Катлановски предел – конгломерат на природа и историја
На само 25 км од центарот на Скопје, покрај автопатот Е 75 се наоѓа Катлановскиот предел. Под Катлановски предел се подразбира долното течение на Пчиња, Бадарската Клисура, Катлановскиот Рид и Катлановската Бања. По своите хидролошки особини Пчиња е река која со себе носи голема количина на песочен материјал и често ги поплавува бреговите во долниот тек во Катланово. Поради тоа луѓето овде со години црпат песок. Старите песочни сепарации, сега наполнети со вода претставуваат центар на локалниот биодиверзитет каде живеат голем број риби, водоземци, влечуги, птици и инсекти.
Со Секторската студија за заштита на природното наследство (1999г.) изготвена за потребите на Просторниот План на РМ (2004г.), Катлановскиот предел е евидентиран како заштитено подрачје од III категорија, односно претставува споменик на природата. На меѓународно ниво Катлановскиот предел е идентификуван како значајно растително станиште (2004г.).
Фауната во овој предел е богата и има 190 видови што живеат во Катланово и околината. Од нив, 91 вид се наоѓаат на национална или меѓународни листи на заштитени видови и тоа: од пеперутките се регистрирани 71 вид од кои 12 вида се со статус на загрозеност; од вилинските кончиња, регистрирани се 13 видови од кои 3 видови со заштитарски статус при што еден вид е во категоријата ранлив (според Меѓународната заедница за заштита на природата).
Од рибите се познати 15 видови , а само еден вид е со статус на загрозеност. Од водоземците и влечугите за просторот се потврдени 17 видови од кои сите се со заштитарски статус. Од 61 вид на птици потврдени за истражуваниот предел, 48 видови се со статус на загрозеност на национално или меѓународно ниво. Од цицачите се потврдени 13 видови од кои 12 видови се со заштитарски статус на национално или меѓународно ниво.
Најголем проблем на централните локалитети од ова подрачје се големиот број на мали диви депонии во и околу низата на езерца. Освен тоа, постоечките сепарации за песок иако работат со дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање сепак негативно влијаат на состојбата на подрачјето.
Со новите промени на Мрежата за заштитени подрачја во Македонија, Катлановскиот предел како подрачје ќе се намали и ќе го промени своето име во Долна Пчиња. Ова е резултат на тоа што големи делови од подрачјето се урбанизирани или ги загубиле природните вредности.
Брегот на Пчиња
Едно од неколкуте езерца
Мала ,,џунгла,, близу Скопје
Пчиња и околните езерца се полни со риба
Летна вегетација во Катланово
Знак со слабо делување
Една од неколкуте мали диви депонии
Вилинско коњче
Вилинско коњче
Вилинско коњче