fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Горна Слатинска – Можност за успешна приказна

Скриени длабоко под површината на македонскиот карстен релјеф, често пати тешко пристапни, а неретко и сосема недостапни без специјална опрема, пештерите и пропастите претставуваат еден од најнедопрените сегменти на македонското природно богатство. Во голема мерка зачувани во својата изворна форма, тие претставуваат вистински трезор кој во себе ги крие тајните на многу процеси кои се одвивале во периодот кој датира уште од времето на раните фази на создавањето на Земјата, па сè до денес. Како некаков природен архив тие во себе чуваат податоци кои ни помагаат да го осознаеме настанокот и еволуцијата на подземните форми во карстот, на хидролошките процеси кои се одвивале или сè уште се одвиваат во карпестите длабочини, ни даваат информации за живиот свет кој внатре се развивал, но и за антропогените влијанија кои во нив се случувале уште од времето на првите луѓе што ги населувале овие простори, па до денес.

Се претпоставува дека во Македонија постојат околу петстотини пештери и пропасти, од кои се истражени или потврдени нешто повеќе од четиристотини. За жал, во нашата држава не постои официјален катастар на овие подземни објекти, така што овие информации се базираат на паушални претпоставки и неофицијални регистри на одделни спелеолошки друштва кои до ваквите податоци дошле, делумно со директно истражување, а делумно со прибирање на информации од други субјекти. И, додека во некои земји државата со значителни финансиски средства го стимулира секој метар новоистражен и документиран подземен простор, кај нас истражувањата на пештерите и пропастите се базираат во најголем дел на ентузијазмот на домашните спелеолози и на спорадични акции на неколкуте спелеолошки друштва. Додека низ светот пештерите се заштитуваат, уредуваат и се спроведува строго регулиран режим на нивна посета, кај нас најголем дел од пештерите зјаат незаштитени и се на удар на несовесни посетители кои, што од незнаење, што поради несовесниот однос, прават директна штета врз богатството што во нив се акумулирало низ десетици илјади години во минатото.

Но, постојат и позитивни примери во кои, како последица на соработката помеѓу спелеолошките друштва и државните институции, дел од пештерите се ставени под директна законска заштита, со што е спречено нивното понатамошно уништување. Еден од таквите примери е пештерата Горна Слатинска, која како дел од Заштитеното подрачје „Слатински Извор“ е пример за тоа како во иднина треба да се однесуваме кон овој сегмент на геолошкото наследство на Македонија.

01/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 1

Пештерата Горна Слатинска се наоѓа во Поречкиот Басен, во атарот на селото Слатина, на територијата на општина Македонски Брод. Поречкиот Басен заедно со масивот на Јакупица претставуваат подрачјe во коe е концентриран најголем број од пештерите и пропастите во Македонија. Меѓу нив, и најдлабоката – Словачка Јама (650м) и најдолгата – Слатински Извор (3942 м). Горна Слатинска уште во 1953 година е прогласена за Споменик на природата од страна на тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата. Денес, со законско решение од 2011 година, е една од петте пештери кои влегуваат во состав на Споменикот на природата „Слатински Извор“,  кој се простира на територија од 414 хектари. Од 2012 година, со ова заштитено подрачје управува Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје.

02/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 2

Пештерата е врежана во внатрешноста на карпи од доломитски мермер создадени во периодот на прекамбриумот, односно најстариот период од геолошкиот развој на Земјата, кој датира уште од самиот почеток на нејзиното создавање пред околу 4,5 милијарди години, па се’ до пред околу 542 милиони години. Според својата форма таа спаѓа во редот на тунелски пештери од разгранет тип, со влезни отвори на двата краја од тунелот, што ја прави единствена ваква пештера во Македонија. Едниот влез се наоѓа на 591 метар надморска висина, а другиот на 579 метри.

03/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 3

Со преземањето на обврската за управување со пештерата од страна на Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“, спроведени се одредени мерки со кои е уреден пристапот до пештерата, поставени се информативни табли (кои за жал нередовно се обновуваат), уредена е пристапна патека, а на самиот влез се поставени држачи со кои е олеснет пристапот до внатрешноста. Со минимални зафати пештерата е адаптирана за алтернативен пештерски туризам, при што максимално е зачуван нејзиниот природен амбиент.

04/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 4

Внатрешноста на пештерата го открива целиот раскош на содржини и форми какви што само природата, низ еден повеќемилениумски процес, можела да создаде. Иако најголемиот дел од пештерата претставува тунел, на одредени делови тој се проширува во облик на пештерски сали. Главниот пештерски канал има правец на протегање исток-североисток-југ. На четири места кон него се надоврзуваат помали пештерски канали, од кои два се на пониско пештерско ниво. Вкупната должина на пештерските канали е 336 метри.

05/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 5

Внатрешноста на пештерата е обликувана под влијание на неколку процеси. Самиот простор на пештерата иницијално е создаден со навлегување на вода во пукнатините на карпите. Овие пукнатини подоцна под дејство на водата се прошириле и добиле форма на речно корито низ кое некогаш течела подземна река. Реката, со својот ерозивен потенцијал, со тек на времето обликувала микрорелјефни форми во карпите од варовнички мермер, кои денес ги сочинуваат основните контури на просторот на пештерата. Дополнително, во вака оформениот простор се одвивале и процеси на седиментација на речен материјал но и на формирање пештерски украси создадени со капење на води богати со калциум бикарбонат и други минерали, што взаемно, како краен резултат, го создале сегашниот амбиент на пештерата. Денес реката е сосема повлечена но постои јасно издиференцирано фосилно речно корито како недвосмислен доказ за постоењето на овој некогашен подземен водотек.

06/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 6

Се смета дека формирањето на пештерата Горна Слатинска временски се совпаѓа со периодот Вирм, кој претставува последен глацијален период од геолошкиот развој на нашата планета, односно најмладиот период од последното ледено доба на Земјата. Периодот Вирм на хронолошката скала на развојот на земјината топка е сместен во временска отсечка која започнува пред 115.000 години, а завршува пред 11.700 години, што значи дека и периодот на формирање на пештерата може да се смести во тој временски интервал.

07/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 7

Формирањето на пештеските „украси“ започнало со проширувањето на коритото на подземната река и спуштањето на нивото на водата, со што се создале услови за таложење на калциум карбонатот кој потекнува од водите што циркулираат низ порите на карстот и избиваат на површината од таванот и пештерските ѕидови. Во зависност од минералниот состав на овие води, присуството на други материи, па дури и од карактерот на вегетацијата на површината на теренот, варира и бојата на украсите.

08/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 8

Од пештерските украси, во Горна Слатинска се застапени сталактитите, кои се формираат од таванот кон дното, сталагмитите, кои се формираат во обратна насока и пештерските столбови, кои се создаваат со спојување на првите два типа. Покрај нив во пештерата во голема мера се застапени таканаречени сливови, кои претставуваат талози на калциум карбонат што се формираат по ѕидовите од пештерата, како и мал број травертински басени кои претставуваат мали кади од наталожен травертин кои при врнежливи денови се исполнуваат со вода.

09/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 9

Сите овие украси во голема мера го намалуваат волуменот на пештерата, ги стеснуваат каналите и го отежнуваат движењето низ нив.  Низ целата своја должина главниот канал е со височина помеѓу 0.8 и 4 метри, а неговата широчина се движи помеѓу 1 и 3 метри. Движењето во такви услови е прилично тешко, најчесто е со неправилна положба на телото, а во голем дел од пештерата движењето е возможно единствено во легната или полулегната положба. Инаку, главниот канал на неколку места е пресечен со други, помали пештерски канали, а најдолгиот од нив е со должина од 53 метри.

10/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 10

За да се создаде еден пештерски украс од типот на сталактит или сталагмит потрбно е многу време. Брзината на формирањето на овие пештерски скулптури зависи од повеќе фактори, но пред сè од брзината на дотек на водата од внатрешноста на карпите и од концентрацијата на растворен калциум бикарбонат во неа. Врз брзината на овој процес веројатно улога играат и некои други фактори, меѓу кои и оние, амбиентални, поврзани со брзината на евапорација на водата. Брзината на создавањето на пештерските украси во Горна Слатинска не е точно утврденa, но тој процес е секако многу бавен. Во светски рамки, мерењата покажуваат различни брзини на раст на пештерските украси, па така, за еден пештерски сталактит или сталагмит да „израсне“ за еден сантиметар понекогаш е потребно да поминат 100, а понекогаш и 1 000 години.

11/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 11

За разлика од процесот на создавање, „процесот“ на нивно уништување трае многу кратко и неговата брзина е правопропорционална на дефицитот на свест за вредноста на ова богатсво што природата го создавала низ милениуми. За ненамерно да се уништи еден пештерски украс доволно е само едно погрешно движење, една секунда невнимание. За нивно намерно кршење пак, што очигледно било пракса низ годините наназад, потребно е на таа една секунда да и претходи и децениски „труд“ во правец на погрешно воспитување и негување погрешни вредности. За жал, во Горна Слатинска постојат премногу уништени пештерски украси од кои голем дел не се уништени случајно, а тоа може да се заклучи од нивната позиционираност во просторот при што е несомнено дека некој морал да вложи труд за да ги досегне.

12/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 12

Покрај уништувањето на украсите голема штета се прави и со испишување на графити по ѕидовите, како и со фрлање на разни отпадоци. Особено е штетно палењето огнови и правењето преголема бучава, со што се вознемирува животинскиот свет кој егзистира во пештерите.

13/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 13

Низ целата должина на пештерата можат да се сретнат некои животински видови кои се карактеристични за надворешниот простор. Такви се полжавите од фамилијата Zontidae, мокрици (Isopoda), како и комарци од фамилиите Culicidae I Limoniidae. Од поважните видови поврзани со пештерата се регистрирани некои стоногалки (Lithobius sp.),  два вида лилјаци – мал потковичар (Rhinolophus Hipposideros) и голем потковичар (Rhinolophus Ferrumequinum) кои се присутни преку цела година, како и обичен полв (Glis Glis) чие присуство е регистрирано на влезниот дел.

14/14

gorna slatinska moznost za uspesna prikazna 14

Пештерата Горна Слатинска е позитивен пример како треба да се управува со спелеолошките објекти во Македонија. Со нејзина контролирана експлоатација, а како дел од Споменикот на природата „Слатински Извор“, намената на оваа пештера може да биде научно-истражувачка, студиско-демонстративна, образовно-воспитна, рекреативна и стопанска. Со преземените мерки за нејзина заштита, покрај уредувањето на информативната и пристапната инфраструктура извршено е и обезбедување на двата нејзини влеза со поставување решетки, со што влегувањето на посетители во нејзината внатрешност е контролирано и организирано.  Со тоа е оневозможено понатамошното уништување на нејзиниот ентериер, а дополнително, се врши и заштита на лилјаците кои живеат во пештерата. Вакви мерки се преземени и во останатите четири пештери од ова заштитено подрачје, но и во некои други значајни пештери во Поречјето.

Соработката помеѓу државата и спелеолошките друштва и во иднина би требало да биде императив за институциите задолжени за грижа за природното наследство на Република Македонија, за да не се дозволи понатамошно уништување на богатство создавано со милениуми.

 

Содржината е изработена од Институтот за комуникациски студии.

Фотографија и текст: Дарко Андоновски


Користена литература:

  • „Подземни  карстни  форми  во  Поречкиот  Басен  и  нивна валоризација за потребите на просторното планирање“, магистерски труд, Скопје, 2008 – Петреска, Б.
  • „Студија за валоризација на геоморфолошки и спелеолошки вредности на споменикот на природа ‘Слатински Извор’“, Истражувачко Друштво „Урсус спелеос“  Скопје.
  •  „Влијанието на подземните текови врз формирањето на пештерски микрорељефни форми – на пример на Горна Слатинска“, Билјана Гичевски.
  • „Најголемите пештери во Македонија“, Др. Марјан Темовски
  • „Stalactite growth as a free-boundary problem“, Martin B. Short, Department of Physics, University of Arizona, Tucson, Arizona 85721, James C. Baygents Department of Chemical and Environmental Engineering and Program in Applied Mathematics,University of Arizona, Tucson, Arizona 85721, Raymond E. Goldsteina_Department of Physics, Program in Applied Mathematics, and B105 Institute, University of Arizona, Tucson, Arizona 85721