Фобијата од змии може само да ни наштети
Морници, страв и гадливост се главните чувства кај најголем дел од луѓето при помислата на змии, а тие лесно може да прераснат во шок и неконтролирано однесување при случајна средба со овие животни. Вродениот страв од змиите, но и нивното демонизирање од религиите, медиумите и филмската индустрија придонесуваат за појава на колективна фобија од змии односно офидиофобија (оphidiophobia) и во Македонија. Една од главните причини за прекумерниот страв од змиите е недоволната едукација за природата. Незнаењето води кон неразумно убивање на овие животни, што може да предизвика сериозни последици врз еколошкиот сиситем и здравјето на луѓето.
Ладнокрвни предатори
Змијата е безножно животно со долго, со витливо тело прекриено со лушпи кои се ќерамидесто наредени на него. Змиите се предатори-месојади коишто се хранат со глодари, птици, водоземци, влекачи, риби, различни видови безрбетници и инсекти. Поради тоа, во еколошките системи претставуваат главни регулатори на бројот од овие животни.
Змиите ги населуваат сите континенти освен Антартикот и се прилагодиле да живеат во најразлични средини и хабитати. Откако ќе го усмртат својот плен со отров или со стегање, во зависност од видот, тие целосно го голтаат почнувајќи од главата без воопшто да го гризат или џвакаат.
Како и сите влекачи, змиите се ладнокрвни, што значи дека не можат да произведат своја телесна топлина. Затоа, тие зависат од сонцето за да ја регулираат телесната температура.
Со оглед на тоа што нивниот метаболизам не игра улога при терморегулацијата, на змиите за да преживеат не им е потребна онолку енергија колку што им е треба на цицачите и птиците. Ова е голема биолошка предност бидејќи тие не мора да се исхрануваат секојдневно. Змиите ловат еднаш или двапати пати во неделата.
За разлика од луѓето, кај коишто сувиот дел од кожата се отфрла делумно со првутење, кај змиите тоа се случува по целата површина на телото со таканаречено преслекување.
Медена змија
Змиите најчесто се овипарни животни (се размножуваат со полагање на јајца), но има и вивипарни змии (живородни). Во нашата земја живородни змии се планинскиот смок или медената змија, степскиот удав, поскокот, шарката и остроглавата шарка.
Змиите како и останатите влекачи немаат родителска грижа, но забележани се исклучоци. Откако ќе се родат или изнесат младите, тие се оставени сами на себе. Младите змии се хранат со разни инсекти, пајаци и други безрбетници.
Денес се препознаваат повеќе од 20 фамилии змии составени од 520 родови, а познати се околу 3.600 видови во светот.
Во Македонија има 16 видови змии
Во нашата земја има 4 фамилии со вкупно 16 различни видови змии. Фамилијата Црвовидни змии (Typhlopidae) е присутна со еден претставник со истото име. Фамилијата Удави (Boidae) исто така има еден претставник – степскиот удав. Фамилијата Смокови (Colubridae) има 11 претставници: шумски смок, жолт смок, медена змија, белоушка, рибарка, стрелец, леопардов смок, балкански смок, ждрепка, длабочелен смок и мачја змија.
Белоушка
Фамилијата Отровници (Viperidae) има 3 претставници: поскок, шарка и остроглава шарка.
Остроглавата шарка е едниствениот загрозен вид од змиите во Македонија.
Остроглава шарка
Закани за нивниот опстанок се фобијата од змии, индустриското и земјоделското загадување, климатските промени, дивите пожари, нелегалната сеча на шумите, уништување на нивните живеалишта за правење пасишта и транспортната инфраструктура (прегазувањето со превозните средства).
Клучни за рамнотежа во еколошкиот систем
Од страв и незнаење змиите се убиваат некотролирано што придонесува кон нарушување на рамнотежата на еколошкиот систем. Математиката е едноставна, ако се отстранат предаторите од еден еколошки систем ќе дојде до експлозија на популацијата на пленот што го има во тој систем.
Без змиите најмногу и најбрзо ќе се размножат глодарите (стаорци, глувци и друго). Може да се случи ресурсите на системот да се потрошат од огромната популација глодари. Тоа би довело до намалување на имунитетот и здравјето на глодарите, со што се создаваат совршени услови за еволуција на вирусите и бактериите.
Не треба да се заборави дека глодарите можат да пренесуваат опасни зоонози какви што се хантавирусот, лептоспирозата, туларемијата, салмонелозата и други видови бактерии и вируси коишто може да предизвикаат сериозни болести кај луѓето.
За жал, кај нас се’ почести се инфекциите од овие зоонози. Затоа мора да внимаваме и да ги почитуваме змиите и нивната улога бидеќи со нивно масовно уништување лесно може да дојде до загрозување на здравјето на населението.
Автор на текс и фотографии: Андреј Михајлов – Истражувачко друштво на студенти биолози