Марија Ѓурчиновска, Клуб на љубители на планините Петрикор

Зар човекот не е дел од природа? Местото каде што се чувствуваме дека припаѓаме, местото каде што можеме да бидеме свои, местото кое не полни со енергија. Дали тоа би го нарекле дом? Не е ни чудно што многумина природата ја нарекуваат дом, но чудно е што одењето во природа го нарекуваат помодарство. Како и се што станува популарно, така и на планинарството му се залепи таа етикета, па многумина ќе се запрашаат дали планинарењето луѓето го прават за да бидат интересни за пошироката публика (социјални мрежи), или пак е нешто многу повеќе.

Развојот на човештвото и светот го одвои човекот од неговиот природен дом. Навратете се илјадници години наназад и размислете каде живеел човекот? Човекот газел бос на земја, се хранел со плодовите кои ги берел со сопствени раце, се облекувал и живеел од тоа што го создавал со сопствениот труд. Денес човекот е комплетно одвоен од природата и за тоа се свесни сите. Човекот се уште се храни од природата, користи предмети и материјали создадени од неа, но ги добива со платежна картичка, со што е изгубена директната поврзаност со природата.

Живееме во мошне динамичен свет со темпо диктирано од желбата за успех. Тоа темпо е различно од она на природата и носи стрес и замор и го нарушува физичкото и психичкото здравје на човекот. Кога човекот ќе го почувствува и ќе се синхронизира со темпото на природата, тој го наоѓа спокојот.  Тогаш се враќа дома, кога ќе го нема бетонот, кога ќе ја нема вревата на градот и на илјадниците автомобили и луѓе кои циркулираат низ него, тогаш човекот за прв пат се слуша себе си. Преку природата светот е онаков каков што навистина е, преку звукот на шумата, песната на птиците, слатките плодови кои го хранат, некаде меѓу густите дрвореди, широките погледи и газењето по неизоден пат.

Планината и луѓето

Пред стотици години човекот живеел во природата, таа му била секојдневие, таа му била дом. Првите докази за шетање од задоволство во природа потекнуваат негаде од 18-тиот век, а веќе во 19-тиот век се документирани се повеќе прошетки во природа, и тоа во повеќе региони во светот. Кај нас првите документирани посети на Шар Планина се од 19-тиот век, кога странски истражувачи и научници ја проучувале оваа планина. Рекреативното и групно шетање по планини се забележува во 20-тиот век, а неговата популарност се зголемува кон втората половина на минатиот век со формирањето на голем број планинарски друштва и бројните акции организирани од нив.

Денес, заради значителниот раст на прошетки во природа, планинарството некој знае да го нарече и помодарство. Вистина е дека се повеќе млади луѓе викендите ги поминуваат истражувајќи ги македонските планини, но тоа не е чудно бидејќи дури две третини од територијата на нашата држава ја зафаќаат планини, а релјефот на нашата држава е мошне интересен, разигран. На мала територијална распространетост имаме бројни котлини и високи планински масиви, и тоа дури 40 планини кои чекаат да бидат истражени.

Планината како лек

Живееме во планинска земја, спортот е неопходен дел од животот на секој човек, па зошто да не и планинарството како редовна спортска активност. Покрај тоа што може да се категоризира како одличен спорт, планинарството има големо влијание и на психолошкото здравје на човекот. Бројни истражувања даваат позитивни резултати и ги поттикнуваат луѓето да поминуваат што повеќе време во природа и на отворено.

Влијанието кое го има природата на човекот го прави планинарството нешто повеќе од спорт. Веројатно и тоа е причината зошто луѓето, кои инаку се пораснати во градски средини и никогаш не ја почувствувале поврзаноста со природата, кога еднаш ќе ја почувствуваат, се враќаат одново и одново.

Кога ќе се сублимираат резултатите од повеќе истражувања и научни студии низ годините, се доаѓа до истите заклучоци, престојот во природа го намалува стресот, ја намалува депресијата, добро е за физичкото здравје, ја намалува имулсивноста во донесувањето одлуки, а воедно го подобрува фокусот и работата на имунолошкиот систем.  Помодарство или не, луѓето ги чувствуваат благодетите на природата, и затоа ја чувствуваат природата како свој дом.  

Да се квалификува престојот во природа како своевидна терапија во научниот свет го проучувал биологот и автор Е.О. Вилсон кој во 1984 година ја преставил теоријата на biophilia, буквално преведено љубов кон природата, што пак доведе до развој на екопсихологијата. Како некој нов концепт, надвор од традиционалната психологија, оваа терапија се заснова на градење врска на човекот со природата, а се смета дека одвоеноста на човекот од природата негативно се одразува на неговата благосостојба.

Без разлика дали ќе се нарече прошетка, планинарење или било каква неконвенцијална техника на психолошка помош, поминувањето време во природа е терапија. На сите нас, опкружени со стотици луѓе, живеејќи во бетонски џунгли, чекорот во природа ни влева посебна енергија, ни влева живот.

Тоа го чувствува секој кој поминува време во природа, во оние недопрени делови каде што човекот ретко поминува, во оние предели каде забораваш на реалниот свет и ја чувствуваш природата во нејзината најчиста форма. Токму во тој момент човекот се чувствува себе си во својата најчиста форма, без филтрите на секојдневието, само доколку се препуштиме го почувствуваме ритамот на природата.

Наречете го и помодарство, но се додека не излезете од комфорната зона и зачекорите по ретко одениот пат - нема да разберете.