fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
tedi dozhivea reinkarnacija otkako se iseli od makedonija featured1

Теди доживеа реинкарнација откако се исели од Македонија

Мечето Теди, коешто преживеа голгота растејќи во несоодветни услови во Зоолошката градина во Штип, каде што беше дадено од сопственикот кој повеќе не можел да го одгледува најде нов живот во Бугарија. Тоа стана жител на Паркот за танцувачки мечки во Белица во ноември 2020 година, кога по многу перипетии и пречки поради епидемиолошката ситуација, успешно е транспортиран од Македонија.

Како и сите други жители на Паркот, ова мече имало тешка судбина и било подложено на вистинско страдање. На тригодишна возраст го минувало својот живот во мизерен тесен кафез, на бетон и меѓу ‘рѓосани железа.

Од Паркот во Белица велат дека Теди веќе ги направил првите чекори по трева и почнал да си игра.

„Уште на почетокот скрши неколку фиданки, а омилена занимација му беше да фрла прачка од дрво во базенот. Сега Теди има околу 4-5 години и е навлезен во процесот на адаптација. Тој тука првпат виде некој сличен на себе“, велат од Паркот.

Оттаму додаваат дека мечето се‘ уште се навикнува на новиот живот и дека тоа си бара време.

„Се надеваме дека ќе се справи. Веќе гледаме позитивни чекори во неговиот развој“, вели Димитар Иванов, управител на Паркот.

 

Последици од лошиот третман во Македонија

Поради тоа што долго време живеел во тесен кафез Теди има стереотипно однесување. Тоа е проблем со однесувањето на мечките – тие се движат во круг или налево-надесно кога живеат во несоодветни места. Закрепнувањето и заборавањето на преживеаното во минатото понекогаш може да трае цел живот.

„Оваа зима Теди не падна во зимски сон, но минуваше поголем дел од времето во своето дувло, излежувајќи се. На новодојдените мечки понекогаш им се потребни неколку години за да паднат во зимски сон за првпат во својот живот.  Очекуваме следната зима тоа се случи и со Теди. Се надеваме дека оваа пролет ќе ги направиме првите чекори во неговата социјализација кога ќе го запознаеме со мечето Рику. Тие двајцата можат да станат долгогодишна двојка, која нема да има проблеми да живее заедно во следните години. Сме имале случаи со мечки-мажјаци кои живеат во двојки. Мечките не создаваат групи и семејства. А, Теди и Рики сè уште се мали и сега е вистинското време за нив“, велат од Паркот.

 

Спас за мечките со помош на Фондацијата „Брижит Бардо“

„Dancing bears park Belitsa“ („Парк на танцувачките мечки Белица“), со кој управува фондацијата „Четири шепи“ заедно со Фондацијата „Брижит Бардо“ основната од истоимената француска актерка, е создаден со цел да ги спаси сите танцувачки мечки на територијата на Бугарија, а исто така и да се грижи за нив до нивната природна смрт.

„Наш ангажман е и образованието на луѓето што нè посетуваат. Во текот на обиколката нашите водичи освен што ги информираат посетителите за мисијата на фондациите, им објаснуваат и што е тоа танцувачка мечка за да не се заборави и за да не се повтори. Ја објаснуваме биологијата на кафеавата мечка која како најголем грабливец во нашата земја игра важна улога во целиот екосистем“, велат од Паркот.

Во него, редовно се извршуваат профилактички прегледи, со кои се определува општата состојба на животните.

„Во моментот на 6 мечки ќе им го измериме интраокуларниот притисок и ќе ја определиме состојбата на леќата и на ретината“, објаснува ветеринарниот лекар Никола Кирјански.

Се прегледуваат и забите за лекување, за да може животните да се хранат без болка. Се прави ехо на некој од внатрешните органи, се следи општата крвна слика.

Доколку некоја мечка има здравствен проблем се носи во ветеринарната клиника и се прави компјутерска томографија.

Создавањето паркови за танцувачки мечки во Европа започна во почетокот на деведесеттите години од минатиот век, а првиот се појави во Грција. Фондацијата „Четири шепи“ во 1996 година во Австрија изгради парк и во Бугарија започна да спасува мечки на кои им е потребна помош во 2000 година. Следни беа Германија, Украина и Косово.

Потребата од вакви паркови се појави поради тоа што постојат мечки кои живеат во несоодветни услови или во повеќе случаи се апсолутно незаконски. Танцувачките мечки во Бугарија се појавија во времето на комунизмот. Фондацијата „Четири шепи“ заедно со фондацијата „Брижит Бардо“ го согледаа проблемот со танцувачките мечки во Бугарија во 1999 година и започнаа да ги прикажуваат снимките во јавност.

„Последните три мечки што ги зедовме се Мишо, Мима и Светла. Мишо беше возрасен и почина кога имаше 31 година, а Светла и Мима сè уште живеат кај нас. Нивната возраст е некаде помеѓу 28 и 34 години. Уште во 2009 година Паркот реши да бара и други мечки на кои може да им помогне, а прв чекор ни беше да помогнеме во Србија во спасувањето 3 танцувачки мечки. Во 2010 година се појави ненадеен случај кога беше земено мече од дивината и кое беше незаконски сместено во хотел. Тоа беше конфискувано и беше сместено кај нас. Нашите бугарски зоолошки градини не се во најдобра состојба и затоа моравме да им помогнеме и ним и да земеме мечки и оттаму. Започнавме да помагаме и во Косово и за време на конфискувањето на мечките и во преводот до нивниот парк. Потоа „Четири шепи“ се насочија кон Албанија каде ја спасивме Јета, нивната последна танцувачка мечка“, велат од Паркот.

 

Прекрасна природна средина

Бугарскиот парк во Белица е уникатен зашто е изграден на место кадешто кафеавите мечки навистина живеат. Тој се наоѓа на само 10 километри од најблиското населено место и се наоѓа во југоисточна Рила. Се наоѓа во Рило, Родопскиот масив, кој е најгусто населен со кафеави мечки. Паркот е голем 12 хектари, на 1.300 до 1.400 метри надморска височина, кадешто каде има планини и полјани со дабова растителност.

Тука постои исклучителна разноликост од хабитати и сериозна денивилација, која е важна за мечките. Таа го копа своето дувло на удолница за да не се наполни со вода во текот на зимата.

„Вроден инстинкт на мечката е да хибернира (да влегува во зимска летаргија). Еволуцијата ја создала на тој начин зашто таа е доста големо животно на кое му се потребни големи количества храна. А, назима храна нема. Кога доаѓаат кај нас, не сите мечки имале можност да паднат во зимски сон од многу причини – погрешна исхрана, неправилно место на живеење, присуство на луѓе, биле заврзани со синџир… И кога доаѓаат тука потребен им е различен период за да се адаптираат и за нивниот биолошки часовник да почне да работи правилно за да паднат во зимски сон. Имаме мечки на кои им се потребни 2 до 3 години за да влезат во ритамот“, велат од Паркот.

Оттаму се радуваат на добрата посетеност по изградбата на патот до него во 2017 година.

„Започнавме со 18 илјади луѓе, а минатата година, иако беше време на епидемија, достигнавме 39 илјади души. Ние сме на отворени и всушност бевме многу попривлечни. Благодарни сме и на државата која со нас работи многу добро преку Министерството за животна средина. Фондацијата „Четири шепи“ се издржува исклучиво по пат на донации. Не користиме европска помош, не правиме европски проекти. Од 2017 година воведовме и платен влез“, соопштија од Паркот.

Танцувачките мечки се малтретирани животни

Танцувачките мечки ги знаеме само од нивните улични настапи, но малкумина знаат како тие се дресираат. Начинот на работа со нив се одвива со постојано малтретирање, тепање, лишување од храна, закачување синџир со алка за носот, со што целосно се заробува мечката и таа станува своја бледа сенка.

„Во Бугарија со мечките се занимаваа најмногу Ромите. Ги нарекуваа мечкари и формираа каста со традиција од минатото. Постојат регистрирани случаи и останати документи уште од османлиското ропство. За нив тоа било начин на егзистенција, кој се предавал од татко на син и од дедо на внуче. Така започнале да работат. Мечките ги одгледувале на различни места, со нив правеле некакви претстави, но откако ќе разбереме што се случува сфаќаме дека тоа нема ништо заедничко со забава. Мечката не препознава музика и апсолутно не може да танцува. Целата точка се состои во тоа што таа го следи синџирот. Синџирот е заврзан на дланката на сопственикот и кога тој ќе ја потегне мечката се исправа. Кога ќе ја заврти, за да ја избегне болката од алката, таа се превртува. Со текот на времето животно се навикнува на ваквата команда и знае што да прави. Во Бугарија музичката позадина се изведувала на гусли и од движењето на лакот изгледало дека мечката го следи ритамот. Но, сето танцување е тоа“, велат од Паркот во Белица.

Оттаму укажуваат дека станува збор за илузија, а танцот доаѓа од болката. Мечкарот е тој кој владее со мечката, а тоа се случува поради страв и ќотек, зашто тоа е најлесниот начин.

„Сопствениците користеле средновековни методи и начин на грижа, многу поразличен од нашите сфаќања. И токму тоа е една од причините поради која мечкарството требаше да биде сопрено. А, дали луѓето си ги сакале животните? Најверојатно да. Но, во денешно време не можеме да разбереме како е можно да „те сакам, а сепак да те тепам“. Овие луѓе живееле со мечките дури и во иста соба. Тоа не биле луѓе со финансиски можности и заедничкиот живот е сфатлив. Дури постоеја интервјуа во кои велеа: „Мечката ме чува во текот на летото“. Тие оделе по различни населени место каде често преспивале на полјана, при што мечката била врзана, а тој спиел до неа. Мечките во заробеништво живееле околу 25-30 години“, укажуваат од Паркот.

На времето државата ги обештетувала мечкарите чиишто животни биле одземани.

„Обештетувањето беше стимул за да започнат друга дејност. На почетокот од деведесеттите години од минатиот век, кога започна да се развива идејата за заштита на природата, се бараа начини за реакција. Тогаш официјално беа регистрирани 28 танцувачки мечки“, велат од Паркот.

Автор на фотографија и текст: Добрин Кашавелов

Сподели