Чести видови птици кои се среќаваат по градовите во Македонија
Македонија за нејзината територија располага со навистина богата орнитофауна која брои преку 330 видови од кои околу половина се миграторни. За да се забележат поголемиот дел видови птици во Македонија или пак случајно минуваат потребно е огромен напор, трпение искуство и опрема. Сепак, оние кои сакаат да му дадат шанса на ова извонредно искуство можат да започнат со честите видови птици кои живеат или редовно минуваат низ градовите, бидејќи тие не се воопшто помалку интересни од ретките и „повозбудливите“ видови птици, за кои искусните набљудувачи на птици се натпреваруваат да ги сретнат. Набљудувањето на птици или птичарењето претставува пасија за голем број луѓе во други држави. За жал, кај нас оваа активност сѐ уште не го нашла своето место помеѓу хобијата кај голем број луѓе.
Градовите се преполни со птици. Сè што треба да направите е да посетите локација каде што има зеленило и е малку подалеку од градскиот метеж, бидете тивки, смирени и фокусирани и животните сами ќе почнат да се појавуваат и да пејат, а вие, ќе ја имате честта да бидете присутни и да ја набљудувате магијата на животот како ви се одвива пред вашите очи. Со малку искуство и трпение ќе почнете и да ги распознавате видовите птици по нивната песна, и дури тогаш ќе сфатите дека цело време сте опколени со живот а до сега тоа воопшто не сте го ни приметиле. Во прилог ви ги прикажуваме само мал дел од видовите кои можеби и не сте знаеле дека се среќаваат во близина на местото каде што живеете.
Ушест був – Asio otus
Ушестиот був вид на утка која е редивен жител на градските паркови. Обично ги населува рамничарските предели со дрвја во Македонија меѓутоа многу често се среќава и во град. Гнездат во напуштени гнезда од страчки и врани високо во крошните на дрвјата додека во зимо често пати конгрегираат во големи јата и можат да се сретнат и по десетици на едно дрво. Исклучително добро се камучлирани и доколку не ги барате тешко ќе ги воочите. Имаат карактеристична песна која се разликува помеѓу мажјаците, женките и младите. Младите на овие птици често пати се среќаваат паднати на под дрвјата каде што овие птици гнездат. Без паника, доколку птицата не е повредена најдобро што може да направите е да ја качите на највисоката гранка што може да ја дофатите а од таму родителите ќе преземат.
Глувчар – Buteo buteo
Глувчарот е една од најчестите грабливи птици во Македонија. Преферира отворени предели каде што лесно може да најде плен додека кружи на небото, меѓутоа често навлага во градот па дури и по некогаш гнезди. Како што кажува и името, тој преферира да се храни со мали цицачи меѓутоа лови и инсекти. Гнездaта кои ги гради високо во крошните на дрвјата можат да изнесуваат и повеќе од еден метар во дијаметар, како и 60 cm длабоки. Нареден пат кога ќе се возите на автопат обратете внимание на бандерите и оградите крај патот и дури тогаш ќе сфатите колку овие птици се чести околу нас а можеби и никогаш до сега не сте ги воочиле.
Сина сипка – Cyanistes caeruleus
Сината или модрата сипка е мала песнопојна птица која многу лесно се идентификува благодарение на карактеристичната шара со сино и жолто на перјата. Преферира листопадни или мешани шуми но често се среќава и во градските паркови особено за време на ладните месеци надвор од гнездечката сезона кога храната во повисоките места е ограничена. Гнезди во дупки од дрвја меѓутоа лесно се приспособува и во кучарки за птици. Преферира да се храни со инсекти и пајаци но јаде и семки и мали плодови по потреба.
Црвеногушка – Erithacus rubecula
Црвеногушката е честа и мала инсективорна песнопојна птица. Речиси секогаш е меѓу првите птици кои луѓето ги забележуваат а да е вид кој не го сретнале до сега. Карактеристичната црвенкасто-портокалова нијанса на градите прави да е речиси невозможно да се помеша со друга птица. Карактеристичното огласување што звучи на кликање секогаш ја издава дека е во ваша близина. Доколку го чиете нејзиниот повик, обратете внимание на грмушките или ниските гранки на крошните на дрвјата и голема е веројатноста дека ќе ја забележите.
Обично страче – Lanius collurio
Иако е многу чест вид надвор од градовите, знае да се сретне и во внатрешноста. Оваа преселна птица е вистински феномен поради тоа што лови плен кој понекогаш е голем и колку самата птица. Се храни со мали цицачи и инсекти. Карактеристично за птиците од родот Lanius е што пленот го набиваат на трн од гранка и потоа се хранат со него.
Обичен свиркач – Phylloscopus collybita
Видовите од родот Phylloscopus знаат да бидат кошмар за идентификација, особено за помалку искусните. Но не дозволувајте тоа да ве обесхрабри. Обичниот свиркач е најчестиот претставник од овој род, особено кога не е сезона на миграција и може да се сретне буквално секаде. Се рработи за ситна песнопојна птица која се храни со инсекти. Доколку не сте сигурни дали се работи за токму овој вид, најдобро е да поекате и песната ќе ја „издаде“.
Мала црноглава сипка – Parus palustris
Уште еден претставник на групата сипки која брои поголем број видови. Малата црбоглава сипка е вид кој поретко се среќава во градовите, меѓутоа за време на поладните месеци надвор од гнездечката сезона овие птици формираат јата, често пати и мешани од повеќе видови и сите заедно се упатуваат на пониски надморски висини во потрага по храна. Чест жител на листопадните и мешани шуми, оваа птица се храни со инсекти, гасеници, пајаци но и семки и ситни плодови по потреба. Гнезди во дупки од дрвја но може и во предмети од човечко потекло како ѕидови, куѓарски за птици, поштенски зандачиња и.т.н. Внатрешноста на гнездата ја покрива со мов, волна па дури и пердуви и внатре несе помеѓу 5 и 9 јајца.
Обичен лазач – Sitta europaeaлл
Обичниот лазач е чест жител на листопадни и мешани шуми но е доволно адаптиран вид и за урбаните средини. Парковите и поголемите урбани зеленила претставуваат прибежишта каде овој вид непречено живее. За време на потоплите месеци лазачот се храни со ситни без’рбетници додека во зима со семенки и плодови. Овој вид на исхрана и овозможува на оваа птица да може да ги помине зимските месеци без да мигрира. Името го добила поради тоа што буквално лази по стеблата и гранките без огледа дали се движи нагоре и надолу. Гнезди во напуштени гнезда од клукајдрвци а доколку дупката во дрвото е преширока лазачот умее да ја стесни со тоа што ја затвара со кал и глина.
Сколовранец – Sturnus vulgaris
Сколовранецот е една од најзастапените птици во Македонија. Распространети се речиси секаде освен на високопланинските предели. Зимите ги поминуваат групирајќи се во огромни јата кои можат да бројат и десетици па понекогаш и стотици илјади птици. На пролет, големите јата се растураат а птиците добиваат многу поубаво обојување и со тоа го означуваат почетокот на сезоната за гнездење. Гнездат во дупки од клукајдрвци, пукнатини од дрва, бандери, улични светилки, кровови, дупки во ѕидови, куќарки за птици и буквално на сите груги места каде што можат да се засолнат. Неспарените мажјаци ги прават гнездата и ги украсуваат со цветови и свежа трева, а потоа пеат за да привлечат женки. Иако најесто моногамни, мажјаците не ретко се парат и со други женки додека нивната партнерка ги инкубира јајцата. Гнездечката сезона започнува на пролет меѓутоа многу често се случува да истиот пар направи и по две или три легла во годината.
Царче – Troglodytes troglodytes
Царчето е една од најмалите птици во Европа. Оваа птица е постојано активна, секогаш во потрага по храна. Населува многу различни живеалишта, од места со ниска грмушеста вегетација, градини, меѓи, насади и крајречна вегетација. Се движи со отсечни движења и најчесто лета ниско над површината на земјата. Иако се храни со инсекти може да ја преживее зимата поради тоа што успешно лови во кора од дрво или паднати стебла. Интересна појава во зима е кога повеќе царчиња влегуваат во некое напуштено гнездо од друга птица и заедно се греат одно со друго.
Автор на текст и фотографија: Ненад Петровски