Преземено од: https://www.iucn.org/resources/issues-briefs/water-and-climate-change

Создавање отпорност кон климатските промени преку управување со водите и екосистемите

  • Климатските промени првенствено се манифестираат преку промени во водниот циклус. Како што се менува климата, се случуваат поплави, суши, се топат глечерите, се зголемува нивото на морето и се интензивираат бурите (или се менуваат), најчесто со тешки последици.
  • Климатските примени имаат директни последици врз сигурноста во снабдувањето со вода и конфликти.
  • Во насока на реализација на Одржливите развојни цели, прилагодувањето кон климатските промени ќе мора да создаде климатска отпорност.
  • Климатската отпорност се зајакнува преку постоење на здрави екосистемски услуги кои се потпираат на функционални речни сливови.
  • Ефективното прилагодување кон климатските промени на една држава би требало да ја одрази важноста која управувањето со водите ја има во намалувањето на ранливоста и градењето на климатска отпорност.

Vodata i klimatskite promeni

Каде е проблемот?

Водата и временските услови, деликатната рамнотежа помеѓу испарувањето и врнежите, е примарниот циклус низ кој се чувствуваат климатските промени. Како што се менува климата, се случуваат поплави, суши, се топат глечерите, се зголемува нивото на морето и се интензивираат бурите (или се менуваат), најчесто со тешки последици.

Само 3% од водата на Земјата е слатка вода, од која две третини се заробени во глечери и во поларен мраз. Задача која ќе биде предизвик во рамките на тековните климатски предвидувања е како да ја зачуваме водата што ја имаме и тоа во количества кои ќе ни бидат потребни неопходни за прогнозите кои предвидуваат 10 милијарди луѓе до 2050 година.

Зошто е тоа важно?

Станува збор за повеќе работи. Светскиот економски форум ги рангираше кризите со вода на прво место во својата проценка за глобалните ризици во 2015 година, со потенцијал да предизвикаат штетни економски и социјални влијанија кај државите и дејностите. Да се живее со климатските промени ќе значи справување со влијанијата кои се одразуваат на водата, било да ја има премногу или премалку, и преземање на неопходните чекори за намалување на ранливоста на заедниците и на економиите.

Сигурност во снабдувањето со вода
Влијанијата врз климатските промени ќе имаат директни последици врз снабдувањето со вода. Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) ја предупреди меѓународната заедница за тоа колку многу се ранливи слатководните ресурси како резултат на климатските промени. Една неодамнешна студија спроведена од Меѓународниот институт за истражување на политиката на храна констатираше дека 4,8 милијарди луѓе - повеќе од половина од светското население - и приближно половина од светското производство на жито ќе бидат изложени на ризик поради стрес поврзан со водата до 2050 година, ако се продолжи како и досега.

Соработка околу водата
Управувањето со вода помага во поттикнувањето на прекуграничната соработка, вклучително и во климатската отпорност. Соработката во врска со водата исто така помага да се намали ризикот од конфликт во рамките на државите и помеѓу државите.

Што може да се направи?

За да се постигнат Целите за одржлив развој, прилагодувањето кон климатските промени ќе мора да изгради климатска отпорност. Прилагодувањето мора да ги подготви општествата да можат да бидат поиздржливи на шокови и катастрофи.

Решенијата на природна основа, како што се мангров растенија кои ги заштитуваат крајбрежјата од бури, езерата кои имаат големи количества вода и сливови што апсорбираат вишок вода, се клучен дел од оваа стратегија. Овие природни услуги вршат функција која е слична на инфраструктурата. Сепак, тие не се изградена инфраструктура туку тие се обликувани од природата, тие растат, еродираат или се депонираат. Работењето со оваа природна инфраструктура може да ги оптимизира перформансите и финансиските придобивки од инфраструктурата која ќе биде изградена од човекот.

Климатската отпорност може да се зајакне преку здрави екосистемски услуги кои се потпираат на функционални речни сливови. Искуството од Глобалната програма за вода на IUCN во интегрирањето на животната средина и развојот покажа дека се прави комбинација од четири компоненти за да може во пракса се создаде климатска отпорност:

Диверзитет – повеќе диверзифицирани економии, можности за живот и предели кои можат подобро да ги издржат шоковите и кои дозволуваат побрзо прилагодување кон неизвесната иднина.

Капитал и иновации – нивно комбинирање со природната инфраструктура ги оптимизира учинокот и финансиските бенефити

Самоорганизирање – преку партиципативно управување и зајакнување до адаптирани институции

Знаење и учење – подобрени информации за климата и градење на капацитетите, што им овозможува на луѓето и на институциите да ги препознаат шоковите и промените и брзо да се прилагодат на нив.

Од дијалог кон имплементација
Активности за прилагодување, како што се развивање или прилагодување на одвод на вода или нејзино складирање, без оглед дали е природна инфраструктура или изградена од човекот, се нешта кои треба да се спроведат во рамките на оваа стратегија. Стратегијата треба да ги насочува политиките, планирањето и инвестициите во секторите, вклучувајќи го и економското планирање, стратегиите за намалување на сиромаштијата, земјоделството, енергетиката и развојот на водните ресурси. Рамката на отпорност е практично средство за вклучување на климатските промени во развојот и спроведувањето на целите за одржлив развој.

Меѓународниот дијалог за прилагодување кон климатските промени мора да премине во имплементација и во активности на ниво на државите. Поддршка за спроведувањето на оваа имплементација во државите може да се обезбеди преку Глобалната програма за вода на IUCN со цел делување кон водата и климатските промени кои ќе се потпира на три столба.

Со цел да се обезбеди успешно климатско прилагодување во државите, активностите треба да ја рефлектираат важноста која ја има управувањето со водите во намалувањето на ранливоста и градење климатска отпорност преку следново:

1. Адаптивното интегрирано управување со водните ресурси треба да биде во центарот на планирањето и инвестирањето во прилагодување кон климатските промени. Активностите за намалување на емисиите на стакленички гасови исто така зависат од пристапот до соодветни водни ресурси, со оглед на фактот дека сите активности за ублажување имаат потреба од вода за да бидат успешни.

2. Промовирање инвестиции и активности кои подразбираат управување со природната инфраструктура, нејзино обновување и одржливост – екосистемски услуги кои се обезбедуваат од здрави водни сливови и крајбрежја и нивните бенефити во развивањето на климатска отпорност на секторите енергетските и храна.

3. Поддршка на активностите од голем обем за градење климатска отпорност, преку комбинација од управувањето со водни сливови, одржлива инфраструктура, поттикнување и учење преку адаптивни институции.

Опасностите со водите поради климатските промени претставуваат ризик за самиот развој. Ако сакаме да ги постигнеме климатските и развојни цели, водата мора да има централно место во стратегиите за прилагодување. Водата исто така е важна за остварување на целите за ублажување. IUCN ја поддржува и помага во прилагодувањето на климатските промени преку својата глобална мрежа на членки и соработници, која ги опфаќа Латинска Америка, Африка, Блискиот Исток, Азија и Океанија.