Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
На околу 7 километри североисточно од Охрид, на патот што води кон Ресен, се наоѓа селото Косел. Косел според ништо не се разликува од останатите крајпатни населени места, освен по тоа што, уште пред да се стигне до таблата која го означува влезот во селото, започнува да се чувствува интензивен мирис на сулфур (најчесто опишан како мирис на расипано јајце), кој е препознатлив и за други локалитети во Македонија, онаму кајшто постојат термални бањи. Но, тука изворот на миризбата не е присуството на термални извори, туку е сосема различен и потекнува од еден природен феномен, кој е многу редок во светот, а кој народот го нарекол со едноставно име – Дувало.
Дувало денес е назив на целиот локалитет кој, заради своите геолошки, геоморфолошки и хидролошки специфики во 1979 година, од страна на Општина Охрид е прогласен за природна реткост, со потенцијал, според актуелната законска регулатива, да биде прогласен за споменик на природата. . Се наоѓа на неполни двеста метри од патот Охрид-Ресен, веднаш над самото село Косел. Името го добило по една дупка на површината на земјата, која има неправилна елипсоидна форма со дијаметар од 30 до 50 cm и длабoчина од 30 cm, од која излегува гас со интензивна миризба. Самото струење на гасот кој излегува од дупката дава впечаток како оттаму да дува, па народот на оваа појава и’ го дал соодветното име. Целиот локалитет опфаќа површина од 2,5 хектари од кои на зоната на интензивно дегасирање на почвата отпаѓаат околу 1700 квадратни метри. Како една од карактеристиките е и тоа што, иако околината е обрасната со високостеблеста шума, на самиот локалитет, поради присуството на гасовите, нема вегетација или пак таа се среќава спорадично.
Долги години Дувало било сметано (па дури и прифатено како такво од делови на научната заедница) за „единствениот активен вулкан на Балканот“. Ова се должело пред се’ на присуствуто на гасот H2S, односно сулфурводород, кој, доколку не се работи за области со хидротермална активност, е карактеристичен за ареали во кои се одвиваат вулкански процеси.
Присуството на „кратери“, од кои повеќето претставуваат остатоци од рударска активност во минатото, или пак од бушотини кои се правеле со цел да се испита внатрешноста на почвата, како и повремената емисија на чад од отворите, каква последен пат е забележана во 2014 година при зголемена подземна активност во локалитетот, исто така служеле како поткрепа на „вулканската“ претпоставка. Во прилог на таа теорија оди и тоа што за време на сушните периоди се чувствува посилен мирис на сулфур и се слуша звук на свиркање, додека за време на влажни периоди од внатрешноста на отворите се слуша клокот.
До земјотресот во 2017 година кој го зафати ова подречје, кога всушнот во период од 3 месеци имаше вкупно околу 1000 потреси, на локалитетот постоело само едно дувало, но по земјотресот се појавија нови десетина отвори. При различни метеоролошки прилики, од овие дувала се ослободува гас со различен интензитет, а во одредени периоди неговиот мирис може да се почувствува и на растојание од 4 до 5 километри од локалитетот.
Дувалата се со различна форма и димензии на отворот, како и со различна длабочина. Најмалите се со отвор со дијаметар од околу 20 сантиметри, додека оние поголемите се со отвор со широчина и до 70 – 80 сантиметри.
Внатрешностa на едно од поголемите дувала потсеќа на микро пештера од која, при доближување до отворот се засилува интензитетот на мирисот и не е препорачливо долго време да се вдишува гасот. Инаку, на самиот локалитет, иако на почетокот интензивно се чувствува миризбата на сулфур, за кратко време доаѓа до навикнување на сетилата и непријатното чувство исчезнува. Единствено што останува и после неколку часови е мирисот на облеката. И на рацете, доколку сте ги користеле за подобро да ја истражите внатрешноста на дувалата.
Со истражувања правени во педесетите години на минатиот век, при што се вршени бушотини во земјата заради утврдување на присуство на сулфур, дојдено е до заклучок дека сулфурот во елементарна форма се таложел исклучиво во плитките слоеви и на длабочина не поголема од 4 метри, а како претпоставка за формирањето на елементарен сулфур се земала можната оксидативна реакција на сулфурводородот кој во вид на гас излегува на површината.
На голем дел од локалитетот Дувало постојат неприродни засеци на теренот, за кои се смета дека се последица на експлоатацијата на сулфур во минатото. Имено, овој локалитет бил познат откога постои и населението во овој крај, но бил особено интересен во периодот помеѓу 16 и 19 век, кога тука, за време на Отоманската империја, се вршела експлоатација на сулфур. Сулфурот, кој бил носен најпрвин во тогашен Цариград, а подоцна и во Солун, се користел за производство на барут. Постојат пишани документи кои сведочат дека во тоа време, околу 150 работници од околните села работеле на овој локалитет и годишно, од реонот на Косел, но и од областите на Велгошта, Илино, Рашанец и Скребатно, ископувале во просек по 800 до 1200 кантари сулфур (1 кантар = 56,4 кг). За транспорт биле ангажирани по 300 коњи од Битолскиот, Леринскиот, Прилепскиот и други кадилаци (области во надлежност на еден кадија), а за работата во рудникот на работниците еден дел им се исплаќал во пари, а дел им се задржувал како отплата на џизијата (данокот). Експлоатацијата била прекината во 19 век.
Научните истражувања на феноменот на дувалото започнале некаде на почетокот на 20 век и траат до денес. Со најновите сознанија точно е утврдено дека дегасирањето не е последица на некаква вулканска активност затоа што никаде во оклината не е утврдено присуство на магматски вулкански карпи од блиското геолошко минато, ниту пак постои некое сведоштво за каква било вулканска или поствулканска активност. Воспоставена е теза дека дегасирањето на почвата е последица на активен раседен систем кој се протега на потегот Галичица – Охрид – Струга, кој од своја страна создава услови за интензивна сеизмичка активност на ова подрачје. Создадените пукнатини во горните слоеви на земјината кора овозможуваат гасовите од внатрешноста да избиваат на површината и да се ослободуваат во атмосферата, делумно низ процес на есхалација, а делумно и директно низ отворите, односно дувалата.
Со последните истражувања кои завршија на почетокот на 2022 година утврден е и точниот состав на гасовите, при што е утврдено дека покрај јаглерод диоксид, кој е застапен со 98%, сулфурводород со 0,8% и метан со 0,34% , чие присуство е докажано и претходно, во гасовите се присутни и етан, хелиум, водород, кислород, азот и аргон. Ваквиот состав како и интензитетот на емисија гасовите во микролокациски рамки предизвикува промена на условите за развој на живиот свет, што е особено изразено низ целосното отсуство на каква било вегетација.
Непосредно пред и во самите дувала се забележуваат угинати инсекти што е несомнено последица на ефектот на гасовите. Локалните жители кажуваат дека неретко во непосредна близина на отворите се случувало да има угинати птици или глувци, а во 2017 година, за време на тримесечниот период на интензивни земјотреси во овој реон, често се среќавале и мртви јазовци, кои веројатно поради деструкцијата на подземните канали и продорот на гасовите богати со јаглерод диоксид, угинале заради задушување. Професорот Сима Тројановиќ, кој меѓу првите го истражувал локалитетот Дувало, во 1925 година вршел експерименти со изложување на разни животински видови на гасовите на самиот отвор на дувалото, при што го мерел времето до нивно угинување. Во неговите белешки останало запишано: маче – три минути, чавка – пола минута, шумска желка – деведесет минути, травска жаба 19 минути, гуштер 15 минути, пајак крстач - 18 секунди, пеперутка - 17 секунди...
Вообичаено, како впрочем и во голем број „заштитени подрачја“, нашиот човек е секогаш тука да интервенира во просторот со активности кои со софистициран речник се опишани како „антропогено влијание“, а всушност се последица на еден обичен простотилак и немање чувство и интерес за она што се случува надвор од сопствениот двор.
Во 2010 година, од страна на Општина Охрид, локалитетот беше уреден и ограден, а беа поставени и информативни табли, сè со цел ова место да стане атрактивно за домашни и странски посетители. За жал, како и во многу други случаи, таквата грижа речиси редовно завршува со финиширање на одреден проект, за потоа сето тоа да остане на милост и немилост на времето.
Како сублимат од сите досегашни истражувања професорот Благоја Маркоски, во студијата за локалитетот завршена во 2019 година, го вбројува феноменот на Дувало во категоријата на појави од типот на суви мофети, кои претставуваат пукнатини или отвори во вулканска област од кои се емитираат гасови од типот на јаглерод диоксид, азот, водород, метан и др. Во областите каде има мофети, животните се гушат, па поради тоа се нарекуваат и „долини на смртта“.
Постоењето на ваква појава на терен без рецентна магматска активност, локалитетот Дувало го прави исклучлителна природна реткост во светски рамки. Присуството на гасот H2S во мофети кои се јавуваат во немагматски терени е посебен раритет и е уште една причина што го прави овој локалитет исклучителен и доста невообичаен во науката, така што и локалитетот, и целото подрачје во кое се јавуват сродни појави, има голем потенцијал за понатамошни истражувања.
Дувало може да е интересно и во светски рамки, бидејќи во текот на последните децении, со актуелизирањето на проблемот со глобалното затоплување, во научната заедница постои голем интерес за проценка на флуксот на дегасирање на јаглерод од внатрешноста на Земјата во атмосферата, бидејќи меѓу стакленичките гасови, јаглерод диоксидот и метанот, се доминантни компоненти кои придонесуваат за формирање на ефектот на стаклена градина, а со тоа и за глобалното затоплување.
Текст и фотографија: Дарко Андоновски
Благодарност до др. Марјан Темовски, Институт за нуклеарни истражувања Дебрецен, Унгарија
За да овозможиме добро корисничко искуство на страницата, користиме колачиња. Некои колачиња овозможуваат основно функционирање на веб-страницата, а некои ни даваат преглед на однесувањето на корсниците.
Функционални
Always active
Создавањето и пристапувањето на овие колачиња е потребно за да ја овозможат основната функционалност на страницата. Овие ги овозможуваат основните функционалности и ја одржуваат безбедноста на страната, без да прибираат податоци за вас.
Preferences
The technical storage or access is necessary for the legitimate purpose of storing preferences that are not requested by the subscriber or user.
Статистички
Создавањето и пристапувањето на овие колачиња е потребно за прибирање на статистички податоци и податоци за однесувањето на корисниците на веб-страната.The technical storage or access that is used exclusively for anonymous statistical purposes. Without a subpoena, voluntary compliance on the part of your Internet Service Provider, or additional records from a third party, information stored or retrieved for this purpose alone cannot usually be used to identify you.
Маркетинг
Создавањето и пристапувањето на овие колачиња е потребно за креирање кориснички профили за испраќање реклами или за следење на корисникот на веб-локацијата или на неколку веб-локации за маркетинг цели.