
Студенчишко блато – континуирано уништување на ретко природно наследство
- Студенчишкото блато претставува исклучително вреден реликтен остаток на блатната вегетација и хабитат во кој егзистираат повеќе стотици различни примероци на живиот свет. Од нив, голем број видови се ендемични за подрачјето на Охридското Езеро, а некои видови, освен во блатото, не можат да се пронајдат на ниту една друга локација во Македонија. Блатото се оформило пред повеќе десетици милениуми, некаде во периодот на последната ледена ера, во епохата на плеистоценот, и е последно од таков вид во нашата држава.
- Студенчишкото блато се наоѓа на надморска височина од 694 – 696 метри. Тоа се простира на површина од околу 60 хектари и е ограничено со регионалниот пат Охрид – Свети Наум на исток, крајбрежјето на Охридското Езеро на запад, а од југ и од север со реката Рача и со каналот Студенчишта, кој е познат како паркиралиште за јахти и бродови. До пред помалку од стотина години, блатото се простирало на многу поголем простор и ги зафаќало подрачјата од денешниот спортско-рекреативен центар „Билјанини Извори“ па се до локалитетот Горица.
- Во минатото блатото претставувало интегрален дел од Охридското Езеро и преку многубројни канали било повразно со него. Секоја промена на нивото на водата во езерото влијаела и на водостојот во блатото. Многу поголема била комуникацијата и помеѓу живиот свет на овие два екосистеми, па во блатото, меѓу другото, се мрестеле и многу риби од езерото. Со изградбата на шеталиштето од Билјанини извори кон Горица, таа врска е прекината, и тоа непосредно се одразува врз водниот режим во блатото, а посредно и врз целиот негов екосистем.
- Каналот Студенчишта, кој денес е паркиралиште за чамци, јахти и бродови, во минатото всушност, бил дел од коритото на Студенчишка река, која тука го имала својот природен тек и чии природни траги се изгубиле со неговото прокопување. Денес каналот служи за истекување на дел од водите од Билјанини извори но и за исцедување на водите од подземните резервоари на Студенчишкото блато.
- Покрај Билјанините извори, во блатото се среќаваат и неколку поголеми и помали извори со различна штедрост, кои го хранат со свежи количини вода. Дел од нив се наоѓаат веднаш под патот Охрид – Свети Наум. Потеклото на подземните води во најголем дел е атмосферско, преку инфилтрираните води кои доаѓаат од планината Галичица, но сепак, езерото игра голема улога за состојбата во блатото, бидејќи е несомнено дека двете води комуницираат меѓусебно.
- Блатото, како неделлив сегмент од Охридското Езеро, има непроценливо научно и еколошко значење. Тоа отсекогаш претставувало природен филтер за водите од езерото и, како негов рефугиум, останало ареал во кој многу ретки и реликтни видови опстанале во текот на сите климатски промени низ милениумите наназад. Одредени негови делови се’ уште се мрестилиште или засолниште за некои видови риби, а блатото, постојано или привремено, е дом за повеќе видови птици. Во блатото опстојуваат голем број ендемични видови, кои претставуваат богатство за биолошката разновидност на Македонија и светот, а тука се одвиваат и многу интересни еколошки процеси кои се од интерес за истражувачите.
- Студенчишкото блато во минатото претставувало еден од најзначајните прибежишта и гнездилишта за водните птици долж брегот на Охридското Езеро, но таквото негово значење денес е сосема изгубено. Со исклучок на неколку видови трскари, барските кокошки и малиот воден бик, практично нема други гнездилки во блатото. И покрај тоа што вкупниот број на видови птици регистрирани во подрачјето на блатото е релативно голем (78) во најголем број случаи се работи за многу мал број единки или двојки (најчесто само по неколку) и од тој аспект блатото нема некое големо значење, за разлика од Охридското Езеро кое е меѓународно признат орнитолошки локалитет од светско значење. Освен за птиците, блатото е дом и за 15 видови риби, неколку ретки растенија, инсекти, ендемски без’рбетници, заштитени видови на влекачи и водоземци, како и многу други нижи и виши организми.
- Антропогениот фактор е единствената причина заради која ова природно богатство на Македонија неповратно се уништува. Најголеми причинители на деградацијата на блатото во изминатите триесетина па и повеќе години се прекинувањето на комуникацијата помеѓу водите од блатото и езерото, одлагањето на градежен шут и формирањето диви депонии, формирањето на обработливи површини, изградбата на објекти и палењето и уништувањето на блатната вегетација.
- Во седумдесетите години на минатиот век процентот на обработувани површини во реонот на блатото не преминувал 6 до 7 отсто, додека денес тој процент изнесува преку 50 отсто. За некоја идна негова ревитализација исклучителен проблем ќе бидат тврдите градби кои во блатото никнуваат и во овој момент.
- На територијата на блатото, покрај приватни објекти, изградени се и објектите на Езерската полиција, Центарот за обука на вода на АРМ, како и новиот расадник на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ кое оваа локација ја доби како замена за старата, на која никнаа нови станбени згради. На официјалниот сајт на ова јавно претпријатие може да се прочита дека во моментот користат „само“ 18.000 метри квадратни простор од планираните 70.000.
- Местото на кое што некогаш стоеше ограда и табла која на симболичен начин означуваше почеток на проект за ревитализација на Студенчишкото блато, сега е руинирано и претставува слика за една општа негрижа за природното наследство. Студенчишкото блато, наместо да биде синоним за богатиот природен диверзитет на бисерот на македонскиот туризам, се претвори во поле на кое се води перманентна војна помеѓу научниците, екологистите и љубителите на природата, од една страна и неодговорните институции, инвеститорите но и сопствениците и узурпаторите на парцели, од друга страна.
- Студенчишкото блато е последен функционален блатен систем во околината на Охридското Езеро. Како една целина со езерото од неодамна е прогласено за Рамсар подрачје, што значи дека подлежи на определено ниво на заштита според меѓународната Рамсар конвенција за заштита и одржливо користење на водните живеалишта, со цел да се спречи нивното уништување и да се нагласи нивната еколошка, стопанска, културна, научна и рекреативна вредност. Постои и Студија за валоризација на Студенчишко блато, во која од научна гледна точка се објаснети сите вредности на ова подрачје, а во тек е и подготовка на законско решение за негово прогласување за Заштитено подрачје од IV категорија, односно за Парк на природата.
- Доколку се уреди на соодветен начин, при што ќе му се врати поврзаноста со езерото, но и ќе се изгради соодветна инфраструктура која нема да влијае врз биолошките параметри, Студенчишкото блато може да се претвори во атрактивна локација за развивање на одржлив еколошки туризам, како и за негово користење во едукативни и научни цели.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографија и текст: Дарко Андоновски