Македонија ја губи почвата поради ерозија
Под ерозија на почвата се подразбираат процесите на одвојување на почвените материи од севкупната почвена маса и нивен транспорт со ерозивните агенси (вода, ветер). Во поширока смисла, под ерозија се подразбираат сите процеси кои вршат промени на површинскиот слој на земјината кора кои настануваат под дејство на егзогените сили на Земјата т.е. Сонцето, водата и ветерот. Преку уништување на почвата при ерозија, се уништуваат и хабитатите, а со тоа и се намалува биодиверзитетот.
Македонија со просечни годишни губитоци на почва од 6,9 t/ha и просечна годишна продукција на ерозивен материјал од 17.000.000 m3 е на осмо место според интензитет на ерозијата во Европа, зад Албанија (18,7), Црна Гора (12,5), Швајцарија, Италија, Португалија, Грција и Словенија. Исто така, во Македонија многу е висок процентот на угари и необработени ораници. Тие се потенцијални жаришта на ерозија, како причина за осиромашување и деградирање на почвените слоеви. Денес со ерозивни процеси се зафатени 20.260 km2 или 80 % од територијата на државата. Во таа смисла, Македонија е една од најзагрозените области од ерозија на Балканот. Постои проценка дека 37% од нејзината територија се изложени на ексцесивна, силна и средна ерозија. Почвите образувани директно со ерозија, заедно со посилно еродираните почви, покриваат 27 % од територијата на Македонија.
Деградација и заштита на почвите
Значаен проблем кај почвите е нивното загадување. Најчести причинители за оштетување и загрозување на почвите се: ерозијата, загадените отпадни води таложењето тешки метали од воздухот, нерационалното користење на хемиските средства во земјоделството, површинските копови на јаглен и минерални суровини, сообраќајниците, депониите, непланското ширење на урбаните, руралните и викенд-населбите, добиточните фарми со несоодветна изградба на помошни објекти, инфраструктурните системи и др.
Средствата за заштита на растенијата од болести и инсекти, што во денешно време се користат за интензивирање на земјоделското производство, а во кои спаѓаат пестицидите и вештачките ѓубрива, исто така, се загадувачи на почвата. Дури 10 % од пестицидите и вештачките ѓубрива редовно се слеваат од земјоделските површини и се инфилтрираат во подземјето, со што директно го загадуваат земјиштето и водите. Почвите во речните долини се подложни на загадување со отпадна индустриска вода. Како значајни загадувачи на почвата кај нас се и градежниот шут, јаловиштата од рудниците, особено окната за јаглен, олово и цинк и бакар. Најочигледен пример за тоа е рудникот за лигнит кај Суводол во Пелагонија.
Почвите се национално богатство и затоа нивната заштита е од првостепено значење. Заштитата на почвите претставува спроведување на комплекс од агротехнички, мелиоративни и противерозивни мерки со цел да се зачува почвениот покривач и да се одржува и подобрува почвената плодност. Депониите може да се рекултивираат, при што, особено значење има нивното пошумување. Воедно, големи површини на продуктивни почви неповратно се губат под разни градби, акумулациони езера и сл. При ваквите активности треба да се почитува принципот, најпродуктивните почви да бидат сочувани за растително производство, додека оние помалку продуктивни или кои не може да се мелиорираат, да се користат за градски и секакви други инфраструктурни објекти.
Заштита на почвата од ерозија
Ерозијата на почвата е најтежок облик на деградација на почвата. Водата или ветерот се двата основни причинители на ерозијата, но човекот со неправилното користење на почвата може да ја предизвика и забрза ерозијата. Водената ерозија е најчеста во ридско-планинските реони каде постои нагиб и каде е изразен дождовниот период. Почвата покриена со густи и бујни растенија многу добро е заштитена од ерозија предизвикана од ветерот. Во ерозивните подрачја каде што нема повисока вегетација се препорачува подигнување и одржување на заштитни шумски појаси, со тоа што се садат 3-6 реда дрва во комбинација со грмушки.
Сите земјоделски активности, вклучувајќи го и сеењето или садењето, треба да се изведуваат попреку, на наклонот на теренот. Во полиња каде наклонот не е поголем од 10 степени, обработката и сеидбата треба да бидат попреку на правецот на ветерот кој преовладува, така што гребените после орањето и редовите од растенијата ја ублажуваат ерозијата. Лесно песокливите почви во сушни реони кои се јако подложни на ерозија, најдобро е да се засадат со трева и да се користат како ливади и пасишта, за постојано да бидат под вегетација, без обработка на почвата.
Во заштитата на почвите особено внимание треба да се посвети на мерките со кои се спречува или се забавува ерозијата, бидејќи штетата од ерозијата е повеќекратна. Од мерките за заштита на почвата од ерозија значајни се: употребата на хербициди, наводнувањето и мулчирањето. Наводнувањето со вештачки дожд е многу ефикасна мерка за заштита, бидејќи водата ги врзува честичките на почвата и го спречува носењето од ветерот. Преземањето мерки и спречувањето на ерозијата претставува преземање на цел систем од шумско-мелиоративни, агротехнички, хидротехнички и други специјални мерки како подигнување на шумско-заштитни појаси, пошумување на коритата на доловите, садење трева на стрмните терени, подигнување брани, орање по изохипси, сеење на културите во форма на пантлики, длабока обработка на почвата и друго.
Автор: Бојана Алексова – Претседател на Истражувачко здружение на студенти географи „Природник“
Биографија: ResearchGate & LinkedIn