Гази Баба – урбана шума во центарот на најзагадениот град во Европа
Урбаното зеленило во Скопје веќе една декада драстично се намалува, како последица на зголемената и нерегулирана урбанизација. Зелените површини се заменија со станбени и бизнис објекти, а скопјани се ограничени на само неколку локации каде може да се рекреираат и да уживаат во природата. Урбаната шума Гази Баба е еден од последните зелени острови во градот која најмногу поради својата локација сè уште не станала жртва на претераната урбанизација.
Локалитетот Гази Баба се наоѓа во средиштето на градската урбана средина во близина на скопската населба Железара. Токму поради ваквата местоположба шумата на овој локалитет има посебна вредност.
Како што се наведува во Студијата за природни вредности на Водно и Гази Баба, Парк-шумата на Гази Баба е подигната во средината на минатиот век како рекреативно-парковска зона наменета за спорт и рекреација на граѓаните на Скопје. Пошумувањето започнало по завршувањето на Втората светска војна, благодарение на ентузијазмот на граѓаните преку организирање на работни младински акции. Статусот на парк-шума Гази Баба го добива по земјотресот во 1963 година, при што се опфатени околу 100 хектари земјиште.
За да се спречи уништувањето на парк-шумата Советот на Град Скопје врз основа на Законот за заштита на природните реткости во 1998 година ја преименува во „Специфичен пејзаж”, а подоцна со Законот за заштита на природните реткости (“Сл. весник на СРМ” бр. 41/73), е прогласена за заштитено подрачје од категоријата – карактеристичен пејзаж. Со заштитеното подрачје стопанисува јавното претпријатие Паркови и зеленило.
Според Општината Гази Баба карактеристичниот пејзаж Гази Баба е оформен во педесеттите години на минатиот век со првенствена и единствена намена санитарно-хигиенска заштита од емисиите од поранешната Железарница и нивно спречување да се дисперзираат кон внатрешноста на градот кој тогаш бил со значително помали димензии. Меѓутоа, шумата има и културно-воспитната и туристичко-рекреативната функција.
Примарна вегетација на овој простор е шумската заедница Querco-Carpinetum orientalis macedonicum, меѓутоа денес таа е скоро целосно уништена. На нејзино место се подигнати антропогени насади од поголем број автохтони и алохтони дрвенести видови. Денес, на територијата на Гази Баба може да се сретнат 109 растителни видови, 136 видови на габи и 165 видови од разни групи на фауната.
Според истражувањето Состојбите на природното наследство во Р. Македонија и опасностите од негова деградација, карактеристичниот пејзаж Гази Баба како место за спорт и рекреација може негативно да се одрази врз неговиот биодиверзитет што од друга страна го потврдува фактот дека најголеми закани за неговиот опстанок сепак се од антропогениот карактер.