fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
energetskata efikasnost zavisi od nas featured

Енергетската ефикасност зависи од нас

  • Начинот на живот, високите трошоци за електрична енергија, загадувањето бараат да се направат промени кои се неминовни за енергетска ефикасност на домот.
  • Македонија е богата со обвновливи извори на енергија, но тие многу малку се искористени.
  • За да не ја доживееме приказната на штурецот и мравката, многу домаќинства и објекти веќе направија промени.
  • Експерти од областа направија калкулатор кој е бесплатно достапен за секој да може да пресмета и да дојде до идеалното решение.

Високи сметки, студени соби и големи главоболки. Добрата вест е дека тешката зима е зад нас, лошата е дека за неколку месеци студот повторно ќе ни тропне на врата. Може ли сами да направите правилна проценка кој е најефикасниот начин за загревање на вашиот дом и во што е најкорисно да инвестирате за да имате поспокојна зима?

Се потрудивме да собереме совети од искусни професори, но и од успешни примери. Професорот Антон Чаушевски ги посочува основните промени кои се неминовни за енергетска ефикасност на домот.

„Долгорочното решение се две мерки – енергетска ефикасност да се воведе во тие објекти, да речеме, да се сменат прозорци, врати. И друго е да се направат фотоволтаични системи на покривите кадешто е тоа можно, колку е можно по инсталирана снага во киловати“, вели универзитетскиот професор Чаушевски.

Фотографија од мајстори кои местат фото-волтаици на покрив на индустриски објект.

За да се вложи во соларни панели, мора да се знае колкав е сончевиот капацитет на објектот

Македонија е земја со многу сончеви денови, па оттаму и соларните панели можеби беа најфаворизирани од експертите и властите. Но, доцент доктор Ванчо Аџиски од Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ вели дека за да се вложи, за инвестицијата да биде исплатлива, мора да се знае колкав е сончевиот капацитет токму за тој објект. Ова е особено важно по хаотичното градење низ државата.

„Важен параметар е и падот на сенката. Во повеќето урбани средини може да се случи повисоките објекти да генерираат сенка на пониските објекти и овде во студијата го предлагам и тој чекор, се прави засенченост на областа која ја проучуваме“, вели професорот Аџиски.

 Други параметри на кои мора да се внимава се правилен наклон односно ориентација кон сонцето, правилен наклон на покривот, површината не треба да биде помала од 10 метри квадратни… Но, она што е тука проблем е загубата на енергија и енергетска ефикасност. Односно сонцето ни овозможува поголема продукција, а ние немаме начин како да ја складираме, па така ја губиме енергијата од и така ограничените извори.

Фотографија од ХЕЦ „Матка“

По сонцето, следен ресурс кај нас е водата

По сонцето, следен ресурс е водата. Бидејќи на хидропотенцијалот на реките не можеме да се потпреме, акцентот го ставаме на геотермалните води. Тоа се топли води од внатрешноста на земјата, обновлив и еколошки извор на енергија. Македонија е релативно богата со овој ресурс, иако искористеноста е прилично слаба.

„Еден метар кубен геотермална вода заменува 5,4 килограми мазут. Секако дека овој податок покажува дека е поисплатливо да се грееме со геотермална вода, вели Сашко Иванов, раководител на „Геотерма“ при КЈП Водовод – Кочани.

За заштита на човековото здравје и животната средина, светот тежнее кон декарбонизација. Во секторот греење,  таа ќе се одвива по две линии. Прво, доколку во неколку региони има доволно топлински конзум, има доволно густо населени домаќинства со голема потреба за греење, таму е пожелно да се оди со дистрибутивна мрежа за топлина, односно за централизирано греење.

Во оние региони каде што нема доволен топлински конзум, со помалку згради, а доминанто индивидуални објекти  куќи, таму фокусот треба да биде на технологијата што се нарекува топлински пумпи. Она што треба да се нагласи е дека во декарбонизирани енергетски системи за греење – нема место за гасот.

„Преку централизираните системи за греење и ладење може да се вметнат многу обновливи извори на енергија, како што се геотермална, сончева енергија, но исто така и да се искористи отпадната топлина од другите енергетски трансформациски процеси. Додека, пак, топлинските пумпи од една страна се поефикасни технологии, значи придонесуваат кон поефикасно користење на енергијата, од друга страна се основа за така наречениот процес на електрификација на топлинскиот сектор. Што значи тоа електрификација? Се користи струја за греење, но како тоа би довело до декарбонизација? Ако користиме струја, тогаш можеме да користиме и зелена струја, струја од обновливи извори на енергија, како што се сонце и ветар, кои што се сега веќе релативно евтини технологии и кои што ќе овозможат преку користење на струја, да донесеме што е можно повеќе обновливи извори на енергија и во топлинскиот сектор“, вели Наташа Марковска од МАНУ.

Фотографија на која се гледа мајстор како мести бојлер поврзан со цевки.

Промената на системот носи многу повеќе од само финансиски придобивки

За да не ја доживееме приказната на штурецот и мравката, многу домаќинства и објекти веќе направија промени.

„Греењето на овој стан беше предвидено со 24 киловатен електричен котел. Поставивме четири киловатна топлинска пумпа. Очекувањата беа дека на годишно ниво, трошоците за греење ќе бидат околу 300 евра. Оваа година, имајќи предвид колку беше надворешната температура, заклучно со март трошоците излегоа 250 евра“, вели Иван Димов, кој ни го раскажа неговиот успешен пример.

Иако градинките и училиштата имаа сизифовски маки годинава да ги покријат трошоците за загревање, сепак, промената на системот носи многу повеќе од само финансиски придобивки.

„Направена е нова кровна конструкција, сменети се прозорите на градинката и направена е нова фасадна изолација. Заменет е стариот котелски систем за нов систем – термални пумпи вода-воздух кои што се со 112 киловати снага на греење. Со тоа добивме поекономично и поквалитетно греење, помала потрошувачка на енергија и што е најважно го намаливме загадувањето од ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките, а со тоа и условите во градинката се многу подобрени“, ни објасни Соња Јанческа, директорка на ЈОУДГ „Пролет“, објект „Сончогледи“.

Покрај тоа што фосилните горива се штетни за животната средина, тие и ќе се потрошат. Токму поради овие факти треба да размислуваме во насока на заштеда на енергија и користење на обновливи извори на енергија.

За да одлучите кој е идеален за вашиот дом, може да помогне и калкулаторот кој го направија експерти од областа за проектот „Replace“ и е бесплатно достапен за секој да може да пресмета и да дојде до идеалното решение.

Она што е важно да се знае кога се инвестира во промена на системот за греење е дека секој систем не одговара на секој објект. Затоа е потребна анализа и консултации на условите што ги имаме.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Снимател: Марјан Петковски
Монтажа:
Ристо Душковски