Европа на крстопат: Електрични возила на патиштата
Транспортот е одговорен за 30 насто од вкупните емисии на стакленички гасови во Европската Унија, според податоците од Европската агенција за животна средина. Речиси две третини од нафтата што се користи во ЕУ се троши за транспорт. Глобалната емисија на јаглерод од патничките автопатни возила изнесувала 2,5 гигатони во 2000. година, а до 2018. година пораснала на 3,6 гигатони. Поради константниот пораст на загаденоста, на рамниште на Европската Унија постигнат е договор околу законот за ефективна забрана за продажба на нови автомобили на бензин и на дизел, а со почеток од 2035. година, којшто ќе овозможи забрзан премин кон електрични возила.
Законот за ефективна забрана за продажба на нови автомобили на бензин и на дизел од 2035. година, претставува дел од поширок легислативен пакет за новите политики на унијата, наречен Fit for 55, осмислен да ги исполни целите за намалување на стакленичките гасови за најмалку 55 насто до 2030. година, а сето тоа заради остварување на еколошката цел на ЕУ, со којашто се предвидува Европа до 2050. година да стане првиот климатски неутрален континент. Според договорот, сите нови автомобили и комбии регистрирани во Европа ќе имаат нулта емисија на гасот CO2 до 2035. година. Заради таа цел, просечната емисија од новите автомобили ќе се намали за 55 насто до 2030. година, а од новите комбии за 50 насто до 2030. година, споредено со нивоата од 2021. година. Оневозможена е, значи, понатамошната продажба на нови возила на фосилни горива на територијата на ЕУ по наведениот временски рок.
Во моментов, во Европската Унија има 560 патнички автомобили и 81 комерцијално возило на 1.000 жители. Во 2020. година, бројот на патнички автомобили во ЕУ пораснал за 1,2 насто во споредба со 2019. година, со вкупно 246,3 милиони автомобили на патиштата. Ширум унијата, во употреба се речиси 29 милиони комбии и над 680 илјади автобуси, од коишто автобусите на дизел сочинуваат 93,5 насто, со само 0,9 насто автобуси на електрични батерии и 1,4 насто хибридни електрични автобуси. На патиштата има повеќе од 6,2 милиони средни и тешки комерцијални возила, што претставува зголемување од 1,7 насто во однос на 2019. година. На дизел функционираат и 96,3 насто од сите камиони во унијата, додека бензин користат помалку од 1 насто. Само 0,24 насто од камионите на патиштата во унијата имаат нулта емисија на штетни гасови, што во споредба со 2019. година претставува речиси незабележливо подобрување од 0,04 насто. Лесните комерцијални возила со дизел погонски мотор и понатаму се доминантни во сите земји членки. И покрај порастот на продажбата забележана во последниве неколку години, патничките автомобили на алтернативен погон и понатаму сочинуваат само 5,3 насто од вкупниот возен парк во унијата. Електричните автомобили на батерии и plug-in хибридните возила сочинуваат само 0,5 насто, односно 0,6 насто од возниот парк, додека 1,2 насто од сите автомобили на патиштата во унијата се хибридни патнички автомобили.
Проблеми: Црвена светилка на патот
Несоодветната инфраструктура за полнење на електричните возила е очигледен проблем во новопостигнатиот договор, со оглед дека половина од постојките за полнење во Европската Унија се распоредени во само две држави членки, во Германија и во Холандија. Потенцијалните идни стотини милиони нови електрични автомобили ќе подразбираат стотини милијарди киловат часови дополнително производство на електрична енергија, особено од обновливи извори, што може да биде предизвик за добавувачите на електрична енергија. Со оглед на усвоениот REPower plan EU и снижените критериуми за заштита на животната средина, а со цел да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, предизвик може да претставува и спроведувањето еколошка политика на сметка на самата животна средина. Електричните возила се проблематични и за електричната мрежа, зашто потенцијално доведуваат до нејзина нестабилност, што понатаму претпоставува дополнителни вложувања за надградба на постојната инфраструктура, којашто би поддржувала масовна потрошувачка на електрична енергија.
Забраната на автомобили на бензин и на дизел ќе влијае само врз продажбата на нови возила, додека купувањето и продажбата на користени автомобили со мотори со внатрешно согорување и понатаму ќе биде возможно. Конвертирањето возила во електрични е изведливо, но е неисплатливо. Се очекува дека вредноста на користените автомобили со мотори со внатрешно согорување ќе доживее удар како што побарувачката ќе опаѓа и како што ќе расте популарноста на еколошките правила. Демонтирањето стари возила со мотор со внатрешно согорување е можно, но и реткост. Затоа, стари автомобили почесто завршуваат на товарни бродови и поаѓаат подалеку низ синџирот на вредноста. Стари возила од западна Европа најмногу се праќани во источна Европа, од каде на крајот од својот функционален век се транспортирани кон Африка. Помеѓу 2015. и 2020, година, потрошувачи ширум светот купиле 10,2 милиони електрични возила. Во текот на истиот временски период се извезени 23 милиони користени лесни возила, односно автомобили, комбии, теренски возила и камионети. Две третини од користените возила се транспортирани кон земји во развој, а според Програмата на Обединетите Нации за животна средина. Според овој начин, растот на продажбата на електрични возила во развиените држави претпоставува опаѓање на квалитетот на животната средина во земјите во развој. Во периодот од 2015. до 2020. година, Европската Унија била најголем извозник на користени лесни возила.
Заштита на животната средина: Предимство за премин
Во согласност со стремежите за намален јаглероден отпечаток, многу производители на автомобили најавија вложувања во електрификација на возила, што со текот на времето би требало да води кон попристапни цени. Дотогаш, државите ќе ја поддржат планираната транзиција со помош на даночни олеснувања и со други видови еколошки поттици. Меѓутоа, менувањето возила на дизел или бензин за електрично возило не е решение, во основа затоа што старо возило не исчезнува многу едноставно. Преместувањето на изворите на глобалното деструктивно загадување и, како последица од тоа, влошениот квалитет на воздухот во земјите во развој, можно е да биде решено со заедничка одговорност на увозниците и извозниците, како и со неизбежна промена на начинот на работа на автомобилската индустрија, и тоа со побавно производство на нови возила и со регулација на извозот и увозот на користени автомобили, коишто ќе ги регулираат својствата на возилата во контекст на оптималната заштита на животната средина.
Пакетот Fit for 55 на Европската Унија предвидува општествено праведна транзиција, којашто ќе ги засили иновациите и конкурентноста на индустријата во унијата, едновремено обезбедувајќи еднакви услови во однос на стопанствата на трети земји, како и да ја поддржи водечката позиција на унијата во глобалната борба против климатските промени. Во 2021. година, 15 држави од Економската заедница на западноафриканските држави усвоија директива којашто бара сите увезени возила да исполнуваат пропишани стандарди за емисиите на штетни гасови и на тој начин да се ограничи стапката на загаденост од возила коишто се продадени по 2005. година, при што е забранет увоз на возила постари од 10 години. Само шест држави од Европската Унија имаат автобуски возен парк којшто е стар најмалку 10 години. Од 146 држави во развој, коишто во 2020. година биле анкетирани во рамките на Програмата на Обединетите Нации за животна средина, 18 држави забраниле увоз на користени возила, додека 47 држави имале „добра“ или „многу добра“ политика за увоз на користени возила. Состојбата се подобри во 2021. година, кога 62 земји имале „добри“, односно „многу добри увозни политики“.
Западен Балкан: Вклучување во сообраќајот
Како земји кандидатки и потенцијални кандидатки за членство во унијата, државите од западниот Балкан имаат обврска сопствените еколошки политики да ги прилагодат на новата климатска цел на Европската Унија, во облик на прописи во областа на климатската и енергетската политика, како и на последователните трансформации на своите стопанства и општества. Затоа, сосема е извесно дека продолжувањето на патот кон членство ќе биде исполнет со предизвици, но и поплочен со поттици. Со оглед на влијанието коешто возилата на бензин и на дизел го имаат врз квалитетот на воздухот, потенцијалното остварување на зацртаните еколошки цели е најголемиот поттик за земјите од регионот, каде што загаденоста на воздухот во моментов предизвикува околу 30 илјади предвремени починувања годишно, според проценката на Европската агенција за животна средина.
Автор: Јелена Јеремиќ
Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.