fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
zmiite vo makedonija intro

Змиите во Македонија

Во нашата земја има 4 фамилии со вкупно 16 различни видови змии. Фамилијата Црвовидни змии (Typhlopidae) е присутна со еден претставник со истото име. Фамилијата Удави (Boidae) исто така има еден претставник – степскиот удав. Фамилијата Смокови (Colubridae) има 11 претставници: шумски смок, жолт смок, медена змија, белоушка, рибарка, стрелец, леопардов смок, балкански смок, ждрепка, длабочелен смок и мачја змија.

Zmiite vo Makedonija 1Белоушка (Natrix natrix) е вид на неотровна змија која припаѓа на фамилијата смокови (Colubridae).

Опис: Белоушката е долга околу 150 cm, но може да достигне и должина до 200 cm, а масата вообичаено и изнесува околу 240 g. Честа е во нашата фауна. Телото и е обоено маслинесто-зеленикаво, кафеаво или сиво, а по грбот има редови од црни точки или флекички. На страните има по еден ред од црни флекички. Стомачната страна вообичаено и е жолтеникава или бела со темни правоаголни флеки. Честопати е присутна една полумесечеста жолта пега од обете страни на задниот крај од главата. Белоушката има 6-8 горно усни лушпи, од кои третата и четвртата лушпа го допираат окото. Tаа има една преокуларна и 3-4 постокуларни лушпи. На средината од телото, дорлзано има 19 редови со лушпи.

Биологија: Белоушката живее покрај водни базени, езера, бари, бавни реки, поголеми вирови и поплавени ливади. Но, може да биде пронајдена и во шуми, поголеми ливади и човечки населби (најчесто во дворовите). Се искачува до 2300 m надморска висина. Активна е и преку ден и преку ноќ. Белоушката е неотровна змија. Се исхранува главно со водоземци и риби, но поретко лови помали цицачи и влекачи. Белошушката најчесто пленот го конзумира жив. Но, кога лови помали цицачи и други помали влекачи , прво ги усмртува со силни констрикции и стегање (давење), а потоа ги конзумира. Кога е нападната од поголем предатор знае да глуми мртва (танатоза) и испушта многу смрдливи течности од аналните жлезди. Репродуктивнo активна во април и мај. Интересно за овој вид е тоа што за време на парење, се создаваат големи колонии од единки во кои што бројот на мажјаци е многу поголем од бројот на женки. Тие понекогаш поминуваат и до неколку километри за да најдат соодветно место за своите јајца. Најчесто тоа се купчиња од растителни материјали во распаѓање, дупки или јами. Младите кога ќе излезат од јајцата се околу 18 cm долги. Тие преживуваат сами, без никаква помош од нивните родители, ловејќи инсекти, пајаци и разни други безрбетници.

Zmiite vo Makedonija 1Леопардов смок (Zamenis situla) е вид на неотровна змија која припаѓа на фамилијата смокови (Colubridae).

Опис: Леопардовиот смок е долг околу 120 cm. Телото од леопардовиот смок на грбната страна има црно ограничени црвени флеки, или надолжни линии на сива или жолтеникава основа. Од страните има ред од црни или црвени точки, кои може да бидат и поголеми кружни или правоаглони темни или црвеникави флеки. Има темна надолжна шара која се протега од аголот на устата до окото. Очите од леопардовиот смок имаат кружни зеници. Под очите има помала црна флека. На предниот дел од главата, има полукружна дебела темна флека или линија која ги поврзува очите, а понекогаш може да биде и прекината. На задниот дел од главата, може да има темна флека во форма на буквата Y.

Биологија: Леопардовиoт смок живее во карпести и суви хабитати, а преферира и медитерански типови на вегетација. Претежно e активeн преку ден. Преку лето кога температурата е многу висока, преферира да лови на полна месечина. Главно се исхранува со глувци, но лови помали птици и влекачи. Одличен ловец, умее да се искачува во крошните на повисоки дрвја и добро се снаоѓа низ грмушките. Леопардовиот смок е неотровна. Пленот го умсртува со силни констрикции (давење), запирајќи го неговиот циркулаторен и респираторен систем. Репродуктивно e активен во период од март до мај. Оваа преубава и безопасна змија поради нејзините карактеристични шари и бои се убива од страв дека е шарка, поради што бројката на леопардовиот смок драстично се намалува во Македонија.

Zmiite vo Makedonija 1Планински смок или медена змија (Coronella austriaca) е вид на неотровна змија која припаѓа на фамилијата смокови (Colubridae).

Опис: Планинскиот смок е долг околу 90 cm. Нема точна граница на одвојување, помеѓу главата и телото. Горните делови од телото, грбот и страните му се обоени кафеаво, црвеникаво или сивкасто. Стомачната страна e еднобојна црна, а кај младите може да биде и со светли бои; кремаста, жолтеникава, дури понекогаш и портокалова. На задниот дел од горната страна на главата има една голема темна флека, која наликува на круна, со две темни издолжувања кои продолжуваат на назад по грбот паралелно. Од овие две издолжувања продолжуваат два реда од квадратни или кружни флеки по целата должина од нејзниот грб, а тие можат да бидат црни, кафеави, темно сиви или црвеникави. Страните на главата имаат јасно темна надолжна линија, која се протега од носното отворче, продолжува под окото и завршува на задниот дел од стрната на главата. Оваа подочна надолжна темна линија често продолжува во ред од темни флеки или надолжна темна линија по страните од телото на змијата.

Биологија: Планинскиот смок живее во шуми, но преферира и суви и карпести хабитати. Пронајден е на 2700 m надморска висина во Шпанија. Активен е преку ден, но кога температурите се премногу високи, лови на полна месечина. Се исхранува главно со гуштери, но лови и други змии, мали цицачи и птици. Планинскиот смок е неотровна змија. Пленот го умсртува со силни констрикции (давење), кои го запираат циркулаторниот и респираторниот систем на жртвата, а потоа ја голта цела почнувајќи од главата. Репродуктивно активен во април или мај.

Zmiite vo Makedonija 1Рибарка (Natrix tessellata) е вид на неотровна змија која припаѓа на фамилијата смокови (Colubridae).

Опис: Рибарката е долга околу 130 cm. Телото и е маслинесто-зеленикаво или понекогаш кафеаво со четири реда округли или квадратни црни флеки, а може да биде и целосно еднобојно маслинесто-зеленикаво. На стомакот, рибарката е бела, жолта или црвеникава со темни правоаголни флеки. Очите од рибарката имаат кружни зеници.

Биологија: Рибарката живее околу поголеми водни базени: езера, бари, големи вирови, бавни реки и потоци. Активна е преку ден и преку ноќ, но за време на летото кога температурите се високи, активна е само во ноќта. Рибарката е неотровна змија. Се исхранува главно со риба, а преферира да лови и водоземци, особено нивните полноглавци. Рибарката својот плен го конзумира (голта) жив, без претходно да го усмрти. Кога е вознемирена од предатор, испушта многу смрдливи течности од аналните жлезди. Рибарката е способна за танатоза, кога е нападната од предатор правејќи се во клопче се преправа дека е мртва. Репродуктивно активна од април до јули. За време на парење рибарките создаваат колонии во кои бројот на мажјаците е многу поголем од бројот на женките.

Zmiite vo Makedonija 1Стрелец (Platyceps najadum) е вид на неотровна змија која припаѓа на фамилија смокови (Colubirade).

Опис: Возрасната единка достигнува до 140 cm во должина. Главата и првата четвртина од телото на стрелецот се сиви, а по страните на вратот има кружни и црни флеки обиколени со бела рамка. Овие флеки движејќи се спрема задниот дел од телото се смалуваат и постепено исчезнуваат. Остатокот од грбниот дел од телото е светло кафeав. Стрелецот од стомачната страна е бел, кремаст или светло жолтеникав. Грлото скоро секогаш му е бело. Очите од стрелецот имаат кружни зеници.

Биологија: Стрелецот живее на карпести места со помала вегетација, а може да се најде во насади со лозје или покрај земјоделски насади. Се искачува до 2000 m надморска височина. Стрелецот е неотровна или змија и претежно е активен преку денот. Ова е екстремно брза змија и пленот го умсртува со силни констрикции (давење) кои го запираат циркулаторниот и респираторниот систем на жртвата, а потоа ја голта цела почнувајќи од главата. Се исхранува н со гуштери и глувци. Репродуктивно е активен во април и мај.

Zmiite vo Makedonija 1Црвовидна змија (Xerotyphlops vermicularis) е специфична неотровна змија која припаѓа на фамилија црвовидни или слепи змии (Typhlopidae).

Опис: Телото од црвовидната змија е розеникаво и многу наликува на дождовните црви. Возрасните единки растат од 30 до 40 cm. Нема јасна граница помеѓу главата и телото. Има мали црни очи. Лушпите и се мазни и наредени како таблички по целото тело. Има многу мала опашка, со една игличеста лушпа на крајот.

Биологија: Црвовидната змија живее во суви хабитати со сува почва, најчесто под поголеми камења и избегнува висока растителна вегетација. Може да се пронајде до 1200 m надморска висина. Поголем дел од времето се под земја. Најактивни се во пролет, кога лесно можат да се најдат под поголеми камења. Кај нас најчесто е застапена по Повардарието. Се исхранува со разни безрбетници, но највеќе со мравките и нивните ларви, како и разни други инсекти и пајаци. Репродуктивнo се активни во мај и јуни. Интересно за оваа змија е тоа што, порано народот верувал дека ако те касне црвовидната змија ќе починеш со првите утрински зраци. Секако дека тое не е точно, поради тоа што оваа змија нема отровни жлезди, а со тоа и не поседува отровна апаратура, и не претставува никаква закана за човекот. Црвовидната змија е најмалата во Р. Македонија.

Zmiite vo Makedonija 1Остроглава шарка (Vipera ursinii) е вид на отровна змија која припаѓа на фамилијата отровници (Viperidae).

Опис: Оваа змија е долга до 50 cm, но пронајдени се примероци долги до 65 cm. Може да се сретне кај нас и на Шар Планина и Бистра Планина. Остроглавата шарка е кафeавa или сивкаста со темна брановидна линија на грбот, а по страните има темни флеки. Очите од остроглавата шарка имаат вертикални зеници.

Биологија: Остроглавата шарка живее на надморска висина од 1000 m до 2500 m. Преферира хабитати без многу дрвја, тревести степи со попесоклива почва, погусти и влажни ливади. Активна е преку ден, се исхранува со разни безрбетници, гуштери и помали цицачи. Поради тоа што живее на висока надрмоска висина (високи планини каде што климата е поладна), остроглавата шарка хибернира околу 6 месеци. Репродуктивно е активна веднаш после будењето од хибернација (змиски сон), а тоа е најчесто во мај или помеѓу март и април. Оваа змија е соленоглифна, што значи на предниот дел од горната вилица има два големи отровни заби, кои преку канал се поврзани со отровните жлезди. Остроглавата шарка е најмалата отровница во Европа а со тоа и во Р. Македонија. Количината на нејзниот отров е многу помала од кај шарката (Vipera berus) и поскокот (Vipera ammodytes), поради тоа не претставува сериозна опасност за човекот. Но сепак каснување од оваа змија може да предизвика огромна болка, локалнa и внатрешна хеморагија , при што е потребна професионална медицинска помош. Според Меѓународната црвена листа на загрозени видоиви, од 2009 година оваа змија се смета како загрозен вид.

Zmiite vo Makedonija 1Поскок (Vipera ammodytes) е вид на отровна змија која припаѓа на фамилијата отровници (Viperidae).

Опис: Поскокот е долг околу 95 cm. Телото е бело, сребрено сиво или кафеаво и има темна брановидна линија по целата должината на грбот. Често има ред со темни кружни флеки или точки од страните . Од зад окото, до задниот дел на вилицата има темен, долгнавест и широк белег. Женките се претежно кафеави и поголеми, а мажјаците се посив и помали. Поскокот од стомачната страна е сивкаст, розеникав или жолто-кафеав со мноштво на црни точки. Од сите отровници во Европа, поскокот ги има најголемите отровни заби, кои се 13 mm долги. На крајот од муцката има еден вертикален израсток во фрома на рогче (кое достигнува 5 mm во должина). Очите од поскокот имаат вертикални зеници.

Биологија: Поскокот преферира карпести средини богати со камења и помедитеранска вегетација, но може да живее и во отворени шуми. Ова е многу адаптивна змија, поради што може да се пронајде и во човечки населби каде што најчесто лови глодари. Активна преку ден, се исхранува главно со мали цицачи (глодари), но лови и помали птици, влекачи (вклучувајќи и други видови на змии) и водоземци. Кај поскокот забележан е и канибализам. Репродуктивно активен во април и мај. Во периодот на репродукција мажјаците се пуштаат во борбен танц, ги намотуваат своите тела туркајќи ги главите кон подлогата, а губитник е оној кој повеќепати во серија ќе ја допре подлогата со главата. По борбениот танц губитникот ја напушта територијата, а победникот има коапулација со женките кои што живеат на таа територија. Оваа змија е соленоглифна, што значи на предниот дел од горната вилица има два големи отровни заби, кои преку канал се поврзани со отровните жлезди.

Отров и опасност:

Поскокот е најголемата и најопасната змија за човекот во Европа а со тоа и во Р.Македонија. Отровот содржи протеолитични и неуротоксични компоненти, исто така содржи и хемотоксин со антикоагулантни ефекти. Каснување од поскок е опасно и може да има многу несакани последици, како губење на екстремитет, а во најлош случај смрт. Како прва помош се препорачува преврска над каснатото место, намалување на движење и стабилизирање на дишењето со цел да се смири циркулаторниот и респираторниот систем, а со тоа се намали ширењето на отровот низ соседното ткиво и крвните садови. Симптоми после каснување од оваа змија се интензивна болка на каснатото место, отекување на цел есктремитет ако е касната рака или стапало, интензивно потење, чешање, вртење и губење на боја. Кај постои верување дека, поскокот може агресивно да скокне кон човек или кон некој предатор кој претходно го вознемирил. Но вакво однесување кај поскокот никогаш не е видено и документирано од страна на херпетологијата, што значи дека поскокот не скока. Напротив однесувањето на поскокот е мрзеливо и бавно. Кога е нападнат од предатор поскокот најчесто бега, бара место за да се сокрие и камуфлажира, а каса само во случај кога е допрен (згазен со нога, фатен со рака, каснат од некој предатор и слично).

Автор на текст и фотографија: Андреј Михајлов – Истражувачко друштво на студенти биолози

Сподели