Дона Дука – незаштитеното спелеолошко богатство на Скопје
На само неколку километри од центарот на Скопје се наоѓа еден од најзначајните спелеолошки објекти пештерата Долна Дука, која и покрај својата вредност останува незаштитена. Пештерата се наоѓа на источните падини на планината Жеден на 450 м.н.в., во близина на селото Рашче, а но неа води оштетен макадамски пат на кој нема знаци и насоки. До пештерата може да се стигне и преку неколку козји и пешачки патеки. Пештерата Дона Дука е првата истражувана пештера на територијата на Република Македонија, а првичните сознанија за оваа пештера го означуваат и почеток на спелеолошките истражувања во Македонија. Дона Дука со вкупна должина (должина на сите пештерски канали) од 650м е четврта по големина во Македонија.
Изградена е во мермеризирани варовници со тријаска старост. Отворот на пештерата е широк 3 метри, а висок 1 метар. На многу места во пештерата има разурнати карпи, кои настанале како резултат на разурнување поради поткопувањето на некогашниот подземен водотек при што пештерските таваници остануваат без подлога, поради што тие паѓаат. Со вакви уривања, пештерските канали се прошируваат и растат во височина. Пештерата е богата и со пештерски украси од различен вид. Во хидрографски поглед, Дона Дука претставува сува пештера со незначителна појава на повремени, главно сифонски езерца настанати од водата капница.
Покрај своите спелеолошки особина, Дона Дука е богата и со пештерска фауна. Испитувањата на фауната во пештерата започнале дури во 1940-тите години со првите пронаоѓања на водни изоподи. Подоцна се пронајдени и голем број на видови на пештерски сеноксци и лажни шкорпии. Дел од сеноксците се и за првпат евидентирани за науката тука. Во пештерата се забележани и околу 15 вида на пештерски пајаци. Од макро фауната, Дона Дука е дом и на неколку видови на лилјаци кои може да се забележат во првите галерии на пештерата.
За жал, пештерата Дона Дука е под голем притисок од човечкото влијание, а уште на самиот влез може да се забележи големо количество на смет и пластика. На ѕидовите се забележуваат оштетувања и графити, а на пештерскиот под ископувања и остатоци од алат за копање. Над самиот влез од пештерата се наоѓа и приватно бачило со што органски смет може да се сретне насекаде.
Во истражувањето на Колчаковски и соработниците, се нудат неколку препораки околу заштита на овој значаен биоспелеолошки и сложен морфолошки систем. Според нив, пештерата Дона Дука треба физички да се заштити со поставување на метална врата со решетки која ги спречи неконтролираните човечки интервенции,а ќе овозможи непречено движење на пештерските жители.
За сега, пештерата е евидентирана како природна реткост во просторниот план од 1982 година. Со секторската студија „Заштита на природното наследство”, која е составен дел на просторниот план на Македонија, пештерата се наоѓа и на предлог-листата за споменици на природата.
*Посетата на пештарата Дона Дука беше дел од годишната програма на Истражувачко здружение на студенти географи “Природник” – EGEA Skopje
https://docplayer.net/50061096-Zakani-i-merki-za-zashtita-na-peshterata-dona-duka.html
https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/oblast/zastita-na-prirodata/