fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Risot ne e edinstveniot pod zakana od isceznuvanje featured

Рисот не е единствениот под закана од исчезнување

Македонија изобилува со богат растителен и животински свет, а биолошката разновидност се карактеризира со голем број ендемични видови, коишто  би требало да имаат непроценливо значење за една земја. Спротивно на тоа, во нашата држава многу малку важност му се придава на ова природно богатство и не се вложува во нови истражувања за состојбата на флората и фауната. Најдобар показател за тоа е бавното ажурирање на Националната црвена листа, којашто би требала да биде водилка при подготовката на мерки и активности за следење и спас на животните и растенијата чијшто опстанок е загрозен поради различни фактори.

Загрозено богатство

И покрај фактот што диверзитетот на флората и фауната сѐ уште не е целосно проучен, расположливите сознанија откриваат огромно богатство во Македонија. Имено, според податоците од последната публикација за статистиката на животната средина од Државниот завод за статистика во земјава има 23.019 таксони (категорија од кој било ранг, којашто ги опфаќа сите подредени категории). Од нив 2.095 се видови алги, 2.000 видови габи, 450 вида лишаи, 3.200 васкуларни растенија и 500 видови мовови, 13.379 безрбетни животни и 555 вида `рбетни животни, од кои 950 видови се македонски ендемити.

Голем број од растенијата според меѓународните стандарди се загрозени.

Risot ne e edinstveniot pod zakana od isceznuvanje 1Вкупен број ендемични и загрозени видови флора, определени со меѓународни документи и со националното законодавство (Извор: Државен завод за статистика)

Слична е состојбата и кај фауната. Во Македонија има голем број птици, цицачи, риби и водоземци кои влегуваат во категоријата загрозени. Од фауната на `рбетните животни на територијата на земјава регистрирани се 113 видови кои се вклучени во европската Црвена листа. Помеѓу `рбетниците, највисок процент на ендемизам, 34,5 отсто, се јавува кај класата риби, а од останатите класи, 4 ендемични таксони се регистрирани само кај цицачите. Од вкупно 27 ендемични видови риби, 17 се вклучени во категоријата на глобално загрозени видови.

Risot ne e edinstveniot pod zakana od isceznuvanje 2Вкупен број `рбетни животински видови, ендемични и загрозени видови, определени со меѓународни документи и со националното законодавство (Извор: Државен завод за статистика)

Аларм за црвените листи

Во Европа и светот веќе одамна се воспоставени таканаречени црвени листи(национални и регионални) за растенијата и животните во коишто се вклучени  податоци за нивните карактеристики и се дефинирани прецизни критериуми за нивната загрозеност.  Кај нас, дури во 2017 станува јасна потребата од национални црвени листи за повеќе таксономски групи. Оваа потреба ја препознаваат академската заедница, здруженијата на граѓани и властите преку стратегии кои вклучуваат акции и цели за изработка на национални црвени листи во рамките на Националната стратегија за заштита на природата со акциски план (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018-2023) .

Кон средината на 2017 се направени и првите конкретни чекори кога за прв пат почнува процес на изработка на вакви листи.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека од тогаш до денес се направени национални црвени листи за 14 видови на водоземци, 32 видови на влекачи и 14 видови на растенија.

„Резултатите покажуваат дека имаме видови кои се оценети како ранливи, загрозени и критично загрозени“, велат од Министерството.

Иако скромни во бројот на видовите, постоечките црвени листи нудат богатство од информации. Недостигаат слични истражувања и за останатите видови во земјава

На прашањето дали се детектирани појави на исчезнување на одредени растенија или животни или видови кои влегуваат во категоријата критично загрозени, оттаму велат дека станува збор за процес за кој се потребни обезбедување на буџетски средства како и интензивен мониторинг на терен.

„Секако дека има одредени закани за кој треба постојано да се следат. МЖСПП во Акцискиот план за Преспанското Езеро наведе акција за реставраторски мерки за критично загрозено растение Воденичарче (Aldrovanda vesiculosa), каде е потребно е прецизно утврдување на ареалот со теренски активности, мапирање на површините каде што е дистрибуиран видот ex situ заштита, пренесување на популации во објектот за ендемични и загрозени видови во Ботаничката градина при ПМФ и понатамошни обновувања на популациите во езерото. Имплементацијата на оваа активност е задолжена Општина Ресен како управувач со СП Преспанско езеро“, информираат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Македонското еколошко друштво спроведува тригодишен проект кој се однесува на мониторинг на одредени ретки растенија во границите на постоечките значајни растителни подрачја.

„Вкупно пет растенија (Campanula debarensis, Aesculus hippocastanum, Centaurea rufidula, Crocus jablanicensis и Astragalus physocalyx) и четири значајни растителни подрачја (Јабланица, клисурата на Црн Дрим, Богданци и Дојранско Езеро) ќе бидат опфатени со мониторингот“, велат од Министерството.

Во однос на прашањето дали се предвидува продолжување на проектот за националните црвени листи односно дали се планирани понатамошни истражувања за останатите видови растенија и животни, од Министерството велат дека во моментов се завршуваат активности за изработка на нови црвени листи за приоритетни видови на габи и цицачи согласно методологијата Меѓународната унија за заштита на природата(ICUN).

„Исто така МАНУ спроведува активност каде се одредува конзервациски статус и на одредени растенија кој се протегаат на НП Галичица“, додаваат од Министерството.

На нашето прашање дали се предвидени буџетски средства за вакви истражувања или пак пари се бараат од донатори, од Министерството укажуваат дека генерално се обебедуваат средства од донатори.

Ако се земе превид бројот на видови растенија и животни од земјава што се ставени на европските црвени листи и скромните истражувања што во моментов се прават за некои од нив, станува јасно дека во Македонија лесно може да се случи одредени видови да исчезнат додека ние чекаме донатори да се заинтересираат за нивното опстојување. Затоа е потребно државата да најде механизми од буџетот редовно да се издвојуваат средства за истражувања на флората и фауната бидејќи за нив не се потребни огромни суми, а можат значително да допринесат во зачувувањето на нашето природно богаство.

Воденичарчето само во аквариум

Во скромната Национална црвена листа на Македонија еден од загрозените видови растениј кое е обработеноа е Воденичарчето (Aldrovanda vesiculosa). Тоа е слободно лебдечко, без корен, месојадно, потопено водно васкуларно растение. Видот расте во езерските предели, потоци и мочуришта. Претпочита чиста, плитка, топла постојана вода со јасна светлина, ниско ниво на хранливи материи и малку кисела ПХ вредност.

Risot ne e edinstveniot pod zakana od isceznuvanje 6Воденичарчето лебди во близина на површината на водата. Сезоната на раст се протега од рана, односно средина на пролетта до рана есен. (Фото: Рената Чучтеревска)

Видот се шири главно преку движење на водните птици: растенија што се зафаќаат на нозете на птица и се пренесуваат до следната водна дестинација на птицата.

Во Преспанското Езеро се јавува во делови со плитка вода помеѓу езерото и трската, главно долж напуштените бродски премини меѓу трските порано користени од рибарите и секогаш близу до приливите од изворите.

Risot ne e edinstveniot pod zakana od isceznuvanje 7

Популацијата на Aldrovanda vesiculosa на територијата на Македонија има многу ограничена дистрибуција по крајбрежјето на Преспанското Езеро (помеѓу Езерани и Долно Перово).

„Податоците од различни научни трудови за периодот меѓу 1969 и 2019 година укажуваат на флуктуација на популацијата на овој вид. Единствената причина е долгорочната осцилација на нивото на водата. За време на теренската работа за процена на Црвената листа видот не е регистриран. Причината е долгорочната флуктуација на водата во Преспанското Езеро“, пишува во Националната црвена листа.

Континуираното намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро со текот на годините и човечките влијанија (отпадни води од земјоделски активности и одлагање на цврст отпад во езерото, заедно со загадување од отпад од домаќинствата, извлекување на вода и влијанија од риболовот) негативно се одразуваат  на популацијата на Воденичарчето.

„Овој растителен вид е нетолерантен на деградација на живеалиштата пред сè заради загадувањето и промените на водната хемија. Бидејќи еколошките барања на растението се многу строги, истото е многу чувствително и е едно од првите растенија кои исчезнуваат. Оваа екстремна чувствителност е нормална појава за растение на работ на неговата дистрибуција“, се вели во црвената листа.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Сподели