fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
c9bc14af 78fd 4576 cbd5 483933338ba 1

Куклица – зошто треба да внимаваме со геолошкото наследство

Земјените кукли во Куклица е еден од најважните геолошки локалитети во Македонија. Иако е под законска заштита и управуван од општината сепак е под постојан притисок за уништување од немарните туристи како и неправилните начини за негова конзервација.

Земјаните пирамиди или т.н. „камени кукли“ во с. Долна Куклица се најмаркантна појава на земјани столбови-пирамиди во Република Македонија. Станува збор за околу 150 поединечни форми, „кукли“ изградени во вулкански карпи и високи од 4 до 10 m. Настанати се со дождовна ерозија и распаѓање на карпите, при што поцврстите карпести партии или делови заштитени со цврст блок, постепено останале да се извишуваат во релјефот како нееродирани изданоци. Со изгледот на „куклите“ и нивниот постанок се поврзани неколку локални преданија, а појавата од месното население се нарекува „Весела свадба“.

Првите детални истражување за овој локалитет ги дава проф. д-р Ивица Милевски во периодот 1995-1998 година, а резултатите се презентирани во трудот „Земјени пирамиди во Куклица-Кратовско“ во 2000-та година.

Согласно Законот за заштита на природата локалитетот Куклица во 2008 година е прогласен за заштитено подрачје од трета категорија – споменик на природата. Ова се должи поради тоа што претставува комплекс од зачувани гео-форми и е своевиден геоморфолошки споменик на природата со исклучително образовно, туристичко и културно значење. Управувач на локалитетот е општината Кратово, а сите активности за заштита и управување на локалитетот го врши со помош на неколку локални невладини организиции.

Околу потеклото и најмногу околу староста на Куклица може да се сретнат многу погрешни информации. Според пресметките на проф. Милевски, констатираната старост на формите, не е поголема од 20.000 години. Според тоа, погрешни и произволни се информациите дека тие се стари 10 милиони години.

До локалитетот Куклица се пристигнува по стар, тесен и често необезбеден пат, кој минува многу близу до локалните населби. Самиот локалитет е делумно ограден, а на самиот влез се наоѓа и мал паркинг посветен на посетителите. Низ локалитетот има поставена дрвена инфрастуктура и табли, кои за жал не даваат објаснување за самиот начин на формирање на куклите што е многу важно за едукација на посетителите.

Сепак најголем дел од просторот за посетители завзема новоизградениот инфо центар, финансиран од Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја на УНДП и Европската Комисија. Со неговиот габарит и катност, центарот буквално го засенува локалитетот. За време на сезоната е ретко отворен и никако не ја врши активно својата улога. Околу неправилно поставената патека низ која посетителите треба да се движат не постои физичка ограда што би ги спречило посетителите да движат по самите кукли.

Создавањето на камените кукли и промената на нивната форма се одвива и денес, а процесот е доста осетлив на какви било човечки влијанија во овој дел. Пресметки покажуваат дека групата на Кукли наречени „Весела свадба“, ќе егзистираат уште неколку векови (500-700 години). Секое преземање на несоодветни зафати и активности, овој период ќе го скрати двојно или тројно. Воедно, мора да се води контрола за движењето на луѓето по локалитетот, затоа што поминување на повеќе од стотина посетители по наклонет терен составен од туф, го интензивира распаѓањето на површинскиот слој на карпи, го намалува впивањето на врнежите, а се засилува ерозијата и натрупувањето на еродираниот материјал.

Иако во Законот за заштита на Куклица е наведено присуство на чуварска служба која би внимавала на локалитетот, тоа не е остварено на терен.

Куклица е релативно познат локалитет и бренд на овој дел на државата и за негова заштита е потребен посериозен и понаучен пристап. Евидентно е дека и покрај вложувањата за негова промоција, се заборава на потребата и за негова конзервација.

Литература:

https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2016/12/STUDIJA_PRIRODA.pdf

https://www.sobranie.mk/wbstorage/files/18predlog-22-d2.pdf

https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/09/Zakon%20za%20proglasuvanje%20na%20lokalitetot%20Kuklica%20za%20spomenik%20na%20prirodata%201.08.2008.pdf

https://www.igeografija.mk/Portal/?p=6851

https://www.igeografija.mk/Portal/?p=356

https://www.northeasterntourism.eu.mk/index.php/what-s-new

https://netpress.com.mk/info-centar-za-promocija-na-fascinantniot-lokalitet-kuklica/?utm_source=daily.mk&utm_medium=daily.mk

Сподели