Шарпланинец – горд заштитник на стадата

Шарпланинецот или популарно наречениот „Шарко“ е овчарска раса куче, заштитник на стадата, господар на планината. Се одликува со исклучителна лојалност кон својот сопственик, дисциплинираност, приспособливост. Интелигентен е и посветен.
Шарпланинецот го добил своето име по Шар Планина. По распадот на поранешна СФРЈ се смета дека има двојна матичност. Како негови матични земји се водат Македонија и Србија. Шарпланинецот за првпат е изложен во Љубљана во 1926 година. Оваа раса во 1939 година е запишана во списокот на Меѓународната кинолошка федерација под редниот број 41. Првично, шарпланинецот во 1939 година бил регистриран на меѓународно ниво под името илирски овчар. Во 1957 година, на барање на Југословенскиот кинолошки сојуз е преименуван во југословенски овчарски пес шарпланинец. Во 1996 година по барање на Кинолошки сојуз на Македонија се брише префиксот југословенски. Шарпланинецот е голем, силно и складно граден пес. Покриен е со долго, густо и грубо крзно. Должината на трупот е поголема од висината на гребенот. Соодносот е 8:10 кај мажјаците и 10:12 кај женките. Шарпланинецот е еднобоен, со различни нијанси од бело до темно сиво, наместа и црно. Доминантната боја е поинтензивна во горната страна на главата, вратот и грбот. Од долната страна на телото бојата постепено избледнува до посветли нијанси — бледо сиво или жолтеникаво во долните страни на нозете. Шарпланинецот има недоверба кон непознати луѓе, но има стабилен карактер што го прави одлично овчарско куче, добар заштитник и чувар. Тој ја има контролата и соодветно реагира согласно направена проценка дали стадото е загрозено или не. Намалениот број овци во Македонија значеше и намалување на бројот на шарпланинци кои живеат во бачилата. Честопати горе на планина и не се води сметка за расната чистота и се дозволува парење со други раси што влијае на нарушување на генетската линија и на расните одлики. Има причина зошто шарпланинецот е барано овчарско куче и надвор од регионов. Оваа раса е способна дневно да помине многу километри во најразлични временски прилики, чувајќи стотина овци. Шарпланинецот не е салонско куче. Негов природен хабитат се планинските пространства и дивината. И покрај намалувањето на стадата, во Македонија има повеќе одгледувачници на оваа раса. Тој е сè уште присутен и во високо планинските пасишта. Кинолошкиот сојуз на Македонија за шарпланинецот упатува на документи од Отоманската империја која правела попис на домаќинствата. Па така, во 1901 година само во Галичник имало 12 илјади овци и 700 шарпланинци. Потеклото на расата е предмет на различни мислења. Како најверојатно се зема дека во Европа е донесена од Азија за време на масовните миграции. Има претпоставки и дека предците на шарпланинецот ги донел Александар Велики кога се повлекувал од Азија. Сепак, новите истражувања и претпоставки сугерираат дека води потекло од Балканскиот Полуостров, односно од планинските масиви на Македонија (Шар Планина, Кораб, Стогово, Бистра и Маврово). Александар Ѓорѓиевски: „За жал, во моментов немаме клуб за расата шарпланинец и одгледувачите со регистирани одгледувачници дејствуваат самостојно, но во блиска иднина се надеваме дека ќе се основа Клуб којшто ќе работи организирано заедно со сите одгледувачи и љубители на расата за нејзина поголема афирмација и унапредување.“ Од 60-те до 90-те години, многу шарпланинци од бачилата на планините се однесени во останатите републики во тогашна Југославија и во земјите на Западна Европа. Многу елитни примероци завршиле во центрите на ЈНА кадешто биле одгледувани како службени кучиња. Шарпланинецот е од огромна важност за земјава. Оваа раса си најде свое место и во македонската монетарна политика. На кованицата од 1 денар се наоѓа претстава на шарпланински пес. Ликот на шарпланинецот се појави и на поштенска марка.
Фотографија: Доријан
Миловановиќ
Текст: Мартин Пушевски