fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada featured

Дреновска Kлисура – споменик на природата под градежна опсада

Дреновската Клисура е уште еден бисер во природното богатство на Македонија. Сместена во централниот дел на нашата држава, таа е опкружена претежно со површини под земјоделски култури, меѓу кои доминираат лозови насади, така што самата клисура, иако мала според површината што ја зафаќа, претставува еден вид оаза во која е концентрирано биолошко наследство со огромно значење. Но, градежните зафати што се преземаат во во значителна мерка ги нарушуваат еколошките карактеристики и биолошкиот диверзитетот во неа. ДОМА преку 15 фотографии ве запознава со овој загрозен споменик на природата.

01/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 1Во ризницата на заштитени подрачја во Република Македонија свое посебно место зазема Дреновската Клисура, која се наоѓа на територијата на општина Кавадарци во централниот дел на нашата држава. Поради присуство на реликтни растителни заедници, ретки растителни видови, инсекти и птици, како и поради присуството на ендемичниот полжав Carinigera drenovoensis, во 1991 година, со одлука  на Собранието на општина Кавадарци, Дреновската Клисура е прогласена за Споменик на природата.

02/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 2Клисурата има и свое стратешко значење затоа што низ неа поминува магистралниот пат А1 кој е главната рута што ја поврзува пелагониската котлина со централниот и источниот дел на Македонија. Овој патен правец е и дел од огранокот Д на Паневропсккиот коридор Х кој започнува од Велес, поминува низ Прилеп, Битола и Лерин, а завршува во грчкото пристаниште Игуменица на Јонското море. Поради важноста на коридорот, а согласно Националната транспортна стратегија (2007-2017) започната е изградба на нов експресен пат, кој според плановите требаше да биде завршен во 2020 година.

03/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 3Иако постоеа алтернативи според кои новиот експресен пат можеше да ја заобиколи зоната на заштитеното подрачје, сепак,  поради „подобро поврзување со постојната патна мрежа, и повисок квалитет на безбедноста на патиштата“ се одлучи новиот пат да минува низ самата клисура, со што во значителна мера се нарушуваат еколошките карактеристики и биолошкиот диверзитетот во неа. Во такви услови изготвена е „Студија за биодиверзитет и проценка на критични живеалишта“ во која се препорачани насоки и мерки за намалување на штетите, како во фазата на изградба – така и во фазата на активна експлоатација на патот.

Кога е во прашање пак почитувањето на разни препораки и директиви во нашата држава,  искуството од минатото ни дава доста јасна слика за тоа колку (би можеле да) се почитуваат насоките од оваа студија.

04/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 4Дреновската Клисура претставува природен амфитеатар со должина од околу 1,5 километри, формиран од реката Раец. Нејзиното еколошко значење лежи во природата на живеалиштата кои се поддржани од оваа геоморфолошка формација, во која доминираат карпести живеалишта (карпи, во кои се среќаваат длабоки пештери и полупештери), карпести падини и врвови. Не помалку значајни се и специфичните микро-климатски услови создадени од различните аспекти на карпите и падините, и се разбира од страна на реката која поминува низ клисурата.

05/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 5Во непосредната своја околина клисурата е опкружена претежно со површини под земјоделски култури, меѓу кои доминираат лозови насади, така што самата клисура, иако мала според површината што ја зафаќа, претставува еден вид оаза во која е концентрирано биолошко наследство со огромно значење.

06/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 6

Главен водотек кој поминува низ клисурата и кој во голема мера влијае на тукашниот екосистем е реката Раец, која извира од североисточните падини на планината Дрен. Освен влијанието врз микроклимата, реката е значајна и по тоа што нејзиното корито, вклучително бреговите и крајбрежната (рипариска) вегетација, претставуваат коридор за движење на повеќе животински видови, меѓу кои и Европската видра (Lutra Lutra) која спаѓа во групата на речиси загрозен вид во Европа и Медитеранскиот слив, како и на лилјаците од блиската пештера. Со изградбата на неколкуте мостови преку Раец, овој коридор е неповратно фрагментиран, уништен е голем дел од вегетацијата, а со тоа се нарушува природното движење на овие видови. Азоналната рипариска вегетација покрај како коридор служи и како поддршка на низа еколошки процеси и има значајна улога во метаболизмот на речниот систем, па со нејзиното уништување во фазата на градба, на еден подолг период се неутрализира ова позитивно влијание.

07/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 7Реката Раец има потенцијал да обезбеди погодно живеалиште за Пелагониската пастрмка (Salmo pelagonicus), која претставува ранлив вид со ограничен опсег и е загрозена со воведување на туѓи видови пастрмка. Нејзиното присуство во делот од течението низ Дреновската Клисура не е потврдено, но видот е присутен и е ендемски во сливот на Црна Река (на која реката Раец ѝ е лева притока). Со изведувањето на градежни работи еден дел од отпадните материјали неминовно завршува во реката, а со загадувањето на водата во голема мера се редуцираат поволните услови за равој на овој но и на другите видови риби и останат жив свет во неа.

08/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 8Дреновската Клисура и подрачјето на долината на реката Раец вклучува области кои се сметаат за критично живеалиште на Египетскиот мршојадец  (Neophron percnopterus) кој е загрозен вид во светски рамки. Во Македонија бројот на единки од овој вид, во последните три и пол децении е намален за повеќе од 7 пати. Египетскиот мршојадец е миграциски вид, кој презимува јужно од Сахара, а во нашите подрачја престојува во периодот од февруари и март па се до крајот на август и септември. Се гнезди на карпи, особено онаму каде што заштитените пештери или дупки им овозможуваат широк поглед на околината. Видот е изразито филопатричен, односно единките имаат тенденција секогаш да се враќаат во едно исто подрачје. Карпестите предели на Дреновската Клисура се местата каде овие птици со децении наназад се гнезделе, но од година во година нивниот број е се помал и помал. Трасирањето на новиот експресен пат, градежните активности пропратени со бучава и вибрации, претставуваат сериозна опасност неповратно да се уништи можноста Дреновската Клисура да остане амбиент во кој птиците од овој вид ќе го пронајдат своето летно пребивалиште.

09/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 9

Една од најважните причини заради кои Дреновската Клисура е прогласена за Споменик на природата е присуството на ендемичниот полжав Carinigera drenovoensis. Освен во клисурата и на северната рамнина над неа, овој вид на полжав не е пронајден на ниту едно друго место во светот. Досега е познато дека неговиот ареал на присутност е на површина од околу 120 хектари и е со различна густина на распространување, при што најмногу е застапен во самото дно на клисурата, непосредно покрај патот на карпи и карпести живеалишта свртени кон север. Се смета дека околу 3% од ареалот на негова распространетост ќе бидат неповратно уништени со изградбата на патот, додека неговиот опстанок на овој простор, генерално не е загрозан. Еден дел од популацијата би можел да страда и од наталожување на прав при градежните активности.

10/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 10На северната страна од клисурата, во рамките на карпестите живеалишта постои пештера наречена „Лилјарник“  која е дом на колонија од околу 1000 лилјаци од најмалку 5 различни видови, наведени во анекс II и анекс IV од директивата за живеалишта на ЕУ, со која се регулира степенот на заштита на дивиот свет и природните живеалишта во Европа.

11/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 11Внатрешноста на пештерата „Лилјарник“, од една страна фасцинира со формите и текстурата на нејзиниот ентериер, но од друга страна, остава непријатен впечаток на нарушен мир предизвикан од бучавата што ја создаваат машините што ги  користат работниците на градилиштето. Познато е дека лилјаците може (но не мора) да користат различни живеалишта во летниот и во зимскиот период, односно во сезоната на размножување и во сезоната на хибернација. Во Студијата за биодиверзитет и проценка на критични живеалишта, изготвена пред отпочнувањето на работите за изградба на патот, е наведено дека оваа пештера се користела и во двете сезони, но, во моментов, во оваа пештера нема присуство на лилјаци, што наведува на заклучок дека – или низ годините додека се изведуваат работите на патот тие хибернираат на некоја друга локација или пак целосно емигрирале од пештерата.

12/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 12Растителниот свет во Дреновската Клисура на одредени места ја отсликува фасцинантната адаптибилност на видовите кон средината во која се развиваат. Општо земено, тукашната флора се развива во неколку видови хабитети: шумски, тревести, карпести и водни хабитати. Од сите, карпестиот хабитат се смета за критично живеалиште поради тоа што е амбиент во кој се развива ендемичниот полжав Carinigera drenovoensis, како и многу ретка карпеста вегетација.

13/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 13На варовничките карпи и камењари се развива специфична хазмофитска вегетација. Тоа се растенија кои се развиваат во пукнатините на карпите и како заедница се ретки во поширокиот пејзаж. Белиот седум (Sedum Album) е едно типично хазмофитско растение кое е доста распространето низ светот. За разлика од него, во хазмофитската заедница на Дреновската Клисура има и видови кои се ограничени само на територијата на Македонија, односно се македонски ендемити.

14/15

drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 14Освен со богатството на растителни и животински видови Дреновската Клисура, фасцинира и со специфична амбиентална убавина која неповратно ќе биде нарушена со изградбата на експресниот пат и останатаа крајпатна инфраструктура.

15/15drenovska klisura spomenik na prirodata pod gradezhna opsada 15

Иако според првичните најави и планови изградбата на делницата која минува низ Дреновската Клисура требаше да биде завршена уште во 2020. година, евидентно е дека работите ќе траат уште долго, што може да се заклучи од нередовното извршување на работите и малиот број ангажирани работници на оваа траса. Веќе шест години трае фазата на изградба, која предизвикува најмногу штетни последици по околниот амбиент. Шест години трае оваа своевидна градежна опсада на дреновскиот споменик на природата, а по се изгледа ќе трае уште долго. А со тоа и негативните последици ќе бидат уште поголеми.

 

Оваа содржина е изработена од Институтот за комуникациски студии.

 

Текст и фотографија: Дарко Андоновски