални, национални или регионални ендемити.
  • Поштенски марки посветени на палеонтолошкото наследство, со приказ на животински фосилни остатоци
  • Поштенски марки посветени на македонските специфични екосистеми, локалитети и приказ на геолошкото наследство
  • Поштенски марки посветени на агробиодиверзитетот и сточните видови на животни

Поштенските марки со природни мотиви се изработени со различни техники кои може да бидат: класични научни илустрации, приказ на животните во своите живеалишта или пак илустрации на животни и растенија со назначен уметнички израз. Низ поновите колекции на поштенски марки, природата е прикажана преку фотографија.

Поштенските марки во независна Македонија се печатат од 1991 г., но првите марки со природни мотиви се дел од колекцијата 1993 г. кои се посветени на рибната фауна на Македонија. Следната година (1994) веќе се појавува и марка со цицач (балканскиот рис) и првата ботаничка марка, посветена на моликата.  Во едицијата од 1995 г. се издава марка со брадестиот мршојадец- вид на птица која повеќе не може да се сретне на нашите простори. Во 1996 г, пак се појавува првата марка со безрбетник и тоа пеперутката чингова окатка  (Pseudochazara cingovski), која е заведена под погрешно име како -  планинска пеперутка. Во 1998 г. се издаваат марки со приказ на фосили од працицачи пронајдени на територијата на Македонија, што не е така честа пракса во светската филателија.

Во 2019, темата природа во македонските поштенски марки, беше опфатена со серијата Птиците на Македонија, низ која беа прикажани неколку видови на граблици птици.

Поштенски марки со биодиверзитет

Поштенски марки до локалитети

Поштенски марки со фосили

Поштенски марки со агробиодиверзитет