Природното богатство на село Жировница – Таировска река
Во рамки на најголемиот од трите национални паркови, Националниот парк Маврово, се наоѓа селото Жировница, сместено во прегратките на планината Дешат и Кораб и под будно око на планината Бистра. Селото Жировница воедно е и најсеверното село во областа Долна Река (41°40′27″N 20°35′8″E ) и се наоѓа на надморска височина од 912 метри. Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.608 жители (Македонци, Албанци, Бошњаци и др.).
Селото и неговата околина се препознатливи по природните убавини на сливот на реката Жировница, која се формира од водите на Валавичарска река и Таировска река, која луѓето од селото Жировница уште ја нарекуваат и Оџовска река. Скоро целиот слив е пошумен со дабова и букова шума, а над горната шумска граница до највисоките врвови се протега зона на високопланински пасишта. Исто така, низ живописниот пејзаж може да се забележат и многубројни кањони и водопади.
Акцентот на оваа фото сторија е ставен врз значењето на Таировска река, која е еден од главните извори за пиење на вода на жителите на селото Жировница. За жал, според населението, по течението на Таировска река, во иднина е планирана изградба на 2 мали хидроцентрали со што ќе се уништи дел од природата во Националниот парк.
Погледнете ја фото сторијата и проценете сами дали вреди?
Да ги зачуваме реките и синото срце на Европа !
Подготвил:
Александар Стојаноски од Истражувачкото здружение на студенти географи “Природник” – EGEA Skopje
Анес Ахмети – месна заедница село Жировница