fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
ne sakame da gi vidime dokazite za klimatskite promeni vo makedonija featured

Не сакаме да ги видиме доказите за климатските промени во Македонија

  • Климатските промени се тука, а најдобар показател се новите податоци кои откриваат значителни хидрометереолошки промени во минатата година споредено со просекот од претходниот петгодишен период
  • Има намалување на бројот на денови со појава на дожд, а мерењата покажуваат дека лани во седум од вкупно осум градови има значително поголеми количества врнежи
  • Во македонските градови снегот полека исчезнува, а наместо тоа се зголемуваат деновите со магла
  • Продолжува несовесното користење и загадување на водните текови – водата за пиење се употребува во производните процеси во индустриските капацитети и непречистена се испушта во природата, а голем придонес кон загадувањето на водите имаат и домаќинствата
  • Природата ни дава чиста вода, којашто ние ја загадуваме, ја правиме неупотреблива и придонесуваме кон уништување на живиот свет односно биолошката разновидност и целиот еко-систем

 

Сценаријата за климатските промени во Македонија се остваруваат многу побрзо од предвиденото, а во нашата држава не се прави речиси ништо да се спречат негативните последици од овој феномен и да се намали загадувањето на природната средина. Најдобар показател за тоа дека се новите податоци од областа на животната средина што ги објави Државниот завод за статистика кои откриваат значителни хидрометереолошки промени во минатата година споредено со просекот од претходниот петгодишен период.

Обилни врнежи, помалку денови со дожд

Во пет од вкупно осум македонски градови каде што биле вршени мерења, минатата година имало намалување на бројот на денови со појава на дожд во однос на просекот во претходните пет години.

Од друга страна, мерењата покажуваат дека лани во седум од вкупно осум градови има значително поголеми количества врнежи. Најзабележлив пораст на врнежите има во Охрид и Битола.

Трендот на намалување на бројот на врнежливи денови и истовременото зголемување на количеството врнежи како да е препишан од сценаријата за климатските промени во Македонија. Имено, во нив се предвидува дека ќе бидеме сведоци на екстремни метереолошки појави и тоа на денови со многу високи температури и суши и појава на краткорочни и обилни врнежи односно бури и невремиња.

Магла наместо снег

Во македонските градови снегот полека исчезнува, а наместо тоа се зголемуваат деновите со магла. Во седум од вкупно осум градови каде што се вршени мерења лани има значително намалување на деновите со појава на снег во однос на периодот 2016-2020 година.

Меѓу најизразените примери за намалување на бројот на снежни денови во однос на просекот се Битола, Охрид и Берово, а Демир Капија е единствениот град каде лани имало зголемување на бројот на денови со појава на снег.

Истовремено, во сите седум градови во кои лани имало помалку снежни врнежи има забележително зголемување на деновите со појава на магла.

Повторно, Демир Капија е единствениот град во кој има намалување на магливите денови.

Реки без кислород

Климатските сценарија предвидуваат и јавување на недостиг од вода, што е разбирливо со оглед на тоа што се очекува пораст на температурата на воздухот и зголемување на траењето на периодите со суша. Сепак, кај нас продолжува несовесното користење и загадување на водните текови. Водата за пиење се употребува во производните процеси во индустриските капацитети и најголем дел од неа непречистена се испушта во природата. Голем придонес кон загадувањето на водите имаат и домаќинствата. Имено, според последниот попис во Македонија се уште огромен број од домовите немаат канализација. Дури и оние што се приклучени на јавна канализација ги загадуваат реките и езерата поради недостиг од колекторски системи и пречистување на фекалиите и детергентите што се користат во домаќинствата.

Со други зборови, природата ни дава чиста вода, којашто ние ја загадуваме, ја правиме неупотреблива и придонесуваме кон уништување на живиот свет односно биолошката разновидност и целиот еко-систем.

Еден од најбитните индикатори за квалитот на водата е биохемиска потрошувачка на кислород во реките. Станува збор за просечна годишна количина на биохемиска потрошувачка на кислород во реките (БПК5) и претставува количина на кислород која е неопходна за аеробните микроорганизми да ги разложат органските материи во единица примерок на вода во текот на пет дена. Колку е пониска вредноста на БПК5, толку водата е поквалитетна. Податоците покажуваат дека лани овој индикатор бил на највисоко ниво во изминатата деценија.

Од друга страна индикаторот за концентрацијата на фосфати во реките ја мери концентрацијата на фосфати (PO4) во примероците на вода земени од речните станици мерена како милиграми на литар – mg PO4/л. Станува збор за соединенија кои придонесуваат до појава на алги и еутрификација што негативно се одразува врз живиот свет и биолошката разновидност. Во македонските реки има удвојување на присуството на фосфати во последната декада.

Сите претходно наведени податоци се објавени во документ што е достапен на веб-страницата на Државниот завод за статистика. Иако јасно покажуваат дека е потребна сериозна и брза акција од институциите и граѓаните за да се спречат негативните последици од климатските промени и од загадувањето, за овие податоци Владата, надлежните министерства и државни органи веројатно нема да одржат прес-конференција и да ги презентираат пред јавноста. Главна причина за тоа е кратковидоста кај повеќето политичари за кои климатските промени се нешто далечно, а загадувањето на природата е вообичаено на последното место на листата проблеми за кои е потребно решение.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.