Маркови Кули – уникатен спој на геолошко, биолошко и културно наследство
Споменикот на природата „Маркови Кули“ претставува една од најуникатните точки на геолошката мапа на Македонија, на која како ретко каде на друго место се испреплетени геолошкото, биолошкото и културното наследство на нашата земја. Подрачјето претставува редок природен феномен во кој на еден мал простор, богат со уникатни релјефни форми и оплеменет со изразен биодиверзитет, се оформил пејсаж во кој егзистира милениумска интеракција помеѓу луѓето и природната средина, при што се создал уникатен спој на природни и културни содржини.
Од научен аспект, подрачјето е значајно, пред сè, поради своите геолошки вредности изразени низ разноликоста на геоморфолошките облици создавани низ долгата геолошка историја со денудациски процеси во гранитоидните карпи. Притоа, токму бројноста и разновидноста на формите кои му даваат уникатна вредност на ова подрачје биле причина Собранието на Република Македонија во 2006 година да го (ре)прогласи локалитетот „Маркови Кули“ за споменик на природата, со кој управува Институтот за старословенска култура од Прилеп. „Маркови Кули“ се наоѓа и на привремената листа на светското наследство на УНЕСКО од 2004 година.
01/18
Споменикот на природата „Маркови Кули“ е лоциран во централниот дел на Македонија, по должината на североисточниот раб на Пелагониската Котлина. Иако називот на заштитеното подрачје асоцира на истоимениот и препознатлив рид кој се издига непосредно над градот Прилеп, целото подрачје зафаќа една многу поголема површина од 3.648 хектари која се простира северно од градот.
02/18
Релјефно, подрачјето претставува дел од низок планински огранок на планината Бабуна, кој е морфолошки јасно ограничен со долината на Стара Река на север, Прилепска Река на југ и Прилепско Поле на запад и југозапад. Составен е од неколку импозантни грамади коишто се поврзани во две паралелни низи, чија што височина се зголемува од југ кон север (западна и источна низа). Двете низи помеѓу себе се раздвоени со долината на Дабничка Река, а во своите северни делови се поврзани со највисоките врвови на овој простор, Златоврв (1.422 м) и Липа (1.392 м).
03/18
Гледано од аспект на геолошката хронологија, споменикот на природата „Маркови Кули“ пртставува еден исклучително важен микрорегион кој открива детали за геолошкиот развој на едно пошироко подрачје на Балканскиот полуостров уште од формирањето на најстарите карпи па до денес. Во длабоките слоеви на локалитетот се констатирани гнајсеви чија што старост се проценува на 800 милиони години, кои подоцна се пробиени со помлади магматити (гранодиорит-адамелити) чија што старост е оценета на околу 300 милиони години. Токму во овие гранитоидни карпи се создале фасцинантните форми кои ја детерминираат денешната исклучително атрактивна морфопластика на ова наше заштитено подрачје.
04/18
Основната природна вредност и уникатност на овој локалитет произлегува токму од богатството и разновидноста на геоморфолошки облици создадени низ геолошката историја низ процесите на денудација, односно еродирање на карпите под дејство на вода, ветер, мраз и биолошки влијанија. Диверзитетот на форми, пак, е директна последица на хетерогениот минеролошки состав на карпите и различната отпорност на надворешни влијанија што овозможило одвивање како на подземна, така и на површинска селективна ерозија.
05/18
Релјефниот диверзитет на „Маркови Кули“ се огледа низ присутвото на речиси сите форми кои се опишани во светската литература, а се јавуваат на гранитни терени. Најголеми меѓу овие форми се грамадите кои претставуваат карактеристични, релативно изолирани карпести ридови со стрмни страни, кои нагло се издигаат од зарамнет или благо наклонет терен. Десетина вакви грамади со пречник помеѓу 1 и 3 километри и топографска истакнатост помеѓу 200 и 500 метри, распоредени во две низи со меридијански правец на простирање, ја детерминираат основната структура на теренот.
06/18
Помали денудациски форми се стоговите, кои претставуваат карпести возвишенија кои нагло, во вид на остенци, се издигаат од околниот терен. Обично имаат пречник од 20 до 30 метри и височина која ретко надминува 15 метри. Формата им е условена главно од системот на доминантни пукнатини кои ги ги разграничуваат помалите структурни делови на стогот. Во зависност од формата, на овој простор може да се издвојат неколку видови на стогови и тоа: запчести, куполести, ламеларни, кулести и др.
07/18
Исклучително атрактивен дел од амбиентот на ова подрачје се гранитните блокови кои претставуваат самостојни, делумно заоблени карпи, слабо поврзани или воопшто неповрзани со матичната карпа во подножјето, и со пречник обично поголем од 1 метар. Се јавуваат изолирано или во групи, на зарамнет или наклонет терен, а често се „расфрлани“ по страните на самите грамади. Она што ги разликува од стоговите е воглавно нивната слаба поврзаност или неповрзаност со матичната карпеста основа и отсуството на големи примарни пукнатини.
08/18
Остенците, како особено изразена денудациска појава во областа, имаат височина и до 25 м Според изгледот може да се поделат на: плочести, главичести, печуркасти, столбести и запчести. За особено впечатлив се смета остенокот меѓу населението познат како слон или штрк, во јужното подножје на ридот Маркови Кули.
09/18
Покрај грамадите, стоговите, блоковите и остенците, кои претставуваат примарни денудациски форми, не помалку значајни за атрактивноста на амбиетот се и секундарните микрорелјефни форми претставени со вдлабнатини во карпите – каменици, тафони и подмоли. Камениците (литотелми), се јавуваат на оголените гранитни површини со приближно хоризонтална поставеност, а претставуваат вдлабнатини со кружен, елиптичен или неправилен облик, и дијаметар помеѓу 0,2 и 3 метри, Природните каменици се создаваат на благо наведнати или на хоризонтални површини каде што постојат услови за подолго задржување на атмосферската вода.
10/18
Тафоните се вдлабнатини кои се јавуваат на вертикални страни на гранитоидните карпи. Обично имаат лаковиден до сферичен изглед, со пречник од 10 до 30 сантиметри и се јавуваат во групи од неколку до десетина тафони. Се среќаваат многу често, особено на стоговите и поголемите блокови.
11/18
Подмоли се карактеристични конкавно вовлечени страни во подножјето на карпите со селективна ерозија во фазата на ексхумација на карпата, односно нејзиното појавување на површината на земјата, при што карпата е изложена на дејство на површинските води, но и на механичко, хемиско и биогено влијание.
12/18
Покрај влијанието на природните сили кои низ милиони години го обликуваат релјефот на подрачјето на локалитетот „Маркови Кули“, голема улога врз општиот амбиент одиграло и антропогеното влијание. Присуството на човекот на просторот на споменикот на природата „Маркови Кули” е потврдено скоро во континуитет од периодот на доцниот енеолит (бакарно доба – 4.200 до 2.000 години п.н.е.) па сè до денес. Денес, во рамките на подрачјето постојат повеќе споменици на културата и преку 40 археолошки локалитети.
13/18
Најстарите траги од користењето на овој простор од страна на човекот се поврзуваат со остатоците од доцно енеолитска населба лоцирана на ридот Маркови Кули, поточно врз долните падини од возвишението Чардак, потврдена со остатоци од станбени објекти и типични за ова време наоди од садова керамика. Еден ваков објект постои на југоисточната страна на ридот, на чиј ѕид се наоѓаат цртежи на разни животни и луѓе, меѓу кои елени, коњи со јавачи или без нив, човек со стрела, птици и сл.
14/18
На територијата на споменикот на природата „Маркови Кули“ се пронајдени остатоци и артефакти кои сведочат за присуство на човекот во сите историски периоди, од енеолитот, преку бронзеното и железното време, хелинистичкиот, римскиот и византискиот период, преку средниот век и отоманскиот период, при што најголемиот културно-цивилизациски подем се поврзува со периодот на XIII и XIV век, кога на овој простор егзистира доцносредновековниот град Прилеп, еден од најзначјните воени, политички, културни и економски средишта на Балканскиот Полуостров.
15/18
Особено значаен сегмент од културното наследство на споменикот на природата се локалитетите со недвижно културно наследство, како што се тврдината Маркови Кули, како и средновековните цркви и манастирски комплекси, од кои се издвојуваат манастирот „Св. Архангел Михаил“ и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Трескавец, кои претставуваат едни од најзначајните православни христијански храмови, како и некрополите од класичниот и хеленистичкиот период па се до раното турско средновековие.
16/18
Освен со геолошките и културно-историските вредности локалитетот се карактеризира и со исклучителни биолошки особености. На меѓународно ниво СП „Маркови Кули“ во 2004 година е идентификуван како едно од 42-те значајни растителни станишта (IPA) во Република Македонија. Фауната на ‘рбетниците на ова подрачје е претставена со вкупно 151 видови, од кои 8 водоземци, 15 влечуги, 96 видови на птици и 32 видови цицачи.
17/18
„Маркови Кули“ е популарна дестинација за жителите на Прилеп и околината, но и на бројни посетители од останатите делови на земјата. За жал, дел од нив несовесно се однесуваат кон ова наше природно и културно богатство, па честа е појавата на фрлање отпадоци, испишување графити или оштетување на артефактите, но и на урбаната опрема поставена со цел за попријатен престој во локалитетот.
18/18
За жал, пожарите кои оваа година ја пустошат Македонија не го заобиколија ниту ова наше заштитено подрачје, при што на голема површина од повеќе десетици хектари е уништена тревна и нискостеблеста вегетација што ќе има долгорочни или трајни последици врз тукашниот биодиверзитет.
Извори:
Маркови Кули – извонредно значаен геоморфолошки локалитет во Република Македониа – Ивица Милевски, Марјан Темовски
План за управување со споменикот на природата “Маркови Кули” 2020-2024 – Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп
Извештај за стратегиска оцена на животната средина за план за управување со споменикот на природата Маркови Кули (2020-2030) – ДЕКОНС ЕМА (Менка Спировска, Трајче Митев, Јулијана Никова)
Објекти за живеење од времето на енеолитот од прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово – Александар Миткоски
Закон за прогласување на локалитетот „Маркови Кули“ за споменик на природата
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фотографии: Дарко Андоновски