fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
odrzliva potrosuvacka i proizvodstvo naslovna

Одржлива потрошувачка и производство – од локална пракса до глобална цел

Од 2019 до 2023 година, 63 држави усвоија 516 регулативи во областа на одржливата потрошувачка и производство, со спроведување десетгодишна рамка која опфаќа лидерство на развиените земји и поддршка за земјите во развој. И покрај усвојувањето бројни еколошки легислативи, растот на употребата на ресурси, секојдневното фрлање огромни количества храна и континуираниот пораст на е-отпад, ги загрозуваат шансите за остварувањето на целите за одржлив развој, како на глобално, така и на регионално рамниште.

Во согласност со целта за одржлив развој број 12 на Обединетите Нации (ОН), до 2030. година потребно е, меѓу другото, да се преполови глобалниот отпад на храна по глава на жител на малопродажно и потрошувачко рамниште, како и да се намалат загубите на храна долж синџирите за производство и снабдување, опфаќајќи ги и загубите по жетвите.

Економиите од Западен Балкан бележат постојан пораст на производството на отпад по глава на жител, што претставува значаен предизвик за ефикасно управување со отпад во регионот и додава дополнителен притисок врз веќе оптоварените ресурси, инфраструктура и екосистемите.

Во 2022 година, глобално, биле фрлени 19 отсто од храната (1,05 милијарди тони), при што 60 отсто од отпадот дошле од домаќинства, а 13,2 отсто од храната биле изгубени во текот на жетвите, транспортот и складирањето.

Иако намалувањето на отпадот е клучно за преполовување на фрлањето храна до 2030 година, до кога би требало да ги оствари поставените еколошки цели, само 9 од 193 земји го внесле овој проблем во своите национални придонеси. Меѓутоа, во лошата глобална пракса, се истакнуваат светли регионални примери. На пример, компанијата „Суниленс“ од Македонија успешно вложува во рециклирање на масло за готвење. Компанијата собира, складира и рециклира користени масла за јадење од урбани и рурални средини.

Хемикалии и отпад

Втората цел е да се постигне еколошки прифатливо управување со хемикалии и отпад, во согласност со договорените меѓународни рамки, како и значително да се намали нивното испуштање во воздухот, водата и земјиштата, за да се намалат нивните негативни влијанија кон здравјето на луѓето и кон животната средина.

Од 2015 до 2022 година, домашната потрошувачка на материјали (DMC) и материјалниот отпечаток (MF) во регионот на Западен Балкан, покажаа значителни промени. DALIs параметрите (метрика што комбинира години на живот изгубени поради прерана смрт и години на живот изгубени поради инвалидитет) покажуваат дека Босна и Херцеговина се соочува со големи предизвици, додека Македонија и Албанија, исто така, имаат значителни потешкотии. За Србија и за Црна Гора не се достапни податоци. Покрај емисиите од производството, емисиите за загаденоста на воздухот поврзани со увоз на стоки и услуги, исто така, се преведуваат во DALIs, а податоците потврдуваат дека сите земји во регионот имаат потешкотии при остварувањето на глобалната подцел, додека за Црна Гора недостасуваат податоци.

odrzliva potrosuvacka i proizvodstvo 1

Следниот предизвик е одржливо да се управува и ефикасно да се користат природните ресурси, како и значајно да се намали создавањето отпад по пат на превенција, намалување, рециклажа и повторна употреба.

Иницијативи од земјите во регионот, а за унапредување на зачувувањето ресурси, се соочуваат со недостаток од правни правила или нивна имплементација. Високото рамниште на потрошувачката на енергија, лошото управување со водите и загаденоста на почвата, покрај финансиските и институционални предизвици, дополнително ги отежнуваат напорите за унапредување на ефикасноста на користењето ресурси.

На тнр. „најлон“ пазар во Нови Сад, Србија, поединци веќе со децении продаваат предмети кои во текот на седмицата ги собираат кај градските контејнери. Иако првенствено водени од потребата за економска егзистенција, тие несвесно придонесуваат за одржливо управување со ресурси и намалување на отпадот. Собирањето, чувањето и понатамошната дистрибуција на отфрлени предмети, значително ги поддржуваат начелата на повторната употреба, со што се остварува позитивно еколошко влијание. Парадоксално, нивните напори често имаат поголемо значење за одржливо управување со отпадот, одошто активности на локални специјализирани компании во областа на циркуларната економија.

odrzliva potrosuvacka i proizvodstvo 2

Во 2022 година, производството на е-отпад во Западен Балкан порасна на 7,8 килограми по глава на жител, во споредба со 6,2 килограми во 2015 година, додека само 1,7 килограми е-отпад се правилно управувани. Лошото управување со е-отпад води кон губење ресурси и зголемена опасност за животната средина.

Количествата отпад што се собирани од општинските власти покажуваат значителни предизвици за Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, додека и Албанија и Црна Гора имаат големи потешкотии, при што Црна Гора се соочува со исклучително големи предизвици.

Во поглед на отпадот од електрична и од електронска опрема, Србија, Македонија и Босна и Херцеговина ги постигнале целите, додека Црна Гора и Албанија сѐ уште се соочени со предизвици.

Практики за одржливи јавни набавки

Следната цел е да се поттикнуваат компаниите, особено големи и транснационални компании, да усвојат одржливи практики и да интегрираат информации за одржливост во својот циклус на известувања, како и да промовираат практики за одржливи јавни набавки, во согласност со национални политики и приоритети.

Иновациите во компании се клучни за одржлив развој. Во Западен Балкан постои голем потенцијал за развој на рециклажна индустрија, со над 400 мали и средни претпријатија, 20 фабрики и 20 илјади поединци вклучени во индустријата за рециклажа, иако во регионот од 6 милиони тони отпад годишно се рециклирани само 1,8 милиони тони.

Многу земји од регионот воведуваат задолжително известување за одржливо работење на компаниите, вклучувајќи ги и земјите од регионот, па така 73 отсто од компаниите во 2022 година објавиле извештаи за одржливост, што е двојно повеќе одошто во 2016 година. Известувањето за одржливоста им овозможува на фирмите да го прикажат својот придонес, а на инвеститорите да ги препознаат одговорните компании.

odrzliva potrosuvacka i proizvodstvo 3

Еден од главните проблеми при достигнувањето на целите е нивото на свеста и неинформираноста на жителите на регионот, што сите иницијативи и легислативата ги прави беспредметни.

Затоа неопходно е да се обезбеди луѓето насекаде да имаат релеванти информации и свест за одржливиот развој и одржливите практики.

Само во врска со глобалната цел 12 на ОН, меѓу останатите, недостапни се информации и анализи за врските помеѓу опкружувањето на Западен Балкан и глобалната промена на животната средина, односно климатските промени и губењето на биодиверзитетот. Недостасуваат и податоци за количеството на цврстиот комунален отпад (MSV), вклучувајќи го и домашниот отпад, што не се рециклира ниту се компостира во регионот.

Вистинити и ажурирани податоци за моменталната состојба на животната средина се основна претпоставка за одговорно управување со ресурси, обликување одржливи политики за зачувување на екосистемот и вклучување на граѓаните во зелената транзиција.

Автор: Јелена Јеремиќ

Фотографии: Pixabay

 Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.